Кон врвот или кон дното

„Ова зло никогаш да не се повтори. Ова зло никогаш да не се повтори…“. Со оваа реченица завршуваше секоја прес-конференција на опозиционерот Зоран Заев во 2015 година, кога објави битка за ослободување на заробената држава преку демистификација на многуте начини на кои биле злоупотребувани институциите.

Пет години подоцна, таа девиза е пред ново преиспитување. Условно речено, „најмала“ опасност е кога злото би се повторило само како фарса, како невкусна шега. Но, опасноста е многу поголема ако се претвори во идентичен или во уште потежок облик од критикуваниот.

Во моментов, лекот сѐ уште е таму каде што е и болката. Исклучиво од власта зависи дали ќе подвлече црта и ќе стави крај на случаите што длабоко ја тангираат државата, нејзината безбедност и углед, кои ја доведуваат под прашање моралната вертикала на владејачката елита и го уриваат сонот на граѓаните дека ќе го дочекаат денот кога ќе станеме пристојна држава.

Ако не се прекине синџирот на игнорирање на одговорноста, тоа на долг рок може да води во ентропија, кон тотален морален и политички пад и хаос

Искуството одамна нѐ научи дека политичките ветувања со време стануваат најнеобврзната форма на човековите врски, но постојаното инсистирање тие ветувања да се реализираат – е првата борбена линија против секој што планира политиката да ја претвори во водење јавни работи зa приватна или за партиска корист.

Знаците покрај патот покажуваат само една насока: потреба од итно расчистување со неодговорноста, криминалот и корупцијата. Кривичната одговорност ќе ја утврдуваат надлежните институции, а политиката мора да рефлектира политичка и морална.

Изборните резултати во соседна Бугарија многу добро покажаа како граѓаните знаат да казнат. Празнината оставена поради лошо чинење или нечинење ја пополнија други. Се изгуби разликата меѓу големите и малите партии.

 Како одлучувачка се покажа разликата меѓу големите ветувања и малата реализација, без разлика дали тоа се однесува на главните партии во власта или во опозицијата. Партиските џинови беа паркирани од гласачите на плац за политички џуџиња. Дури и тој што формално е прв, исто како да е последен. Нема маневарски простор.

Гледај ја Бугарија, пиши Македонија. Истото и овде ќе се случи. Но, главната грижа не е како тоа ќе ги потресе големите партии, туку како државата да (пре)живее со сегашните афтершокови.

За разлика од Бугарија, Македонија не е во ЕУ, а прашање е и дали ќе ги почне преговорите, дури и кога во 89-та минута од натпреварот, Бугарија го губи приматот на главна пречка, во споредба со чисто домашните „дребулии“.

Во багажот со кој треба да слетаме во ЕУ има место само за владеењето на правото, добрите политички практики, транспарентноста, отчетноста и неселективната борба против криминалот и корупцијата.

Наместо со тоа, нашиот куфер е преоптоварен со рестлови од постојано оправдување за нешто што не може да се оправда: од профитери маскирани во функционери, од правдање на разни сомнителни тендери, од путер врз главата со разни рашковци, дончевци или тајни хонорарци платени со јавни пари, а згора на тоа и со 215 скандалозни пасоши, за кои нема одговор како и кога нараснале до таа бројка, и тоа во текот на двегодишна активна истрага за случајот!

Нема човек искрено загрижен за својата земја, кој не би крикнал – СТОП! СТОП! СТОП! Ако е во прашање отпор да се стави одговорноста на шини за да не се разниша круната на власта, треба да се знае дека токму мижењето може да ја разниша најмногу.

Тука има уште еден проблем: ако кај власта не постои чувство за одговорност и таа не биде побарана во многу случаи, на граѓаните им останува да заклучат дека политиката доживува ренесанса на сеопшта аматеризација, крајно несоодветна и за моментот и за целите кон кои се стреми земјата.

Ако е во прашање отпор да се стави одговорноста на шини за да не се разниша круната на власта, треба да се знае дека токму мижењето може да ја разниша најмногу

Државата се брани, пред сè, со работа, морал и со отчетност. Ако нив ги нема, ќе се соочиме со една шизофрена ситуација кога власта состојбите ќе ги гледа исклучиво напреднати, кон врвот, а сите други состојбите ќе ги лоцираат длабоко струполени, кон дното. Се разбира дека во исто време тие не може да бидат на две различни места.

На кое дереџе вистински се наоѓаат, ќе кажат гласачите на избори. Но, што дотогаш?

Или веднаш ќе се направи длабок рез, или ќе остане „изборот“ граѓаните да се чувствуваат безвредно на различни начини, да „овчаруваат“ индивидуално и колективно пред ресурсите на разни цук-ови, дирекции и други звучни институции, во кои армија дебелокошци се надлежни за вечна ненадлежност, дури и тогаш кога станува збор за нечиј живот.

Државата е прескапа работа за некој да ја третира како играчка, чија конструкција ќе ја растури само за види што има внатре или за да ја измери издржливоста на нејзините „батерии“ пред своите неодговорни политики. Политиката во моментов е дојдена во фаза кога е тешко воопшто да се говори за неа бидејќи остава впечаток дека изгубила секакво рацио.

Ако не се прекине синџирот на игнорирање на одговорноста, тоа на долг рок може да води во ентропија, кон тотален морален и политички пад и хаос. Кој нема да го види тоа сега, ќе го види секако, но тогаш ќе биде предоцна, пред сѐ, за државата.