Истовременото безусловно служење на татковината (државата, власта) и безусловно служење на вистината се – невозможна мисија. Не е можно во исто време да клечиш и да бидеш исправен.
Еве два цитата (а ги има повеќе) од еден од таканаречените провладини портали, преземени од текст објавен пред неколку месеци, односно на 1 јуни годинава: „…монтирајќи на најгруб и непрофесионален начин невистинити видео материјали против владејачката партија и сите што ќе кажат барем една изјава во нејзина полза, воопшто не бил наивен“ и „земал средствa и од проектот Фабрика 2 кои се обезбедени од фондацијата Отворено општество, во сопственост на СОРОС, за да пишува нарачани текстви“.
И еве два цитата од еден (друг) од таканаречените провладини портали, преземени од текст објавен пред неколку дена, односно на 26 септември годинава: „… новинарот кој сега секоја недела монтирајќи на најгруб и непрофесионален начин невистинити видео материјали против владејачката партија…“ и „…земале средствa и од проектот Фабрика 2, кои се обезбедени од фондацијата Отворено општество, во сопственост на СОРОС, за да пишуваат нарачани текстви…“.
И еве еден посебно симптоматичен кој се појавува во двата користени текста: „За … се врзува и приказната од новинарските кулоари, дека кога трабал својата сопруга да ја вработи во Канал 5 (која и денеска работи таму), клечел на колена и молел со солзи во очите да му излезат во пресрет, иако на митингот на 17-ти Мај гордо се слика пред знамето на ЛГБТ“ (правописните и печатните грешки се директно преземени од текстот, з.м.). И двата текста се обилно пренесувани и цитирани од речиси севкупната мрежа на „провладините“ веб страници и портали..
Внимателниот читател ќе знае дека станува збор за актуелната кампања која се води против новинарот на телевизијата „Алсат М“ ,Среќко Поповски, чиј производ „Неделна сабота(жа)“ влегува во, можеби, најквалитетните телевизиски продукти што во моментов се продуцираат во државата.
Неговото име намерно не е наведено во цитираните цитати, затоа што идејата на овој текст не е занимавање со погрешното или намерно погрешното разбирање на сатиричниот и иронискиот агол на гледањето на работите на колегата Поповски или со некаква „контра-аргументација“ на произволните конструкти кои невешто се извлекуваат од професионалното минато на новинарот туку со принципот на таканареченото „кружно известување“ (circular reporting), кое најчесто се користи во овдешниот медиумски простор, токму да се дискредитира одредена јавна личност или да се спинува некоја состојба.
Наједноставно кажано, „кружното известување“ е појава кога повеќе медиуми ќе пренесат иста „информација“ од еден медиумски извор. Со други зборови, не е тоа информација дадена од релевантен извор туку продуцирана од еден меди ум, а натаму пренесувана од низа други медиуми.
Своевремено, кога науката за комуникациите немаше амбиции да создава дефиниции, оваа појава беше позната по славната доктрина на нацистичкиот пропаганден гуру Јозеф Гебелс: „Илјада пати повторена лага станува вистина“.
Се разбира дека случајот со новинарот Среќко Поповски не е единствен (би било добро и лесно да е така). Напротив. „Кружното известување“ се претвора во основен принцип на известување во главните овдешни медиуми. Сепак, актуелноста на овој случај може во моментов најдобро да послужи за описот на ваквата појава. Цитатите, ставени во воведот на овој текст, иако небитни за каква било информативна содржина, се токму типичен пример на функционирање на овој „информативен“ систем.
Главната одлика е дека текстовите се преземаат во целост, без каква било интервенција во нив (дури заедно со печатните и правописните грешки), без каква било амбиција да се проверат наводите, а најмалку да се праша втората страна. Изворот може да биде наведен, но не е нужно. Впрочем, изворот се наведува само како некаква мимикрија на „објективност“ или како давање „тежина“ на пренесениот текст.
Втората карактеристика е уште поважна: „кружната информација“ по правило никогаш не се пласира поради задоволување на некаков јавен интерес, односно никогаш во себе не содржи елементи битни за функционирање на јавноста туку самата себеси се „правда“ со некакви „повисоки“ интереси.
Во случајот на оркестрираниот напад врз Среќко Поповски, тоа е интересот на владејачката партија, која, ете, се нашла на острицата на Поповски. Попатно, тука се и традиционалните „непријатели“ на државата: Институтот Отворено општество (Сорос) и, секако, ЛГБТ-заедницата. Кружното известување во овој, но и во другите случаи, се оправдува со заштита на државните интереси, кои се изедначуваат со интересите на владејачката партија.
Истовременото безусловно служење на татковината (државата, власта) и безусловно служење на вистината се – невозможна мисија. Не е можно во исто време да клечиш и да бидеш исправен. Барем не според физичките и новинарските законитости. „Верниците на нацијата“ и „верниците на државата“ не можат да бидат и „верници на слободата“.
Слободата, имено, е од атеистичка природа. Кога државата и Владата се боготворени, поставени на пиедесталот на врвни светости, рефлексот е ист како и кај сите религиозни фундаменталисти: допуштено е сѐ во одбрана на прогласениот Бог и тоа како орудие (оружје) на неговата неприкосновена волја. А барем ова време нѐ учи дека божјата волја не може да постои без соодветни непријатели.
Нема да го споредуваме „ересот“ на духовитите телевизиски прилози на Поповски со оној на карикатуристите од „Шарли Ебдо“, но не треба да се потцени ефектот на овдешното „кружно известување“. На Марк Твен му се припишува реченицата за тоа дека додека вистината ги обуе чевлите, лагата ќе прошета половина свет.
Во нашата мала државна територија, во времето на интернетот и купиштата „истородни“ веб страници, може да се каже дека додека вистината втаса до чевлите, лагата пет пати ја обиколила Земјата.
Но, ако не може истовремено да се клечи и да се стои исправено, ете може да се лаже во круг. И сите заедно да се вртиме во него.