Кисело-весело

Вака некако на времето беседеше големиот македонски филозоф Влатко Стефановски: „Еееј, сите на оро. Раце дигнати, под мишки испотени. Стакло се крши од високи тонови. Земја се тресе од штикли и ѓонови. Свила и злато и свежи фризури. Пукаат копчиња на белите кошули. Нашите жени на маси искачени. Дојди да не сликаш вака насмеани. Кисело-весело, се менува времето. Кисело-весело по природа и општество…“.

Кисело

Нема некоја особена причина, ама оваа песна од првиот албум на триото на Влатко Стефановски, со прилично асоцијативен наслов „Каубојци и Индијанци“, упорно ми се врти низ главата. Велам дека не се тоа ни актуелните избори, иако можам да замислам како симпатизерите се фаќаат на орце по победата на нивниот кандидат Орце Ѓорѓиевски.

Не е тоа ниту победата на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани (и таму ли се фатија на орце?). Не е, значи, ниту целосната доминација на популистичкиот наратив на македонската политичка сцена. Не е, а, сепак, е сето тоа заедно. Кисело-весело по природа и општество.

Овие резултати можеби се добри за Христијан Мицкоски и за ВМРО-ДПМНЕ и секако ќе мора да го издржиме нивниот триумфализам во следниот период, но, тврдам, никако не можат да бидат добри за македонското општество. Со релативно мал процент од гласачкото тело, една партија, еве нека е и коалиција, добива апсолутна власт. Ваквата доминација, впрочем како и кај повеќето апсолутни и апсолутистички популистички власти, има тенденција да се претвори во таканаречено сенародно движење.

Овие резултати можеби се добри за Христијан Мицкоски и за ВМРО-ДПМНЕ и секако ќе мора да го издржиме нивниот триумфализам во следниот период, но, тврдам, никако не можат да бидат добри за македонското општество.

Тоа во превод значи дека македонскиот ентитет е, всушност, ВМРО-ДПМНЕ и мал број групи и поединци што не се вклопуваат во наративниот шаблон, па затоа треба, или да се превоспитаат, или да се елиминираат од јавната сцена. Тоа не е теориска премиса, тоа едноставно е неминовна закономерност за менталниот склоп на таканаречените народни партии. Таква е партијата на Александар Вучиќ во Србија, таква е на Орбан во Унгарија, таква е на Ердоган во Турција и таква е и ВМРО-ДПМНЕ.

Не гледам некои особени пречки, оваа прогноза многу бргу да се реализира. Опозицијата е и онака во некоја гроги-состојба, а ВМРО-ДПМНЕ нема причина да не ја дотепа до крај. Наспроти актуелното мантрање на владејачката партија, јас не би се изненадил Мицкоски во скоро време да распише вонредни парламентарни избори и да го искористи моментот целосно да ја „закопа“ опозицијата.

Нема да заборавиме дека ВМРО-ДПМНЕ се вистински мајстори на клиентелистичкиот пристап во политиката: вработувања, напредувања, пристап кон вносни бизниси, протекционизам… наспроти бркања од работа, деградирања, шиканирања, закани…И нема да заборавиме дека во менталитетот на македонскиот гласач е да ги „сака“ победниците. Тоа може конечно да се види и од резултатот на ВЛЕН.

Левица, пак, која се перцепира како најпријатно изненадување на скопските избори, е докажано прагматична партија. Таа и досега беше коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје. Нејзини членови се директори на неколку културни институции во градот.

Таа има свои претставници во управните одбори на градските јавни претпријатија. Не гледам причина зошто и во следниот период не би било така. Не е ова моментот кога треба да се предизвикува незадоволство кај истакнатите членови со одземањето на октроираните привилегии. Конечно, нивната мантра е дека системот се менува (читај: се урива) однатре.

Што значи тоа? Тоа значи прогон на сите неистомислечки, „моркови“ и „стапови“ за „послушните“ и „непослушните“ медиуми, скриена цензура, економски притисок врз „неподобните“, судски тужби против новинари и јавни личности… И целиот оној арсенал што веќе имавме можност да го почувствуваме на сопствената кожа и во претходните режими.

Тоа значи дека секаков тип „елитизам“ ќе биде проскрибиран, дека ќе се отвори фронт против „гнилите вредности“ на Западот, дека бугарското малцинство нема да влезе во Уставот, дека можеме да се збогуваме со Европската Унија. (Патем речено, во триумфалистичките изјави на победниците во изборната ноќ беа споменати речиси сите етнички групи во Македонија, беа спомнати Македонци, Албанци, Турци, Срби, Хрвати, Роми, Власи, Бошњаци…, само не беа спомнати Бугарите.)

