Се чини дека последниве години, сѐ повеќе слушаме или зборуваме за некаква криза на машкоста или поврзаните концепти, како хегемониска машкост, токсична машкост и слично. Покрај економските, еколошките и безбедносните кризи, човек ќе си рече – само уште ова ни требаше.
Случувањата поврзани со апсењето на инфлуенсерот Ендру Тејт и неуспешниот обид за протест во негова поддршка кај нас, дебатите за интервјуто на Латас, јавните коментари поврзани со последните случаи на семејно насилство и сексуално насилство и вознемирување на жени и девојки ги извадија на површина, меѓу другото, и криците за загубата или кризата на маскулинитетот. Кој знае зошто е тоа добро.
Да се размислува за кризата на машкоста како општествен феномен, нужно имплицира и разбирање на она што значи – криза. Зборот има античко грчко потекло и во првичната употреба се однесувал на клучниот момент или момент на пресврт во дадена болест. Во таков момент, нечие здравје може да оди или кон полошо или кон подобро, но нема да остане исто. Оттука, кризата е траур, но и потенцијал.
Критичката посветеност на токсичниот маскулинитет не треба да се изгуби. Сепак, стигматизацијата и исклучувањето на поединци што припаѓаат на овој круг е лоша стратегија
Релевантните научни дисциплини се поделени по прашањето за кризата на машкоста. Едни негираат дека постои, други даваат различни дефиниции според причините што доведуваат до неа. Сепак, статистиките зборуваат за поместувања, како што се оние дека мажите заостануваат академски, извршуваат повеќе самоубиства и се ранливи на состојби како АДХД многу повеќе отколку жените. Без разлика дали верувате дека овој машки крик е лажен или автентичен, тој заслужува да биде промислен.
Машкоста, или маскулинитетот не е сингуларен, односно не постои еден универзален модел на машкост што е униформа за сите мажи на светот. Мажите, како и жените, се различни меѓусебе. Како што не постои универзална женственост, така не постои ни универзална машкост. Сепак, одредени човечки карактеристики се повеќе типични за мажите или за жените од дадена епоха и континент.
Теоријата на Конел разликува четири категории на маскулинитет: хегемониска, соучесничка, подредена и маргинализирана. Оттука, кога говориме за некаква наводна универзална машкост, ние најчесто говориме за хегемониска машкост.
Оваа форма на машкост е социјално и културно конструирана и често се смета за стандард кон кој треба да се стремат сите мажи. Хегемониската машкост се карактеризира со особини како што се сила, цврстина, емоционална контрола, конкурентност и наметливост.
Овие особини често се поврзуваат со моќ, лидерство и контрола и се сметаат за суштински за постигнување успех и почит во многу контексти. Оттука, кризата настанува кога мажите се наоѓаат во амбиент што им ги ускратува можностите за практикување или капитализирање од овие особини.
Современиот маж живее во драстично поразличен контекст од оној на мажите во 19 век. Преминот кон индустријализацијата (каде што биолошките предности, како физичка сила, не се повеќе услови за економски успех) носи големи предизвици во исполнувањето на патријархалниот модел на подобна машкост.
Соочени со новите контексти, глобализацијата и рецесиите, во комбинација со промените во семејствата и зголемувањето на бројот на еднородителски семејства, главно составени од жени и деца, мажите се исправени пред нови и тешки предизвици, кои ги прават особено ранливи на сиромаштија, бездомништво и депресија.
Како ќе успее македонскиот маж да ја одржи својата патријархална улога на заштитник и глава на семејството, во контекст на раширена обезмоќеност, невработеност и несигурност? Веројатно нема да успее.
Сепак, погрешно е да се гледа на оваа загуба на моќ како загуба во однос на жените. Со други зборови, кризата не е предизвикана поради глобалното поместување на статусот на жените кон подобро, туку е заедничка, и машка и женска. И мажите и жените се чини дека го изгубија својот авторитет во однос на капиталот.
И покрај тоа, голем дел од јавните личности што предупредуваат за опасноста од оваа криза, од една страна, не го гледаат потенцијалот во неа и, од друга страна, ги обвинуваат жените, ЛГБТИ луѓето и феминизмот.
Ако кризата ја сфатиме во нејзиното првобитно значење, како момент на пресврт, тогаш и мажите и жените можат да направат нешто добро од неа
Социјалните мрежи се полни со самопрогласени модели на алфа-машкост, кои уживаат голема поддршка особено меѓу младите момчиња. Терминот „мачосфера“ денес се користи за означување на бројните дигитални простори посветени на одбрана на машкоста, која е наводно нападната од женските и прогресивните движења.
Психолошките истражувања покажуваат дека темелите на мачосферата се поставени не толку во мизогинијата (односно омразата кон жените), колку во потрагата на младите мажи по модели на поврзување, припадност во светот, контрола и заедница во новото време.
Критичката посветеност на токсичниот маскулинитет не треба да се изгуби. Сепак, стигматизацијата и исклучувањето на поединци што припаѓаат на овој круг е лоша стратегија затоа што таа нема капацитет за промена на ставовите кај тие што ги застапуваат и има тенденција на креирање имиџ на жртва или прогонет херој.
Позицијата што јас ја застапувам е оптимистична. Ако кризата ја сфатиме во нејзиното првобитно значење, како момент на пресврт, тогаш и мажите и жените можат да направат нешто добро од неа. Ако хегемонискиот маскулинитет, односно доминантните карактеристики на мажественоста се штетни (како за жените, така и за мажите), но истовремено и менливи, тогаш тие можат да се реобмислат надвор од рамките на патријархатот и капитализмот.
Токму затоа, сите оние што повикуваат во одбрана на машкоста, всушност дејствуваат, не само против жените, туку и против самите мажи. Доколку навистина се наоѓаме во моментот на пресврт, тогаш ова е вистинското време за системска промоција на свежи носители на промени кон социјална благосостојба и кохезија, како: емпатијата, трпението и грижата.
Иднината не е ниту машка, ниту женска, туку заедничка.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија