Обидот за убиство на државата со умисла не може да се спречи само со протести. Во тоа ќе мора да помогнат стратегиските пријатели на Македонија, во интерес на мирот и стабилноста во земјата, но и на регионот.
Македонија незапирливо се движи кон провалија. Неподносливата леснотија со која власта инвестира во тој процес, се заканува целосно да ја изолира земјава од демократскиот свет и да и ја погребе иднината, само за да се спаси себе си од санкции, низ создавање хаос.
Преку коцкањето со кандидатскиот статус, со можни економски санкции, црни листи и блокирани имоти и сметки на функционери, власта е на најбрз пат самата да ги завери „дострелите“ на последната промашена деценија на самостојна Македонија, исполнета со несанкциониран криминал, потентен еднопартиски волунатаризам и континуиран пуч врз функционалноста на институциите.
Приказната за избори, на кои наводно сакаат да се натпреваруваат (со самите себе) е наменета само за покривање на трагите на вистинските намери. Интерните партиски анкети покажале тектонски потреси и падови во рејтингот на партијата. За да се покријат слабостите и паниката, ВМРО-ДПМНЕ, како и во изминатите десет години продолжува да ја манифестира нејзината дијагностицирана амбивалентност. Од една страна, се легитимира како партнер во преговори за излез од кризата, од друга, функционира како пучист врз каква било можност за тоа.
И, кога лагата и измамата и натаму остануваат главната заткулисна идеологија, илузорно е да се очекуваат избори или било што друго, од она што реално го имаме денес – пуч во МВР, одметнати началници кои не ги следат наредбите од министерот и планери за „совршено убиство“ на СЈО. Тоа е клучната партиска битка со која сакаат да ги вратат во ексклузивен партиски посед и пендрекот и правдата (касата и онака е нивна), бидејќи никогаш не научија како поинаку да ја одржуваат власта, освен врз полугите на (ре)пресија, грабеж и нивна неказнивност. На изборите и на „Пржино“ мислат колку на ланскиот снег.
ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ја манифестира нејзината дијагностицирана амбивалентност. Од една страна, се легитимира како партнер во преговори за излез од кризата, од друга, функционира како пучист врз каква било можност за тоа
А се сеќавате, нели, колку ВМРО-ДПМНЕ категорично се залагаше „бомбите“ да добијат правна разрешница? Но, кога увидоа дека СЈО не можат да го претворат ни во „тоалетна хартија“ ни во нивна играчка на навивање, и кога насетија дека истрагата за некои предмети длабоко навлезе во шемата за грабежот на НАРОДНИТЕ пари, експресно се откажаа од правната разрешница и го етикетираа СЈО како продолжена рака на СДСМ.
Кај келнерот нарачаа веднаш да им сервира тазе подготвено помилување и го добија. Цехот сега треба да го плаќаме сите. Тие не се грижат дали тој потег ќе ја однесе државата во слепа улица. Државата за нив има вредност само ако тие се на власт. Ја користат за да можат непречено од неа да цицаат пари и привилегии. Кога доводот ќе запре, кога од цевчето ќе почне да излегува повеќе воздух отколку кеш или кокаин, тогаш не им е важно дали државата ќе постои. Некој ќе мора да умре за тие да се спасат.
И додека целата приказна и натаму многу проѕирно и безобразно ја претставуваат како цел на меѓународни заговори реализирани „преку странски служби во спрега со домашни предавници“, видете каков е нивниот „противодговор“ на таквата наводна опасност. Од една страна ги аболираат осомничените за учество во тој „заговор“, наводно заради окончување на кризата, а од друга страна најавуваат расчистување со нив. Изгледа шашаво, ама нив им функционира.
Притоа, видете го и речникот кој го употребуваат овие декларирани демохристијани, кои божем имаат за цел да ги спречат поделбите и конфликтите меѓу граѓаните. Во денови на тежок духовен пост пред воскресението Христово, од нивните грла течат зборови кои тешко можат да се прокнижат како пораки за љубов и помирување, ако се сведени исклучиво на повици за „крв, конечна пресметка, истребување, прогонување, одмазда, казнување, протерување, забранување…“
Не можеме само да протестираме и да констатираме како секој ден паѓа или се руши по некоја тула од нашава заедничка куќа. Многу брзо ќе падне и последната
Мора да е нашиот спасител многу тажен, длабоко скршен од болка, кога гледа како фарисејски се исмеваат на неговата жртва, како секој ден одново и одново го распнуваат и му ги коваат рацете со клинови изградени од есенција на раскол, отсуство на почит и разбирање кон другиот. Тие тешко дека ќе го слушнат шепотот „Тешко вам, лицемери“. Оние кои немаат рецептори за љубов, покајание, срам, признавање на грешките, не можат ниту нешто да видат, ниту нешто да слушнат. Уште помалку да препознаат и спознаат.
Блиската историја во регионов е преполна со примери за политичко и морално лицемерие, крвави сценарија и навреме непревенирани последици од погубни потези, зад маските на обединување. Доволно е само да се фрли поглед на последните години на режимот на Милошевиќ и да се препознаат сите симптоми идентични со овдешните: желбата по секоја цена (и по цена на тотално загрозување на државата) да се има целосна контрола над медиуми, судство, полиција, војска, да се инвестира во националистичка и расколничка реторика и притоа да се очекува дека сето тоа ќе помине неказнето!
Како што во една прилика тоа илустративно го опиша Срѓа Поповиќ, Милошевиќ се обиде да игра две улоги – и на Црвенкапа и на волкот, што е толку апсурдно и противречно. Истото го прави и ДПМНЕ. Оваа Црвенкапа се подготви „конструктивно“ да прошета низ виенската шума над Шонбрун, откако претходно во Скопје маестрално ја одигра улогата на волк и со нарачаната одлука за аболиција крволочно го растргна Договорот, го искасапи, го уби…
Што остана во кошничката на Црвенкапа? Ништо, освен обвинувања дека опозицијата е виновна што пропаднала прошетката до Виена. Велам „прошетка“, бидејќи без повлекување на одлуката за аболиција, посетата на Виена не ќе беше ништо повеќе од тоа. И евентуално богат шопинг.
На таквата мимикрија, што ни ја продаваат лица неодговорни и незрели за степенот на сериозност во актуелниот момент, не може единствен одговор да бидат само протестите, бидејќи целите се комплексни и повеќеслојни.
Падот на режимот бара сложена битка и со неговите националистички и популистички политики, со груевизмот, со неговите бројни лаборатории во кои се негува семето на раскол, со неговите парасистеми за следење, снимање и прислушување инсталирани на разни локации, со неговите параполициски структури, со неговите параструктури во сенка за расчистување со неистомисленици, со цела една криминализирана индустрија од која не е доволно да се симне само натписот. Тое е еден цел криминален поредок кој го има узурпирано системот и направено резервен парасистем, кој треба да ја продолжи општествената парализа ако биде загрозен официјалниот.
Од него не може да произлезе само дворска завера или пуч, туку класично убиство на државата со умисла. Во нејзиното спречување ќе мора да помогнат стратегиските пријатели на Македонија, во интерес на мирот и стабилноста во земјата, но и на регионот.
Не можеме само да протестираме и да констатираме како секој ден паѓа или се руши по некоја тула од нашава заедничка куќа. Многу брзо ќе падне и последната. Тогаш ќе биде предоцна да ја спасуваме куќата што веќе ја нема.