Коце заслужува четврта шанса

Колумна на Сашо Кокаланов

Некогаш, во едно дамнешно минато, да не речам во старата ера, жените во Саудиска Арабија не смееја да возат коли, а имаше и еден градоначалник Коце Трајановски кој сечеше дрвја. Но, со доаѓањето на новата ера овие две неправди се исправени, официјален Ријад ја укина забраната жените да поседуваат возачка дозвола, а ВМРО-ДПМНЕ реши да кандидира ново лице, човек што ќе ја раззелени македонската метропола, еден сосема нов Коце Трајановски.

Коце од старата ера и Коце од новата ера. Навидум две исти суштества, но само навидум. Новото лице за Скопје веќе не планира од премиерот да прима нарачки за барокни згради на местата на паркови и зеленила. Всушност, не планира да прима никакви нарачки од премиери. Доста беше! Нема веќе во два по полноќ да крева телефон на претседатели на Влади и да слуша муабети од типот – Коце, ми текна, а да го разубавиме… Нема веќе што премиери да му го разубавуваат градот, по три градоначалнички мандати научи човекот и сам да разубавува.

По три успешни мандати во Скопје и Гази Баба, Коце има точно пресметано дека ако врба ја садиш на копно чини илјада пати поевтино од ако ја садиш во Вардар. Зошто да ризикувате со Петре Шилегов или некој друг непроверен кандидат, кога Коце ги има овие пресметки и искуства. Новиот Коце ќе сади врби исклучиво на копно.

Коце од новата ера „никад, ама никад“, не би посадил веќе палма. Тој мал експеримент што го направи за потребите на биологијата или поконкретно за дендрологијата ги исполни своите научни цели и докажа дека палма не успева во Скопје, особено ако е увезена од Кина. Сега тоа го остава зад себе. Заедно со сметката од 500.000 евра. Новиот Коце ќе сади, но веќе не палми.

Жални врби може. Но, веќе не во Вардар. По три успешни мандати во Скопје и Гази Баба, Коце има точно пресметано дека ако врба ја садиш на копно чини илјада пати поевтино отколку ако ја садиш во Вардар. Зошто да ризикувате со Петре Шилегов или некој друг непроверен кандидат, кога Коце ги има овие пресметки и искуства. Новиот Коце ќе сади врби исклучиво на копно.

Во новата ера, Коце нема веќе да проширува булевари на сметка на пешаците, дрвјата, чистиот воздух… Не, напротив, во неговата програма за раззеленување има обратни тенденции. Односно, во следните два мандата планира да ја стесни „Илинденска“ за две ленти и да посади уште постари дрвја од тие што ги исече онаа будалата од старата ера, со поголеми и позелени крошни. Прекрасни дрвја.

Нова ера – нови плочки на плоштадот. Навистина е глупаво да влеземе во новата ера со плочки стари неколку години. Откако заедно со Пенов ги испробаа сите материјали за плоштадот, сепак, веројатно нема ништо подобро од старата добра калдрма. Затоа Коце, за ситна провизија, ќе ја врати старата калдрма и скопјани ќе го добијат стариот добар плоштад. Што треба да се поддржи. Еве овде каде што ја пишувам колумнава, на Пјаца дел плебишчито, во срцето на Неапол, еден од најубавите плоштади во светот, сѐ уште си седи старата калдрма. Зошто да не го дадеме гласот за Коце да ја исправи оваа грешка на неговите претходници.

Нова ера – нови плочки на плоштадот. Навистина е глупо да влеземе во новата ера со плочки стари неколку години. Откако заедно со Пенов ги испробаа сите материјали за плоштадот, сепак, веројатно нема ништо подобро од старата добра калдрма

Со новиот Коце веќе никогаш Скопје нема да е под вода по само неколку часа дожд. За жртви не сакам ни да зборувам. Тоа е далечно минато, стара ера. Умре времето кога градоначалници мораа во ниедно време да облекуваат чизми до колк и да организираат фотографирање по поплавените улици. Во новиот мандат Коце ќе се води од старата добра девиза „подобро спречити, него лечити“.

Верувам дека на новиот Коце не му е ни на крај памет да продолжи со нови галии на потегот од Мостот на уметноста до мостот кај Железничката станица. Според анализите на тимот на Коце, нови галии би можеле да го нарушат природниот тек на Вардар и да го деформираат коритото на реката, создавајќи разни безбедносни ризици. Затоа ќе се стопира со сите разубавувања на Вардар, а оној што сака да проба плескавица Филип Втори или кременадла Александар Трети ќе мора своите потреби да ги задоволи во некоја од постојните галии.

Овој Коце што сега стои пред вас на митинзите уште во старата ера си извади годишна слободна карта од ЈСП и веќе никогаш нема да оди на работа со службеното возило. Секој ден, а не само кога Скопје ќе е најзагаден град во Европа, тој ќе се вози со автобус. Службеното возило може слободно да вози зад автобусот, но без него.

Има, се разбира, и добри проекти кои стариот Коце за жал не успеа да ги реализира, а беа одлични. Најмногу поради политичката криза во државава и светската економска криза не успеа да го реализира капиталниот проект што го вети одамна – да го поправи расипаниот часовник на Старата железничка станица, застанат уште за време на земјотресот во 1963 година. Новиот Коце е решен, ако треба ќе земе и кредит на светска монетарна берза, ако треба и неповолен, оваа грешка на сите градски татковци од 1963 година наваму мора да биде исправена. Да не мислите дека онаа шушумига Шилегов има капацитет да поправи часовник што не работи цели 54 години. Абе ај!

Драги сограѓани, браќа Македонци. Да ја оставиме старата ера зад нас, да го поддржиме Коце, новото лице за Скопје. Да ги потврдиме анкетите на „Павел Шатев“. Да влеземе со десна нога во новата ера, а не со баксузната левичарска. Да докажеме дека тринаесетката не е баксузен број. Да докажеме дека можеме и без гласови од Пустец. Секој заслужува втора шанса, а некои меѓу нас заслужуваат и четврта.

Ако може Саудиска Арабија да се менува без да го смени раководството, зошто да не може и Скопје!

И да, новиот Коце нема да експериментира со Бутел. Ќе им го остави на мртвите.