Весело

Но, македонската јавност не се возбудува поради изборните резултати. Тие се примаат со некаква фаталистичка рамнодушност (таков беше и одѕивот). Што е – тука е. И со тоа треба да се живее. Ама не може да се преживее ако српската фолк-ѕвезда и очигледно миленичка на македонскиот плебс од сите политички и други провениенции, Светлана Цеца Ражнатовиќ ќе се наметне со бугарско знаме.

Одамна имам напишано дека знамето не е ништо друго, туку парче ткаенина што од некои ирационални причини предизвикува силни емоции кај луѓето. Оваа моја дефиниција главно се однесуваше за сопственото знаме, државното или кое било друго што означува припадност на некој човек кон некоја група. Толку возбуда за нечие туѓо знаме, па макар било тоа и бугарско е нов момент во македонската политичка култура.

Не, господо, не е проблемот во знамето, макар тоа да биде и бугарско. Проблемот е во тоа што Цеца Ражнатовиќ е симбол на пропаднатиот режим на воениот злосторник Слободан Милошевиќ

Ние, Македонците, без оглед дали ви звучи ова парадоксално или реално, не негуваме култ кон знамињата. Особено не кон туѓите. Имам безброј примери за ова тврдење. Знамето на една друга соседна држава се истакнува и на јавни службени настани, чествувања и прослави. Протоколот на Министерството за надворешни работи неретко ги греши знамињата на државите на високите гости што доаѓаат во посета на нашата земја. И ништо од тоа не е оценето како провокација. Или барем не како толкава провокација како тоа една претставничка на соседна субкултурна сцена ќе се наметне со бугарското знаме.

Не, господо, не е проблемот во знамето, макар тоа да биде и бугарско. Проблемот е во тоа што Цеца Ражнатовиќ е симбол на пропаднатиот режим на воениот злосторник Слободан Милошевиќ. Проблемот е дека е вдовица на еден од најозлогласените воени злосторници и високорангирани криминалци во поновата историја на Србија, па и во онаа на Југославија, Жељко Ражнатовиќ-Аркан.

Проблемот е во тоа дека е обвинета како помагач во атентатот на српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ. Проблемот е дека е судена и осудена за перење пари и финансиски малверзации. И, конечно, проблемот е во тоа што со нејзината музика шири идеолошки невкус и идеолошка и естетска реа.

Ама, не, тоа не е пречка да изиграме едно орце. И тоа во моментите кога илјадници српски студенти и граѓани се собираат во Нови Сад да ја обележат годишнината од падот на натстрешницата на тамошната железничка станица. Да оддадат почит на 16-те жртви, предизвикани од немар и корупција. (Ако заборавивме, вреди да се потсетиме дека меѓу овие жртви е и еден македонски државјанин.) И, конечно, да протестираат против апсолутистичкиот режим, чиј симбол е токму нашата радо видена и срдечно дочекана гостинка Светлана Цеца Ражнатовиќ.

Нам нема ништо да ни значи ни веста што стаса деновиве дека во Турција, 11 луѓе се осудени на повеќекратни доживотни робии поради катастрофалниот пожар што се случи на 21 јануари во едно турско зимувалиште. Во пожарот смртно настрадаа 78 луѓе (од нив 34 деца), а 137 се повредени. Во моментов, во Турција се слушаат протестни гласови затоа што меѓу обвинетите нема ниту еден од сојузните власти, конкретно од Министерството за туризам, кое, меѓу другото, е надлежно и за опожарениот хотел. И повторно се слушаат обвинувања за корупција на високо ниво.

Епилог

Во меѓувреме, некаде во светот се случуваат и некои други работи. Отворањето на најголемиот музеј на светот во близината на Каиро, Музејот на египетската цивилизација собра околу 80 светски државници (40 крунисани глави) и огромен број видни политички и јавни личности од целиот свет, па и од Балканот.

Во најскапиот музеј на светот (само неговата изградба чини една милијарда долари), меѓу другото, се изложени огромен број артефакти и експонати од тривековната македонска династија во Египет, династијата на Птоломеите.

Погодувате ли кој ја претставуваше Македонија и кој ја претпоставуваше следната престолнина на европската култура на овој величествен глобален собир? Никој, се разбира. Претседателката веројатно имаше поважна работа, премиерот беше во кампања, а министерот за култура и туризам играше некое орце славејќи ја величествената победа на неговата партија.

„Еееј, помина векот. Во глава ми бие тапан со подземен екот“, вели нашиот филозоф Влатко Стефановски во цитираната песна. Кисело-весело, се менува времето. По природа и општество.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија