Ни економијата, ни социјалата, ни здравството, ни образованието, или која било сфера не може да доживее рестарт, ако претходно не се направи ресет. Предлог-пограмата на владата ветува многу промени и развојни проекти, за кои се потребни и многу средства. Парите во државната каса не се неограничени, не извираат од некој невидлив извор, ниту растат на дрво, како што еднаш забележа Зоран Ставрески, критикувајќи ги енормните трошења на неговата влада за непродуктивни цели.
Владите се менуваат, но нема доказ дека се води строга сметка за начинот на кој се трошат парите на граѓаните. Проблемот станува уште поголем кога државното кесе дополнително ќе биде начнато од непредвидена и непредвидлива ставка, каква што предизвика корона- кризата.
Многу категории граѓани и фирми се вкалкулирани и во следните сет-мерки со кои треба да ги намалат последиците од Ковид -19. Сите тие се дополнителни, вонредни трошоци, кои може прилично да се одразат на развојните компоненти, на кои владата сака да го темели и оправда следниот четиригодишен мандат.
Ако едно семејство се соочи со каква било криза која ќе му го наруши домашниот есап и дотогашниот ритам на потреби и трошоци, семејството ги ревидира и ги адаптира приоритетите во согласност со новонастанатата состојба. Ако тоа се прави во таа примарна клетка, зошто не гледаме ист обид на колективно ниво – во семејството Македонија?
Привилегиите остануваат вградени како константен „фабрички дефект“. И тоа во време кога нивното отстранување треба да биде првиот лакмус, првиот сигнал дека нешто се менува
Дебатата што започна околу (не)оправданоста за избор на пет собраниски претседатели е само мал сегмент од проблемот. Дури и под претпоставка дека има некаква политичка потреба и економска оправданост парламентот да се екипира дури со пет потпретседатели, кои добиваат додаток на основната пратеничка плата и дополнителни привилегии, што да се каже за океанот од други избрани и именувани функционери во разни одбори и тела?
Сите тие, исто така, земаат надоместоци/додатоци, или се овластени со потписи, кои им овозможуваат набавка на службени возила, опремување службени простории, набавка на компјутери, телефони и други комуникациски алатки… Досегашната практика ни покажа дека секогаш го избираат најскапото, најлуксузното, дека многу лесно ги трошат парите на граѓаните.
Некои од нив (не баш мал број) имаат концентрирано толку функции во одбори и тела, кои мора да се бројат на прстите од двете раце. Тоа им носи приходи, кои според износот се соодветни на заработка остварена преку неколкугодишен тежок гурбет, а која тие ја оствариле со неподносливата леснотија од (не)присуство на ретки состаноци, со лојалност кон власта, која им овозможила да заседнат во фотелјите, и најчесто со минимум знаење за областа во која треба да дадат придонес.
Оваа армија на цицачи на привилегии најмногу ја потенцира функционерската каста, која се одвојува од остатокот на општеството, преку мoќта и привилегиите што им се дадени на уживање.
Разочарувачки е што уште на почетокот на мандатот на новиот собраниски состав и пред изборот на новата влада, не е видлива свест и потреба за менување на работите. Не е видлива политичка намера за окончување на практиката власта повеќе да се третира како извор на сопствени привилегии, отколку како сервис кој треба да овозможи и одржува услови за подобар живот на граѓаните.
За жал, по ова прашање не постојат спротивни и спротивставени краеви на политичкиот спектар. Достигнатото раскошно ниво на функционерски привилегии е резултат на збирот од сите мандатни достигнувања на разни коалиции, без разлика дали биле десни, леви, центристички и комбинирани…
Ова остава простор за оправдан сомнеж во реализацијата на проектираните планови за економски раст, за демократски напредок, грижа за сите, за ред и право… Ако од никаде не се скрати, од каде средства за сè што е ветено?
Се наметнува заклучокот дека е неважно со кои аргументи и ветувања се излегува од кампањата и се влегува во власта, ако и по сите најавени промени привилегиите остануваат вградени како константен „фабрички дефект“. И тоа во време кога нивното отстранување треба да биде првиот лакмус, првиот сигнал дека нешто се менува.
Достигнатото раскошно ниво на функционерски привилегии е резултат на збирот од сите мандатни достигнувања на разни коалиции, без разлика дали биле десни, леви, центристички и комбинирани…
Можеби, пак, трансформацијата на партиите станала толку „супстанцијална“, што тие веќе и не се чувствуваат како дел од политичката сцена, туку многу повисоко над неа, практично над сѐ, во тотална отуѓеност од реалноста. Тоа не е добра основа, ниту увертира за промени.
Лошо е кога јазот меѓу потребите и ветувањата ќе стане голем, а најлошо кога толку ќе се прошири, што практично ќе стане немерлив. Во моментов, кај нас тој јаз сè уште е мерлив, што значи дека не е изгубена шансата конечно да започне процесот за окончување на непродуктивните трошоци, кои течат низ бројните канали на привилегии.
Кога, ако не сега, кога здравствената криза веќе произведува бројни егзистенцијални последици и за фирмите и за граѓаните? Кога, ако не во постизборен период, кога уште ечи ехото од ветувањата за политики по мерка на граѓаните, а кои за такви политики го дале нивниот глас.
Што очекуваат партиите? Граѓаните само ревносно да гласаат, а потоа да не пречат со забелешки и критики до следните избори? Може и така, но во земји кои ниту сакаат, ниту ветуваат демократски вредности. Нашите партии ветуваа европска парспектива и највисоки демократски вредности.
Секое отстапување на граѓаните од употребата на политички инструменти со кои сe влијае на донесувањето одлуки и притисокот врз власта за реализирање на ветувањата, за рационално трошење на буџетските средства, ќе го храни концептот на минимална демократија.
Заложбата треба да биде сосема обратна – за максимална демократија: за максимална одговорност, за максимална отчетност, за максимална транспарентност и за минимум привилегии.