Кога батињата на Илон Маск ќе прозборат

Колумна на Ирена Цветковиќ

Наративите за „моторната пила“ на Илон Маск, кој на чело на Одделот за владина ефикасност (DOGE) агресивно ништеше владини агенции и програми за странска помош, ја преплавија македонската јавна сфера. За разлика од нив, последниот развој поврзан со судскиот случај против овој опскурен „баталјон“, особено исказите на двајцата момци дадени во текот на судењето, предизвикаа огромно влијание во светот, но не и кај нас.

По притисокот од јавноста, видеата од сведочењата на Џастин Фокс и Нејт Кавано, поранешни вработени во DOGE вклучени во спроведувањето на кратењата, беа јавно објавени и за кратко време се проширија и станаа вирални на интернет. Потрошив часови, слушајќи ги исказите на овие арогантни аматери за да не морате вие.

Во средиштето на наративот за укинување на сите проекти што беа етикетирани како DEI (различност, правичност и инклузија) стоеше идејата дека МАГА десницата и нејзините обожаватели се залагаат за принципот „според заслуги“ (меритократскиот принцип). Една година подоцна, балонот наречен МАГА против „левите лудаци“, не само што се издиша, туку и ја оголи сопствената празнина.

Братчињата од десно и нивните фанови од Македонија не разбираат дека она што, всушност, го заговараат е укинување на јазикот преку кој нееднаквоста е препознаена

Исказите на „бацињата“ на Маск покажаа дека тие поим немале што значи DEI, користеле Чат џи-пи-ти за да ревидираат комплексни проекти, гаселе сè што го содржи зборот „жена“ „црнец“ или „геј“ и не чувствуваат жалење затоа што тие само извршувале нечија наредба. Целта на овие кратења беше намалување на државниот дефицит, но на прашањето дали успеале, одговорот беше едноставен – не.

Она што, сепак, го постигнаа е отпуштање на најмалку 200.000 работници и прекин на најитната хуманитарна помош во повеќе кризни подрачја.

Овие самопрогласени воини на „напредокот заснован исклучиво на заслуги“ ја добиле оваа одговорна владина работна позиција без претходно релевантно работно искуство, без знаење или образование поврзано со работниот ангажман, или како што кажа еден од бацињата – ме вработи таткото на другар ми.

Бацињата вработени според „прави“ заслуги требало да ревидираат проекти, означувајќи ги за кратење доколку утврдат дека тие се дел од концептот на DEI. Во овој „масакр“ на DEI проекти се наоѓа, на пример, финансирањето на документарен филм што се занимава со траумите и животот на силуваните Еврејки во женските кампови за време на холокаустот. Бацето на Маск објасни дека овој проект е стопиран зашто се однесува на родово засновано насилство и затоа што промовирал гласови на маргинализирани идентитети.

Па тогаш, како е возможно една од најважните иницијативи на почетокот на мандатот на Трамп да е заснована на апсолутно непознавање на материјата, извршувана преку употреба на вештачка интелигенција и, конечно, неуспешна во својата намера да го намали државниот дефицит (сега дури е и поголем отколку пред кратењата и затворањата)? Зошто DEI беше првата и најлесна мета на Трамп, Маск и МАГА?

Мерит системот никогаш не бил објективен и неутрален. Она што се смета за заслуга секогаш е обликувано од социјалниот и од културниот капитал, поврзаноста со важни луѓе, историската привилегија

Војната против DEI, денес за разлика од минатата година, многумина ја читаат како политичка битка околу начините на кои нееднаквоста е легитимизирана, менаџирана и направена да биде широко прифатлива. Срцевината на оваа битка е исткаена од еден исклучително влијателен, а истовремено и погрешен наратив дека бришењето на DEI ќе ги воспостави наводно изгубените принципи на објективност и фер одлуки според заслугите.

Сепак, мерит системот никогаш не бил објективен и неутрален. Она што се смета за заслуга секогаш е обликувано од социјалниот и од културниот капитал, поврзаноста со важни луѓе, историската привилегија. Со други зборови, бришењето на DEI е DEI за бели мажи.

Укинувањето на политиките за различност, правичност и инклузија од страна на поддржувачите на МАГА беше претставувано како укинување на пристрасноста и бесполезните идентитетски категоризации и поместување кон една рамка на наводна универзалност и неутралност.

Братчињата од десно и нивните фанови од Македонија не разбираат дека она што, всушност, го заговараат е укинување на јазикот преку кој нееднаквоста е препознаена. Со елиминирање на категориите на род, раса и сексуалност се елиминираат и аналитичките категории и институционалните механизми за следење трендови на дискриминација и различен третман.

Тоа не е неутралност, туку бришење траги, затоа што кога нееднаквоста не е именувана, таа не исчезнува, туку станува помалку видлива, немерлива и сходно на тоа и непобедлива.

Во првите недели од „инвазијата против невладините“, јавноста беше преплавена со вести за наводно спасени и заштедени огромни суми. Дури и од највисоките нивоа се пласираа изјави дека секој Американец може да очекува чек, бидејќи „веќе не знаат што да прават со заштедените пари.“

Но, по неколку месеци, DOGE беше укинат, со образложение дека не успеал да го намали трошењето и јавниот долг, кој денес е дури и повисок отколку пред иницијативата.

Идеите за различност, еднаквост и инклузија, не само што сè уште се живи и потентни, туку сега веќе и отворени за можности на материјални и симболички промени

Ако лудувањата на Маск не доведоа до единствениот зададен резултат, се поставува прашањето зошто, всушност, беше потребен овој спектакл. Затоа што целта никогаш не беше да се заштеди. Една од најважните димензии на овој политички проект воопшто не е материјална, туку идеолошка и емоционална.

Таа уверува одредени групи, кои веќе уживаат релативна привилегија дека сè уште се легитимни, незаменливи и единствено важни за овој систем. Функцијата тука воопшто не е редистрибуција на средства и ресурси, туку стабилизација на постоечкиот систем.

И ова нè води до последната теза од одговорот зошто DEI беше прва и најлесна мета. Затоа што и самата либерална левица, различноста, правичноста и инклузијата ги сфаќаше како демократски декор. Ако се послужиме со категориите на Ненси Фрејзер, ќе видиме дека во најголем дел, она што е перцепирано како DEI, оперира исклучиво на ниво на препознавање, но не и редистрибуција, односно продуцира видливост, репрезентација, инклузивен јазик и институционални заложби, но не и структури на сопственост и поседување, дистрибуција на добра и ресурси, и контрола врз институциите.

За либералната левица, DEI претставува морален и естетски слој, кој им дозволува на институциите да се претстават себеси како правични, сигнализира заложби за еднаквост и продуцира легитимитет, без притоа фундаментално да ги трансформира структурите што ја создаваат нееднаквоста.

Конечно, DEI не беше најлесна мета затоа што беше слаба идеја, туку затоа што веќе беше припитомена, сведена на декор, кој никогаш не беше наменет да го наруши поредокот, туку да го украси. Оттука, идеите за различност, еднаквост и инклузија, не само што сè уште се живи и потентни, туку сега веќе и отворени за можности на материјални и симболички промени.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија