Владата што поскоро мора да ангажира толкувач на премиерските пораки кон Бугарија. Или барем да ни открие дали имаме двајца премиери со исто име и презиме: еден за претпладне, еден за попладне. И уште поважно – кој е најмалиот заеднички содржател на изјавите што ги даваат „двајцата“.
Едниот Ковачевски вели дека „дискурсот што го користи Бугарија кон Северна Македонија е многу сличен на дискурсот на Руската Федерација кон Украина“. Другиот Ковачевски секој ден со сите сили повикува на поддршка за уставните измени, со кои Бугарите треба да бидат внесени во македонскиот Устав.
Ако првиот вперува прст во лошиот бугарски дискурс кон Македонците, со тоа не го препорачува она за што се залага вториот: не ја мотивира, туку ја демотивира поддршката за уставни измени. Тие две изјави немаат никаков најмал заеднички содржател. Тие се крајно антагонизирани, противречни една на друга.
Првата рефлектира внатрешно незадоволство, веројатно поради лесноумно прифатениот француски/европски предлог. Втората открива „адаптирање“ кон грешката и покана за влез во децениска „стапица“ во име на европскиот пат, со објаснување дека нема друга алтернатива.
Секако дека сега нема, бидејќи македонската дипломатија дебело потфрли, оставајќи празен простор во кој соседот си инсталираше мулти кукер, па од позиција членка на ЕУ секој ден „пече“ по некоја провокација на која ние се закачуваме како сом за дудинка. Потоа се навикнуваме да ја гледаме Јотова во стил на лото-девојка како еднаш неделно од барабанот вади некое ново бугарско државјанство за Македонци, (еве денеска две) а не се покусо ни другите источни политичари со разни наддавања на избрани теми за историски ревизионизам.
Тој што го советувал Ковачевски да примени остра реторика, или е неук, или е душман
Наместо нашата дипломатија да ги документира и да ги презентира во Брисел сите „европски дострели“ на соседот, кои станаа повод и причина за сегашното ниво на „добрососедство“, поради кои довербата на македонските граѓани во добрите намери е сведена на нула, власта преминува кон пристап „малку за партизаните, малку за ‘администраторите’“.
Паралелата за односот на Софија со оној на Москва не е гејзер што изненадно избил од мисловниот процес на премиерот додека во Рејкјавик ги слушал критиките на Јотова на македонска адреса. Тие споредби вирееја уште пред да биде прифатен францускиот предлог заради совпаѓање во неколку сегменти, но пред сѐ во два идентитетски: бугарско непризнавање на посебноста на македонскиот народ и на македонскиот јазик.
Кога се крчкал францускиот предлог, едниот Ковачевски се чувствувал „како некој со нож да го боде во стомакот“, ама тоа отпосле го призна, а другиот Ковачевски изјавуваше дека сѐ е ОК и дека тоа е патот кон ЕУ. Ако со прифаќањето на францускиот предлог, владата свесно прифатила „руски“ однос на Софија кон РСМ, сега секое плачење на таа тема е депласирно, ама и непродуктивно, бидејќи не нуди механизам за поправање на грешката.
Особено што и власта и меѓународните претставници тврдат дека нова преговарачка рамка не е можна. Тогаш, каква е целта на овие ламентации, освен за предизборно „патриотизирање“.
За разлика од нашата, бугарската политика направи сѐ, дури и повеќе од тоа, ама на најпогрешен начин, доколку навистина сакала добрососедски односи, а не мрцварење на соседите. Инсталирањето на бугарските услови, од кои голем дел немаат врска со копенхашките критериуми, открива што сака Софија, но и дека ЕУ се согласила оти „сто стапа по туѓ грб не болат“.
Но, бргу може да дојде денот кога тој преседан ќе го зоврие балканското буре поради слични проблеми што може да се случат кога во други земји ќе се мечира „производството на повеќе историја отколку што Балканот може да апсорбира“.
Во политиката важи едно правило: кога имаш силни аргументи, не треба да користиш силни зборови. Тој што го советувал Ковачевски да примени остра реторика, или е неук, или е душман, бидејќи на таков начин сите домашни аргументи ќе бидат потиснати од реакциите за „пресилните премиерски зборови“ по што ќе следи нова офанзива на бугарската дипломатија, и не само нејзина, на наша штета.
Неслучајно, на 25 мај, на иницијатива и со помош на оној „маргиналецот“ Џамбаски, во Европскиот парламент е организирана проекција на бугарскиот документарен филм „Последно полувреме“, снимен како „контраодговор и демант“ на македонскиот филм „Трето полувреме“.
Можна ли е интеграција во ЕУ со толкава внатрешна дезинтеграција на домашен план, по сите основи, не само власт – опозиција? Не е можна
Режисерот на филмот, Степан Полјаков изјавува дека „го направиле ‘Последно полувреме’ за да раскажат дека во Македонија сѐ е лага – филмовите, документарците, пa дури и прогнозата за времето“. Дали и за временска прогноза ќе треба да бараме одобрување од Софија?
А што правиме ние? Очи си вадиме на микро и на макроплан. Во културата, наше последно и продолжено полувреме е битката меѓу Филхармонија и џез-оркестарот. За еден концертен простор не можеме братски да се договориме, а ќе сме го освојувале европскиот.
Првиот Ковачевски полемизира со Софија, вториот Ковачевски праќа пораки до ВМРО-ДПМНЕ: или партијата ќе влегла цела во европскиот фронт, или во делови (поединци). Можна ли е интеграција во ЕУ со толкава внатрешна дезинтеграција на домашен план, по сите основи, не само власт – опозиција? Не е можна.
Цената за тоа неединство бргу ќе стигне за наплата. Ако фактурата за неединството и за осумте гласа за Преспанскиот договор денес се разборчува по цена на правдата (застарување предмети, ослободување), дали за уставните измени ќе се разборчува по цена на државата? Цела или во делови?
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија