Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) им поставија десетина прашања на политичките партии што учествуваат во актуелниот изборен процес околу нивниот однос кон медиумите и новинарството, воопшто. Колку што мене ми е познато, досега на овој јавно поставен прашалник одговори само една партија.
За жал, најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште не најде за сходно или не најде време да одговори на овие клучни прашања, важни не само за новинарската професија, туку уште побитни за односот кон демократијата и демократските вредности на евентуалната идна власт.
Но, за да не остане јавноста ускратена за овие круцијални елементи од партиските политички програми, се погрижи лично лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во интервјуто за Радио Слободна Европа на македонски јазик прилично речито објасни како ја разбира слободата на медиумите, независноста на информирањето и слободното новинарство. Поточно, како воопшто не го разбира значењето, а уште помалку важноста на овие поими.
Она што е најжално во делузиите на Мицкоски и на неговата партија е дека и денес, веќе во третата деценија на овој век, мораме да објаснуваме дека новинарството е еден од основните лостови на демократската контрола токму врз власта
Имено, на прашањето на новинарот да го објасни контроверзниот дел од партиската програма, во кој за МРТВ се наведува дека „ќе ангажираме образовани и способни новинари кои ќе ја доведат информативната програма на светско ниво“, Мицкоски одговара: „…не гледам причина зошто идната влада да не даде насока на раководствата на МТВ да ги така нивелира критериумите во кои ќе бидат луѓе коишто ќе бидат и луѓе коишто навистина од националниот сервис, од Македонската телевизија ќе направат европски сервис со којшто сите ние ќе се гордееме“.
И, за да биде поубедлив, додава: „Што е тука лошо ако имаме критериуми за поголем квалитет на самиот медиум, јас не гледам нешто лошо, напротив мислам дека сите треба да се стремиме. На тој начин ќе се зголеми и конкуренцијата и сите останати на пазарот ќе бидат поквалитетни, па треба владата да стимулира квалитет, па тоа е добро за идната влада да го прави, јас не гледам тука ништо страшно“.
Навистина, што е страшно тука? Што е страшно ако владата пропишува критериуми за вработување на новинарите? Просто, не знам од каде да почнам да реплицирам и колку основни лекции од новинарството и демократијата тука треба да приложам. Но, еве, сосема накусо.
Прво, како да му објаснам на господинот Мицкоски, дека она што го нарекува национален сервис, односно МРТВ или НРТВ, во случајов сосема сеедно, е ЈАВЕН, а не ВЛАДИН сервис. Со други зборови, основната задача на јавниот сервис е да ги штити јавните, а не владините интереси. Верувам дека дури и Мицкоски ќе се сложи дека владините интереси не секогаш се поклопуваат со јавниот интерес. На крајот на краиштата, врз таква некоја основа и неговата партија ја критикува актуелната власт.
Второ, прашање е врз какви постулати господинот Мицкоски ја поставува тезата дека неговата евентуална идна влада ќе биде компетентна да поставува критериуми за вработување во која било професија, а особено во новинарската? Ова е, според мене, круцијално прашање бидејќи го покажува целиот светоглед на партијата што претендира да се врати на власт.
Колку што разбрав, Мицкоски е универзитетски професор. Дали владата го вработила на ова место? Не знам, навистина. Можеби. Дури и не ме интересира. Она што ме интересира е дали владата, во визијата на Мицкоски, ќе одредува кој ќе може да биде лекар, а кој не? Кој ќе може да биде судија, а кој не? Кој ќе може да биде медицинска сестра, а кој не? Кој ќе може да биде ректор на државните универзитети, а кој не? Кој ќе може да докторира, а кој не?
Дали владата, во визијата на Мицкоски, ќе одредува кој ќе може да биде лекар, а кој не? Кој ќе може да биде судија, а кој не? Кој ќе може да биде медицинска сестра, а кој не? Кој ќе може да биде ректор на државните универзитети, а кој не? Кој ќе може да докторира, а кој не?
Но, да се вратиме на новинарството и на јавниот сервис. Ниту во партиската програма, ниту во образложението на Мицкоски во интервјуто не се говори за кои и какви критериуми станува збор. Ако претпоставиме дека не станува збор за тотален политички аматеризам, а тоа лесно можеме да го претпоставиме, па и да го докажеме, тогаш единствено можеме да заклучиме дека всушност станува збор за сериозна конзистентност на политиката на оваа партија.
Критериумите, значи, ќе бидат оние на некој амбициозен партиски апаратчик од типот на Мартин Протоѓер, или новинарите ќе бидат „вадени“ од некое тефтерче на некоја министерка од типот на Гордана Јанкулоска.
И, да, како Мицкоски замислува да ја направи МТВ „европски сервис со кој сите ќе се гордееме“? Па, токму владата на неговата партија го постави сегашното устројство на јавниот сервис, менувајќи ги новинарите почесто отколку што Мицкоски менува маски за заштита на лицето. Се разбира, тоа беше сеопшта „медиумска стратегија“. Белки не ги заборавивме „куртон вестите“ на Сител. И така натаму…
Со други зборови, тезите на Мицкоски и неговата партија околу јавниот сервис и воопшто неговата замисла кој и како треба да вработува новинари, не се ништо друго, туку проекција на власта како продолжена рака на партијата. Знаеме дека во повеќето овдешни партии, а особено во ВМРО-ДПМНЕ, владее оној принцип што своевремено комунистите го нарекуваа „демократски централизам“.
Со други зборови, она што Центарот ќе го нареди, тоа другите мораат „демократски“ да го спроведат. Па, така, веројатно ќе имаме и некој Центар што ќе решава што се лажни вести, а што не се. Потоа некој Центар што ќе одредува кои се професионални, а кои непрофесионални (читај: неподобни) новинари.
Она што е најжално, да не кажеме, најтрагично во делузиите на Мицкоски и на неговата партија е дека и денес, веќе во третата деценија на овој век, мораме да објаснуваме дека новинарството е еден од основните лостови на демократската контрола токму врз власта и основа за секоја општествена дискусија; дека власта не може да ја избира јавноста, туку дека јавноста ја избира власта. Жално е што тоа мора да ѝ се објаснува на најголемата опозициска партија.