Култура зад седумте јасени

Така излезе случајот: во следните две недели ќе се случат, според мене, неколку важни културни настани, во кои, било како учесник, било како дел од организацијата, сум директно вклучен. Во подготовките на овие настани се постави една, би рекол за овдешни прилики, вечна дилема: дали треба да се испратат официјални покани до политичарите, претставниците на власта и на партиите?

Дали, на пример, на промоцијата на реизданието на првиот македонски роман „Село зад седумте јасени“ на Славко Јаневски (патем речено ова е прва објава на овој роман од неговото прво издание во многу, многу далечната 1952 година) треба да биде викнат премиерот Зоран Заев или барем министерот за култура Асаф Адеми, барем со оглед на фактот дека изданието е поддржано од Министерството за култура? Треба ли да бидат викнати, да кажеме, претседателските кандидати? Или лидерот на опозицијата?

Аргументите за почитување на политичкиот протокол главно се сведуваа на некаква пиар-стратегија. Имено, ако се обезбеди присуство на високата политика, тогаш ќе биде обезбедено и присуство на медиумите и културниот настан и така ќе добие шанса да биде соодветно застапен во јавноста. Сепак, победија контрааргументите. Политичарите најверојатно нема да бидат официјално поканети и по цена, како што тоа сега е вообичаено, сите работи да се одвиваат со минимално медиумско присуство и покривање.

Прво, дури и да биде обезбедено присуството на комплетната политичка елита, голема е веројатноста дека медиумите оваа можност ќе ја искористат за поставување прашања кои се од „повисоки општествени цели“, односно за дневно-политички дебати.

Второ, зошто би присилувале некого да дојде на некаков културен настан, кога културата, па и онаа на највисоко национално ниво воопшто не го интересира и така, на извесен начин, да се загрози нивното удопство, како и удопството на оние кои навистина дошле поради сопствен интерес.

И, трето, дали воопшто прилега вакви настани да бидат искористени во полза на изборни кампањи? А, притоа, културата и уметноста воопшто да не бидат споменати. (Впрочем, знаеме на кој начин и како беше споменуван токму Славко Јаневски од страна на политичката елита во поновата македонска историја).

Она што е поразително во целата приказна е несфаќањето на ноторниот факт дека културата на овие простори во себе го носи најголемиот демократски потенцијал од сите можни ресори. За жал, овој потенцијал, оние што ја креираат реалната политика не го гледаат, не го почитуваат и не умеат да го искористат

Но, зошто да не биде викнат тогаш барем министерот за култура? Отприлика од истите причини. Имено, има очајно малку докази дека министерот воопшто го интересира ресорот на чие чело е. Скандалот со поделбата на средствата од Годишната програма за национални проекти само го потврдува овој впечаток. Па, дури и изјавата на министерот дека тој само ги потпишал решенијата на комисиите без да се меша во својата работа доволно говори за волунтаризмот на телото што треба да крои и создава политики во оваа област.

Најавата на влегување на Антикорупциската комисија во Министерството е само прилог во докажување на оваа теза, иако, да бидеме искрени, освен најавата, никакви други информации не ѝ се достапни на јавноста во смисла дали е почнат и до каде е овој процес.

Една пријателка, инаку голем ентузијаст токму во однос на културните случувања, вели дека на врата ѝ бил оставен памфлет со наслов „Стоте лаги на Зоран Заев“ и дека во памфлетот немало ниту збор за културата, како да е тука сѐ идеално. Постојат најмалку две причини зошто културата е изоставена. Прво, затоа што Зоран Заев, како што се гледа од праксата, воопшто не се занимава со овие прашања, односно не ја споменува културата, па следствено на тоа, не може ни да излаже за неа. И, втората, исто толку точна, со културата не се занимаваат ниту авторите на памфлетот (ВМРО-ДПМНЕ), па следствено на тоа, не можат ни да знаат дали Заев нешто излажал или не излажал во однос на неа.

Она што е поразително во целата приказна е несфаќањето на ноторниот факт дека културата на овие простори во себе го носи најголемиот демократски потенцијал од сите можни ресори. За жал, овој потенцијал оние што ја креираат реалната политика не го гледаат, не го почитуваат и не умеат да го искористат. На крајот на краиштата, за љубов се потребни двајца – ако политиката не ја сака културата, тогаш и културата не ја сака политиката.

Правилото тука е, имено, дека ако нешто се направи добро во творештвото, тоа е секогаш последица на ангажман и одлука на поединец, а никогаш на општествена, односно државна стратегија на тоа поле. И обратно. Ако во културата се направи нешто лошо, повторно е тоа одлука и (не)ангажман на поединец, бидејќи државата, едноставно, не е заинтересирана за културата на своите граѓани.

Во светот се одамна напуштени марксистичките теории за културата како „општествена надградба“, односно тезите дека „првин треба да се наполни стомакот, а потоа да се мисли на театар“. Напротив, за да се наполни стомакот, треба да се има одредено културно (образовно) ниво. Ако немаме како општество, како држава, како заедница, свест за овие прашања, тогаш ќе имаме и празни стомаци и празни џебови. И, секако, според сите истражувања ќе бидеме најнеписмени и најнесреќни.

Се разбира, иако е во длабока илегала, културата е, благодарам на прашањето, жива и здрава, иако има доста изгубено на својата тежина. Сепак, еве јас сум жив доказ за тоа, во државата и натаму ќе се случуваат интересни и, за мене важни, културни настани. Секако, без политичари, ако тоа нив не ги интересира.