Бог се грижеше за ова дрво;
го спаси од суши, болести, лавини и илјада ветришта и поплави.
Но, не може да го спаси од будали
Џон Мјуер, шкотско-американски филозоф-натуралист
Будалата за која зборува Мјуер во Скопје има име и презиме и се вика Коце Дрвосек. Татко на градот по функција, очув за дрвјата и за луѓето по табиет. Од негова рака неделава паднаа уште неколку многулетни стебла што преживеаја суши, болести, ветришта и поплави, дури и такви што се случуваат еднаш на илјада години.
Ги снема сенките кај ГТЦ, исечени се спомените на многу скопјани, отидоа во граѓа гранките што го сокрија првиот бакнеж на многу генерации тинејџери, чии први љубови растеа на клупите под крошните што веќе ги нема.
Додека мудреците на Коце везден по улиците ни зборуваат за тврдокорноста, односно за тврдите корења и за староста на нашето македонско стебло, нивниот Коце старо стебло не остави, нема тврд корен што не го сотре во градов.
Треба на рамената да носиш празна дрвена тиква за да бидеш толку тврдокорен во омразата кон дрвјата. Град што секоја зима води мртва трка за најзагаден со Пекинг и со Тетово (комшиско дерби) да го оставаш без дрвја е самоубиство од заседа, со предумисла.
Додека мудреците на Коце везден по улиците ни зборуваат за тврдокорноста, односно за тврдите корења и за староста на нашето македонско стебло, нивниот Коце старо стебло не остави, нема тврд корен што не го сотре во градов
Да исечеш сѐ што е парк во градот и за неколку милиони евра да посадиш три врби среде Вардар и стотици палми кои не ја преживеаја ни првата скопска зима, освен што е дебел криминал, веројатно е и подебавање со здравиот разум на скопјани. Не знам дали ова е посаркастично или она зимоска кога Коце, за да ги намали ПМ-честичките во воздухот, отиде на работа со автобус, а неговиот возач со службениот автомобил возеше зад автобусот.
Дрвосечата на Коце, долгорочно, а богами и среднорочно, ќе го има истиот ефект како да го нападнал градов со хемиско оружје. Коце е Асад Башар за нашите деца. За нивните не секирајте се, тие ќе уживаат во Монте Карло или во Белизе под автохтони локални палми кога нашите ќе се гушат во смогот.
Но, не е сѐ толку црно и (дупло) голо. Длабоко убеден во народната мудрост на хомо македоникус уверен сум дека овие непријатни искуства со Коце дрвосек, од народниот мудрец ќе изникнат убави мисли, изреки и статуси за на фејсбук. Нашиот човек верува дека страв лозје чува, а парковите ги чува Фејсбук. Затоа секогаш кога има нов масакр на дрвја во градот, има зголемена активност на Фејсбук и Твитер за нивна одбрана.
Решив и јас со овие мои две раце да застанам цврсто на тастатурата во одбрана на дрвјата. Цепенков собираше народни поговорки, па додека Коце си цепи дрвја, јас решив да потсоберам грст мудрости што ќе останат длабоко врежани во тврдокорното стебло на Македонецот:
- Коце ни ора ни копа, само дрвја сече.
- Една прачка полесно се крши. За повеќе, потребен е Коце.
- Железото се кове додека е жешко, дрвото се сече ноќе, кога е темно (стара Коцева).
- Денес што можеш да исечеш, не оставај за утре (семе Коцево)
- Што ќе си посадиш, тоа ќе си береш. Освен Коце – тој „обра“ сѐ што други саделе.
- Кој на пролет сади, лете се лади. Кој на пролет сече, лете се пече. (стара скопска)
- Излези момче надвор на тераса, и види што сѐ ти соголе Коцевата раса. (нова навивачка, патриотска)
- Кој рано рани, сите дрвја ги граби. (Ко Це Тунг)
- Кој нема во главата, има во секирата.
- Убавиот збор железни порти отвора, грдиот – триумфални. (Коце Селимовиќ)
- Додека двајца се караат, Коце сече.
- Сечи ја гранката на која седиш. (Коцева мудрост)
- Грмје гледај, дрво сечи. (соопштение)…
Taxus baccata, бе! Треба да си „бахат“ ко париски таксист и да мислиш дека сме занесени , а не локални жители, па да ни фрлаш вака струганици в очи. Треба да мислиш дека сме толку бајати со умот, па да нѐ третираш како глупаци што служат само да ти плаќаат комунални такси.
Нашиот човек верува дека страв лозје чува, а парковите ги чува Фејсбук. Затоа секогаш кога има нов масакр на дрвја во градот, има зголемена активност на Фејсбук и Твитер за нивна одбрана
Би му препорачал на Коце да го изгледа. Нема некоја директна врска со сечата кај ГТЦ, но сепак е добро да го изгледа. За да види како изгледаат грмушки. Добро, можеби и има некаква врска со сечата. Можеби поентата ми е дека еден ден нема да знае во која грмушка да се скрие. Нема ни да има зад која грмушка да се скрие.
Никако не можам да разберам на што би можела да се должи ваквата омраза? Можеби не е омраза, можеби е страв. Дендрофобија е страв од дрвја. Дендрофобијата се смета за специфична фобија, која често се доведува во врска со хилофобијата (страв од шуми и паркови, но, да се разбереме, не и од вработувања преку „Македонски шуми“), како и со уште две други фобии – никтохилофобија (страв од темно пошумениот области или на шумите во текот на ноќта) и ксилофобија (страв од дрвени предмети).
Коце не е Црвенкапа, па да се плаши од темни шуми во ноќта, а и се покажа дека најактивен во сечење е токму ноќе, така што никтохилофобијата мора да ја отфрлиме како дијагноза за ова што му се случува на Скопје. Остануваат две можности – фобија од дрва или од дрвени предмети.
Знам дека на прва топка сите нѐ влече повеќе накај денрофобија, но со оглед на тоа со какви „кецароши“ си имаме работа, не би ја исклучил ни ксилофобијата. Кога веќе ни тргна со мудростиве, да ве потсетам на изреката на еден американски ТВ-комичар – не сечете ги дрвјата, тие на човека му ги даваат двете најбитни работи во животот – воздухот и книгите.
Со оглед на тоа што дури и суштества како Коце и неговата Коцева раса не би можеле да преживее без воздух, многу веројатно е дека одмаздата на „кецарошите“ е насочена кон книгите. Уште кога ќе ти текне дека и моливот се прави од дрво, се згрозуваш!
Амазон тврди дека на секои купени 800 електронски книги спасуваме по едно дрво. Една скопска урбана легендата, пак, вели дека на секои 800 статуси против сечата, спасуваме по едно дрво. Затоа, доста беше молк! Ајде сите на Фејсбук!