Веќе од денес нема да има дрога по улиците на американските градови, а народот на Венецуела веќе ги чувствува придобивките од новата благосостојба. Враќањето на парите од „украдената“ нафта е само бонус. Ваков заклучок може да се добие од изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп по американската молскавична воена акција во Венецуела и апсењето на нејзиниот претседател Николас Мадуро, заедно со неговата сопруга Силија Флорес.
Претседателската брачна двојка уште денес би требало да се појави пред Федералниот суд во Њујорк под обвиненија за нелегална трговија со дрога и водење нарко-картел.
Токму овие обвиненија, според визурата на Трамп, се легалната основа за „големиот напад“ (како што оваа акција ја дефинира самиот Трамп) врз Венецуела. Имено, според американското законодавство, организираната нелегална трговија со наркотички средства се смета за тероризам, а со терористите, нели, нема скрупули и јалово следење на правните принципи (случајот со убиството на Осама бин Ладен во Авганистан или на иранските главешини во Ирак).
Преседани
Тоа, се разбира не е прва, а како што стојат работите нема да биде ни последна воена интервенција на САД во Латинска Америка, но секако е своевиден преседан, затоа што е изведена исклучиво по наредба на еден човек. Игнориран е американскиот конгрес, кој би морал да биде барем информиран за употребата на војската надвор од границите на САД, а секако не се консултирани ниту сојузниците од НАТО.
Преседанот е во тоа што, според објаснувањето на американскиот претседател, војската е тука само припомош на истражните органи при апсењето на „нарко-терористот.“ Тоа во превод значи дека против секој политички противник на внатрешно или надворешно поле, Министерството за правда (повторно по наредба на претседателот) може да покрене вакво или слично обвинение и така да му ги одврзе рацете на Трамп да манипулира со војската онака како што тој смета.
Николас Мадуро е класичен латиноамерикански диктатор, корумпиран самодржец, безмилосен кон политичките противници и крадец на сопствената нафтена индустрија
Можеби најслична акција на оваа беше нападот на Панама кон крајот на 1989 година, кога Американците го уапсија панамскиот диктатор, генералот Мануел Нориега под исти обвинувања за организирана нелегална трговија со дрога.
За секоја информација што би довела до апсење на овој дотогашен американски сојузник (долги години беше на платниот список на ЦИА, при што самиот Нориега на судењето тврдеше дека од нив примил десет милиони долари), американските власти тогаш ветија награда од милион долари. За иста таква информација за Мадуро сега беше распишана награда од педесет милиони долари.
Еве еден фан факт, што би се рекло на чист македонски, од апсењето на Нориега. Тогаш диктаторот се крие во амбасадата на Ватикан. Кога тоа го разбираат Американците, ја обиколуваат амбасадата и деноноќно пуштаат – прегласна рок-музика! Станува збор за психолошки притисок, бидејќи е познато дека Нориега е голем љубител на – класичната музика. Третиот ден од оваа „опсада“, Нориега им се предава на американските маринци.
Од „поновите“ инвазии во Латинска Америка ќе ја споменеме и онаа на Гренада од 1983 година, кога САД со симболична помош на некои латиноамерикански држави, го урна режимот на просоветскиот диктатор Хадсон Остин. И тука постои една апокрифна легенда, според која американските војници што извршиле десант врз Гранада имале прилично застарени топографски карти, така што практично се изгубиле на теренот, па морало да купуваат автокарти на блиските бензински пумпи.
Се тврди дека од тогаш, па наваму, ЦИА ги има најдобрите топографски карти на сите земји на светот. Како и да е, тогаш агресијата врз Гренада предизвика речиси еднодушна осуда во светот. На пример, Генералното собрание на Обединетите нации, со 108 гласови „за“ и девет „против“ изгласа резолуција, со која се осудува американскиот напад.
Ќе остане симптоматична изјавата на тогашното американско Министерство за надворешни работи, во која се вели дека е „тажно што Обединетите нации осудуваат акции, извршени од хуманитарни причини за да се спасат невини човечки животи и да се заштитат човековите права.“
Ова идентично оправдување од тогаш ќе се користи за речиси секоја американска воена интервенција во некоја друга земја.
Демократија и нафта
Долга е интервенционистичката историја на САД во земјите на Латинска Америка. И секогаш таа се правда со веќе двовековната Монроова доктрина (според петтиот американски претседател Џемс Монро). Главните постулати на оваа доктрина се дека САД нема да дозволат никакви „надворешни“ влијанија на западната хемисфера, односно нема да дозволат повеќе ниту една европска земја да стапне на тлото на Јужна и Северна Америка.
Стриктно гледано, во рамките на оваа доктрина влегуваат и американските аспирации кон Гренланд, па и изјавата на Трамп дека сака да ја види Канада како 51-та држава на САД.
Во Монроовата доктрина, се разбира, може да се смести и актуелната инвазија врз Венецуела. Венецуела е верен сојузник на Русија на Путин, со која има потпишано и договор за заедничка одбрана. Некои известувачи тврдат дека руски иљушин со капацитет од 200 луѓе веќе слетал на аеродромот во Каракас. Дури и се спомнува дека станува збор за руската паравоена единица „Вагнер“, што, сепак, во оваа констелација на состојбите изгледа малку веројатно.
Што би рекол еден циник, секогаш кога САД сакаат да воведат демократија некаде, случајно наидуваат на – нафта
Од друга страна, Кина веќе извесно време е најголемиот трговски партнер на латиноамериканските држави, што никако не може да му биде по волја на Трамп. Конечно, и Венецуела, најголемиот дел од својата нафта ја извезува токму во Кина. Трамп засега гарантира дека тој извоз ќе продолжи, само што овојпат славината е во негови раце.
Кога сме веќе кај нафтата, таа најчесто се спомнува како вистинска причина за американската воена акција. Точно е дека Венецуела поседува една петтина од досега регистрираните светски резерви на нафта, но има тука и други фактори. Венецуела ја поседува таканаречената „тешка“ нафта, онаа што се користи за битумен, асфалт, мазут и други тешки горива.
Таа, од една страна, е поевтина од „лесната“ нафта, а, од друга, за нејзина обработка, потребна е пософистицирана и поскапа технологија. Во моментов, Венецуела произведува 0,8 проценти од светското производство и проценките се дека ако во овој момент сосема се прекине со производство, светскиот пазар нема да го забележи тоа. Да, има потенцијали во овие ресурси, ама тоа ќе значи сериозни вложувања, првенствено во пари, а потоа и во стручни кадри. Или, што би рекол еден циник, секогаш кога САД сакаат да воведат демократија некаде, случајно наидуваат на – нафта.
Она што мора да се признае е дека начинот на кој е изведен ударот врз Каракас предизвикува вистинска стравопочит. Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, уште на почетокот на вториот мандат на Трамп им порача на европските лидери дека „се појави нов шериф во градот.“ А Трамп само ја потврдува таа констатација. Не треба многу добра волја, самоволниот упад на туѓа територија и киднапирањето на еден легален странски претседател да се оквалификуваат токму како каубојски чин. И тоа баш од времето на Дивиот Запад.
Непознаница е иднината на Венецуела. Трамп вели дека САД ќе управуваат со таа земја сѐ додека не се обезбеди „безбедна“ транзиција, иако не е јасно како ќе го спроведе тоа.
Николас Мадуро е класичен латиноамерикански диктатор, корумпиран самодржец, безмилосен кон политичките противници и крадец на сопствената нафтена индустрија. Во негово време се случи најголемата хиперинфлација во Венецуела, а се проценува дека дури 80 проценти од жителите се на работ на сиромаштија.
Но, останува прашањето дали сево ова оправдува една „каубојска“ акција налик на оваа. Да не заборавиме, Венецуела, и покрај седумте милиони бегалци, е земја од безмалку 30 милиони жители. Покрај војската, вооружен е и голем дел од народот (она што ние би го нарекле територијална одбрана) и навистина е прашање дали транзицијата на власта може да помине лесно и без отпор. И прашање е дали во вакви услови, реално се можни фер избори.
И да не заборавиме, покрај Венецуела, во Латинска Америка се наоѓаат и Бразил, Колумбија, Чиле, Куба (за која Трамп вели дека наскоро многу сериозно ќе се разговара)… Сите шанси се каубојскиот филм да продолжи. А Нобеловата награда за мир? Зошто не?
И да не заборавиме. Македонија сесрдно ја поддржа агресијата врз Венецуела. Заедно со Косово и Албанија. Ах, да… И Израел.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија












