Регион

Во Косово лажни профили намерно ги зголемуваат политичките тензии

Кога избувнуваат кризи во Косово, лажните профили на Фејсбук и на Твитер фрлаат масло на огнот, открива БИРН

Шести јануари годинава почна како и повеќето други петоци во Косово.

Но, додека етничките Срби се подготвуваа да го прослават православниот Божиќ, мирот го нарушија пукотниците во близина на градот Штерпце, каде што живее мнозинско српско население.

Двајца млади Срби, кои беа дел од групата што носеше новогодишни елки, беа ранети, кога припадник на Косовските безбедносни сили, КБС, почнале да пукаат.

Косовскиот премиер Албин Курти, на Фејсбук го осуди инцидентот и им посака брзо закрепнување на повредените. За кратко време, 25 лажни профили го натрупаа постот со коментари полни омраза. Еден од нив ги опиша косовските Албанци како насилни луѓе што сакаат да „убијат што е можно повеќе Срби“.

Неколку дена претходно, сличен феномен можеше да се забележи на Твитер, кога косовската претседателка Вјоса Османи ги осуди нападите врз косовските новинари од страна на маскирани лица на северот на државата, каде што претежно живеат Срби. БИРН идентификуваше 38 профили што се обидоа да ги поттикнат тензиите во вакви случаи. Повеќето од овие профили беа, исто така, активни и во видеоигри со содржини од војната во Украина.

И на 9 октомври минатата година, кога косовски полицаец беше нападнат и повреден во северно Косово, 23 лажни профили беа меѓу истите оние што го коментираа твитот на Османи.

Во земја каде што меѓуетничките тензии се веќе високи, лажните профили на Фејсбук и на Твитер дополнително предизвикуваат страв, омраза и нетрпеливост.

Абит Хоџа, професор и истражувач од Косово, кој работи на Универзитетот во Агдер, во Норвешка, вели дека овој феномен има јасна политичка димензија. Го наведе случајот со кризата минатото лето, кога Срби во северно Косово поставуваа барикади поради регистарските таблички на возилата.

Хоџа објаснува дека во тој период, „најголемото мнозинство твитови беа геолоцирани во Индија, а други во Гана. Тоа покажува дека фармите на социјалните мрежи се координирани и имаат политичка цел. Хаштагот #Митровица почна да се користи на Твитер околу четири часа пред почетокот на полициската интервенција на северот во Косово“.

Косовските власти неподготвени за дигитални предизвици

Ваљон Чанхаси, раководител на Агенцијата за дигитален маркетинг „Халакате“ со седиште во Приштина. Фото: БИРН

Покрај интензивната активност на лажните профили, малкумина се пријавени на Фејсбук, а уште помалку од нив се затвораат. Сепак, пријавувањето на ваквите профили е во пораст.

Во 2019 година, од Фејсбук беше побарано да затворат 37, од кои се затворија само 10 профили. Во 2020 година, пак, имало 48 барања, од кои по седум е постапено; а во 2021 година, 11 од 58 пријавени профили беа затворени. Досега годинава имало 37 барања, а затворени се само три профили.

Ваљон Чанхаси, шеф на приштинската агенција за дигитален маркетинг „Халакате“, вели дека нема конкретни податоци за точниот број лажни фејсбук-профили во Косово. Но, Мета – компанијата што го поседува Фејсбук – оценува дека просекот е меѓу четири и пет отсто.

„Во случајот со Косово, тоа би значело околу 40.000 лажни профили“, рече Чанхаси за БИРН.

Косовските полициски сили, за БИРН, велат дека не чуваат податоци за лажни профили на социјалните мрежи, ниту ги истражуваат, освен ако не постојат индикации дека се вмешани во конкретни криминални активности. Јавното обвинителство, исто така, рече дека не собира податоци за кривични дела извршени преку социјалните мрежи.

Ехат Мифтарај, извршен директор на Косовскиот институт за правда, ИКД, предупреди дека властите во Косово се далеку од подготвени да се соочат со ефектот на лажните профили и потенцијалните закани што произлегуваат од нив.

„Правосудните и безбедносните институции во Косово не се подготвени за ваков вид специјална „војна““, рече Мифтарај.

„Безбедносните институции во Косово… треба да идентификуваат каква било закана од лажни вести или дезинформации што може да ја загрозат безбедноста, стабилноста и територијалниот интегритет на Косово, вклучително и третирање на овие случаи, како закана за глобалната безбедност на штета на Косово“.

„Потенцијалните извршители на овие појави може да живеат во Србија, Русија или во која било друга земја во светот. Сепак, безбедносните и правосудните институции во Косово треба да идентификуваат, истражат и да собираат информации и докази за овие случаи, да ги споделат нивните наоди и да ги разменуваат со други земји, кои потенцијално би можеле да бидат предмет на исти напади“, рече тој.

Косовската влада не одговори на прашањата во врска со нејзината стратегија за борба против лажните профили.

Недостиг од критичко размислување во училиштата

Линдита Тахири, професорка по медиумско образование на Универзитетот во Приштина. Фото: Лична архива на Линдита Тахири

Според професорот Хоџа, лажните профили се обидуваат да изградат лажни историски наративи за војната во Косово од 1998 до 1999 година, кога НАТО имаше 11-неделна интервенција во тогашната јужна српска покраина со воздушни напади за да ги истера српските сили обвинети за убивање и протерување цивили. Косово стана протекторат на Обединетите нации (ООН) и прогласи независност во 2008 година, со поддршка на западните сили.

„Оваа политичка агенда ја води целиот српски државен апарат“, рече тој, наведувајќи го примерот на историскиот ревизионизам околу масакрот во Рачак, во јануари 1999 година, генерално сметан за пресвртна точка во размислувањето на Западот за воен одговор на српските злосторства. Во тоа време, Србија тврдеше дека жртвите, всушност, биле вооружени герилци.

„Постои цела мрежа на анонимни и полуанонимни профили што имаат голем број следбеници и што ја користат нивната мрежа за злобни цели и внатрешни политички битки“, рече Хоџа за БИРН.

Линдита Тахири, професорка по медиумско образование на Универзитетот во Приштина, вели дека пропагандата продолжува да биде ефективна благодарение на дигиталните вести. Општеството, рече таа, мора да биде подобро едуцирано за да идентификува кога одредени медиуми или профили ги лажат и ги манипулираат.

„Не е практично да се следат вестите што се објавуваат нон-стоп [во дигиталните медиуми]. Попрактично и повозможно е да се подготви публиката за ваков вид вести“, рече Тахири. „Тоа може да биде поврзано и со медиумската писменост, но не и со конкретен предмет. Зборуваме за вештина што се развива во сите предмети, во формалното и неформалното образование.“

Според Тахири, особено е важно училиштата да ги подготват своите учениците и со тоа да превенираат тие да не наседнат на лажни вести или на манипулативни коментари.

„Во средини каде што образованието е супстандардно, каде што учениците се подготвени со механички методи на настава, училиштето прави повеќе штета отколку корист“, рече таа. „Поединците образовани на овој начин лесно стануваат плен на пропаганда и догматски наративи, кои тие ги сфаќаат како точни“.