По две децении во власта, од кои последните 16 години во непрекината низа, ДУИ не може да се помири со компонирање влада во која таа нема да учествува. Оттаму уверуваат дека воопшто не е клучно прашањето дали тие ќе одат во опозиција, туку каде оди државата и зошто се изборите, ако се игнорира мнозинската волја на граѓаните, кои со нивниот глас ја направиле ДУИ втора сила во државата.
И во двата аспекта, од ДУИ не се искрени. Европски фронт е мултиетничка коалиција, исто како што е коалицијата и на ВМРО-ДПМНЕ. И тука нема ништо проблематично, освен кога ДУИ се обидува, согласно потребата, резултатот на коалицијата да го претставува на два начина: еднаш како изборна волја на „граѓаните“, еднаш моноетнички, како изборна волја на „Албанците“. Само што во купчето гласови на Европски фронт сега не се знае колкава е нивната волја.
Второво го употребува кога ѝ е битно да потенцира дека тие се легитимни претставници на Албанците, а не „нелегитимните Албанци“, како што ги нарекоа од Вреди, кои му го узурпирале заслуженото место на Европски фронт во владата. Држат лекција дека граѓаните ги избираат учесниците во власта, а не идниот мандатар според лични преференции.
Еднаш важи, еднаш не
Според Уставот, мандат за состав на влада добива кандидат на партија или партии што имаат обезбедено мнозинство од 61 пратеник. Јасно е дека принципот победник со победник по кој ламентира ДУИ, не може да важи во секоја ситуација, затоа што не се важни само резултатите, туку и програмското совпаѓање, идеолошката блискост, претходни искуства во соработка на локално ниво и централно ниво, фреквентноста во комуникацијата во неизборен период итн.
Па, кога ќе се постави прашањето – што ја одредува релевантноста на еден политички субјект ако не изборните резултати, треба да се има предвид дека релевантноста ја чини и минатиот труд, грешките и резултатите, респектот, влијанието и довербата.
На пример, во 2017 година, мандатарот Груевски од ВМРО-ДПМНЕ го покани ДУИ повторно да им биде партнер во владата, но, и покрај разговорите, Мала Речица на крајот се оглуши. ДУИ јавна на растечкиот бран за промени и ослободување на заробената држава, реши да стане агенс за паѓањето од власт на ВМРО-ДПМНЕ и да се изземе себеси од дотогашната коодговорност, видлива и низ малиот број освоени мандати (10).
Иако ВМРО-ДПМНЕ, дури и со разнишани позиции, освои повеќе пратенички мандати од СДСМ (51-49), за ДУИ беше јасно дека принципот победник со победник не ѝ носи политичка дивиденда ни пред домашната, ни пред меѓународната јавност, и партијата од Речица си го избра својот пат со СДСМ. Тогаш не ѝ беше важен тој принцип.
Невидливиот „канон“
Сега ситуацијата е обратна. Сакајќи да опише колку е битно тој принцип да се почитува за да се спречи мајоризација, функционер на ДУИ јавно предупреди дека утре може да се случи Левица како победничка партија да избере за партнер во власта албанска партија што освоила само еден пратенички мандат, и да смета дека со тоа е претставена волјата на Албанците.
Лицемерно е што вакви примери се раскажуваат еднострано, со укажување на еден можен екстрем. Истиот функционер не кажа што би правела ДУИ во претпоставена ситуација, кога изборните резултати неа би ја насочиле кон коалицирање со евентуално победничка Левица.
Ќе инсистира ли ДУИ и тогаш на принципот победник со победник, или ќе објаснува дека со Левица немаат ниту една заедничка точка околу која би се согласиле, до толку што и нивната кандидатка за претседател, Билјана Ванковска не доби дури ни покана за ифтар од нивниот кандидат Бујар Османи.
Може ли партијата со мото „Не за Русија, да за Европа“ врз крилата на еден принцип од т.н. Мајски договор да полета во владина коалиција со партија што беше претставена како класичен антипод на сѐ за што се залага ДУИ? Сигурно не. Тогаш, каква смисла би имал споменатиот принцип?
Затоа еднаш мора да се стави крај на политички „канони“ пишувани пред две децении за решавање ад-хок ситуации, кои потоа се третираат како врежани во камен. Всушност, воопшто и не знаеме дали и каква тежина има тој документ, бидејќи Мајскиот договор со децении функционира како Дедо Мраз – сите зборуваат за него, а никој не го видел.
Не беше јавно објавен, партиите по потреба мафтаа со наводни копии од него, а дипломати во 2007 година изјавуваа дека Мајскиот договор не е за да се договори начинот на кој ќе се формира влада, туку за да се врати дијалогот во Собранието, кој тогаш беше нарушен.
Никола Груевски отфрлаше постоење таков договор, тврдејќи дека веројатно се работи за некаков записник од разговори, кој ниту е потпишан, ниту може да има каква било тежина на документ. До денес немаме потврда дали и тоа е точно.
Јас, па јас
Поголемиот проблем за кој ДУИ мора да размисли, е како се доведе во ситуација да биде непосакуван партнер. Одговорите лежат во изминатите две децении и неприфатливиот манир да повлекува знак на еднаквост меѓу ДУИ и Албанците. Ако го критикуваш ДУИ, ги критикуваш Албанците. Ако губи ДУИ, губат Албанците. Или, сѐ што добиле Албанците е благодарение на ДУИ.
Политиката „јас, па јас, и само јас“ им ја испорача фактурата. Оние што тие сега ги нарекуваат „нелегитимни Албанци“, беа многу легитимни кога требаше да го крепат мнозинството на владата на СДСМ и ДУИ. Кога од Мала Речица сега се жалат за прегласувањето во Желино, нека се сетат дека на локалните избори тие испорачаа најмногу приговори за гласачки места во Желино, со што предизвикаа огромен револт кај Беса.
Ако не се сеќаваат, може да ги потсети Аријанит Хоџа, кој денес е во Европски фронт, а тогаш изјавуваше: „Желино, во кое се роди една партија (Движењето Беса), може да биде и Желино што растура една влада“. Беса набргу излезе од владата, а влезе Алтернатива. Кога Алтернатива излезе, влезе Алијанса за Албанците. На крајот и Алијанса ја напушти владата. Па, ја поделија на две.
Сите овие партии, ДУИ безмислосно ги потроши за таа да биде константа. За интегративците беше најважно да се во власта. Ако не се „Тито“, барем да се неприкосновени како „Јованка“. И токму тие ги „научија“ другите партии дека треба да се обединат против монополот на ДУИ.
Тоа што пред три години почна во Желино, сега на истото место заврши со голем реванш. Една власт за малку ќе паднеше поради Желино, друга сега доби таму пратенички мандат повеќе. Како во животот, така и во политиката, сѐ се враќа, сѐ се плаќа.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија