Регион

78 дена стравување: Сеќавање на НАТО бомбардирањето на Југославија

Во соопштението беше наведено дека веќе биле погодени над 20 згради, оти воздушната кампања продолжува и дека подготвеноста и борбената готовност се на највисоко ниво. Како што беше наведено во соопштението, расположението меѓу војниците и офицерите на ВЈ било „невообичаено високо”.

Во продолжение на вестите, беше прочитана и изјавата на тогашниот министер за информации, денес претседател на Србија, Александар Вучиќ.

„Злосторничкиот, терористички, кукавички и предавнички напад на војската на НАТО на Србија и на Југославија, е доказ за неонацистичката политика на САД и нејзините сателити … Србија ќе се одбрани од агресорот и ќе го порази непријателот”, стоеше во соопштението на Вучиќ, што РТС го објави.

НАТО започна со воздушните напади на Југославија, во обид да го принуди претседателот Милошевиќ, да ги прифати условите од договорот, со кој би била завршена неговата воена кампања против Ослободителната војска на Косово (ОВК), која вклучуваше етничко чистење и убиства на албанските цивили.

Мировниот договор, во поголем дел од претходниот месец, беше дискутиран во замокот Рамбује во близина на Париз, во Франција. Меѓународниот притисок, што доведе до преговорите, дојде по масакрот што беше извршен во јануари 1999 година, кога српските сили убија 44 Албанци во косовското село Рачак.

Косовската делегација, предводена од политичкиот лидер на ОВК, Хашим Тачи, денес претседател на Косово, ги прифати условите на предложениот договор, со кој му се даваше шанса на насилството и кој понуди поголема  автономија за Албанците, со зачувување на југославенскиот суверенитет врз територијата.

Авни Зогиани, тогашен новинар на косовскиот весник, „Коха Диторе“, вели дека поради тешката ситуација на теренот во Косово, обичните луѓе не се грижеле за исходот од преговорите во Рамбује.

„Она што тие го сакаа беше ставање крај на војната и договор што ќе ги отстрани српските сили. Она на што луѓето се надеваа беше крај на трагедијата, што нивниот опстанок го стави под знак прашање“, изјави Зогиани за БИРН.

Раде Мароевиќ, српски новинар кој работел за новинската агенција „Бета“ во Белград, смета оти преговорите во Рамбује, не биле однапред осудени на неуспех, но нагласува дека „Американците прерано ја закажеле конференција и дека двете страни премногу се разединувале околу главните прашања“.

Милошевиќ одби да го потпише договорот, бидејќи тој не сакаше во Југославија да бидат распоредени меѓународни сили, а потоа го отфрли и финалниот ултиматум на американскиот специјален пратеник, Ричард Холбрук, за ставање крај на воената сила во Косово.

Во Србија, расположението беше фаталистичко. „Речиси сите знаеја дека бомбардирањето ќе почне, особено откако Ричард Холбрук го напушти Белград, без постигнат договор со Милошевиќ”, се присетува Мароевиќ.

Без поддршка од Советот за безбедност на ООН, на 24 март, НАТО ги крена своите авиони, со образложение дека мора да интервенира, за да се спречи хуманитарната криза.

Милошевиќ изјави оти воздушните напади се нелегални, а неговите сили, за возврат, удрија по Албанците.

Надреален живот во Србија

Зградата на центарот Ушќе во Белград, беше бомбардирана на 21 април 1999 година. Фото: Википедија.

Џеки Роланд, која била дописник на Би-Би-Си од Белград, кога почнале нападите на НАТО, вели дека иако во текот на бомбардирањето, смртта и уништувањето биле навистина реални, сепак се чинело дека има нешто надреално во идејата за војна во Европа, кон крајот на 20 век.

Редовниот живот некако продолжил, и покрај секојдневните воздушни напади. Роланд се сеќава дека, среде 78-дневната воздушна кампања на НАТО, нејзиниот локален продуцент и преведувачка, одлучила да се омажи.

„Попладнето и вечерата, пред нејзината венчавка, го поминавме во ресторанот Река. Помеѓу оброците и пијалоците, ги испраќав моите радио извештаи за Би-Би-Си во Лондон, по телефон. Во ресторанот беше бучно, па јас морав да излегувам надвор“, вели Роланд за БИРН.

Околу 23:00 часот, пристигнале полицајци во цивилна облека, за да ги уапсат, бидејќи некој во ресторанот им дојавил „сомнително” однесување на странец. „Можеби телефонирав за да ги наведувам  бомбардерите на НАТО?”, се пошегува Роланд.

Полицијата ги одвела во полициска станица каде што биле испрашувани неколку часа, но свадбата, сепак, продолжила следниот ден. Невестата носела бел фустан, кој таа го зела од кројачката во 2 часот наутро, кога биле ослободени од полициска станица.

„Околу зградата на општината, работниците метеа стакло, кое беше скршено во бомбардирањето изминатата ноќ. На свадбата присуствуваше таткото на невестата, но нејзината мајка и сестра го пропуштија тој голем ден, бидејќи беа избегани во Македонија“, се сеќава Роланд.

Некои од најконтроверзните напади за време на бомбардирањето на Белград, беа нападите на РТС и на кинеската амбасада, на 7 мај 1999 година. НАТО соопшти дека случајно ја бомбардирал амбасадата.

„Се чинеше незамисливо дека таа можеше да биде случајна цел”, нагласува Роланд. „Но, на што се надеваше НАТО и како мислеше да го оправда целењето на амбасадата?”

Една слика ѝ останала врежана во глава: „Зашеметениот кинески дипломат, кој излезе надвор од зградата во чорапи, а косата и очилата му беа покриени со прав од експлозијата”.

Стивен Ерлангер, кој за време на кампањата на НАТО беше шеф на дописништвото на Њујорк тајмс за Централна Европа и Балканот, се сеќава на некои слики од времето на бомбардирањето, кои и денес ги памети, како „пристигнувањето во Грделица веднаш по бомбардирањето на возот; гледањето како крстосувачка ракета оди кон улица; патувањето низ Косово за време на војната со дозвола од војската и 150 литри бензин во изнајмениот автомобил; етничкото чистење и бегството на Албанците од Косово, а подоцна и на Ромите“.

Смртоносни денови во Косово

Гледајќи ѝ на војната во очи, Авни Зогиани стравувал за животите на своите сонародници, Албанци.

Тој, неколку дена пред почетокот на бомбардирањето на НАТО, се вратил од Дреница, од каде што известувал за борбите меѓу ОВК и српските сили.

„Река од (југословенски) воени возила, кои се движеа кон Дреница, имаа формирано колона од околу 20 километри. Бев ужаснат од она што го видов. Се сеќавам дека помислив оти никој нема да преживее“, раскажува тој.

Зогиани цела година известувал за убиствата што ги вршеле српските сили, а луѓето живееле во постојан страв од смртта или протерувањето, се сеќава тој.

„Заминав во Приштина и видов дека градот е блокиран. Луѓето беа затворени (во своите домови) бидејќи се плашеа да не налетаат на српските сили, кои, во деновите што следеле, една по една, ги празнеа куќите и ги транспортираа луѓето до железничката станица, каде што со воз беа праќани во Македонија“, рече тој.

Според проценките на српската влада, за време на воената кампања на НАТО, биле убиени најмалку 2.500 лица, а 12.500 биле повредени. Сепак, точниот број на жртви останува непознат.

Исто така, беше проценето дека во бомбардирањето биле оштетени 25.000 куќи и станбени објекти, и уништени 470 километри патишта и 600 километри железничка пруга.

Хјуман рајтс воч соопшти дека бројот на цивилни жртви изнесувал околу 500.

Џејми Шеј, кој беше портпарол на НАТО, за време на воздушните напади, во февруари во интервју за ТВ емисијата на БИРН Косово, „Животот во Косово”, изјави оти бил сигурен дека со нападите врз режимот на Милошевиќ, НАТО ја прави вистинската работа и дека правдата е на страната на Алијансата .

„Задоволен сум што се обидовме да ги постигнеме нашите цели преку дипломатски канали и што користивме минимална сила за да ги избегнеме жртвите. Целосно верував во она што го правевме“, рече Шеј.

Милошевиќ поразен и соборен

Кампањата на НАТО беше прекината на 10 јуни 1999 година, со потпишувањето на Кумановскиот договор и со усвојувањето на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност, по што следеше повлекување на сите југословенски воени сили од Косово и пристигнување на 36.000 војници на меѓународните мировни сили.

Милошевиќ, следната година, со бунт беше соборен од власт, а во 2002 година беше екстрадиран во Хашкиот трибунал, за му се суди за злосторства, вклучувајќи ги и оние извршени во Косово. Тој почина во притвор, пред да му биде изречена пресудата.

На прашањето за лекциите кои можат да се извлечат од интервенцијата на НАТО, Ерлангер вели: „Тоа зависи од вашата политика, претпоставувам.”

„Интервенцијата во граѓанска војна е комплицирана работа, научената лекција во Косово беше заборавена, а потоа повторно, се надеваме, научена во Либија. А така е и со ‘формирањето на нацијата’, во која мешавина треба да се додаде и Босна“, истакнува Ерлангер.

Тој нагласува дека Милошевиќ, порано или подоцна ќе паднел и дека по падот на Берлинскиот ѕид, било невозможно Југославија да се одржи заедно.

„Постојат граници на моќта на внатрешната репресија, кога плимата се свртува – тоа е лекција што автократите никогаш не ја научија”, нагласува тој.

За Албанците од Косово, кампањата на НАТО, по „очајните времиња”, донесе надеж, вели Авни Зогиани.

Слободан Милошевиќ

„Бомбардирањето следеше по една година интензивна воена кампања. Иако сите знаеја дека бомбардирањето ќе ги налути Србите и дека можеби ќе стане уште потешко, по првите бомбашки напади се славеше“, се сеќава тој.

Тоа беше „светлина на крајот од тунелот”, додава Зогиани: „Надежта беше вратена во моментите на најдлабокиот очај”.

„Интервенцијата на НАТО ги запре нападите на Милошевиќ врз албанските бунтовници и создаде нова реалност во Косово”, вели Мароевиќ.

Роланд верува дека опипливиот резултат на кампањата за НАТО е независноста на Косово, кое „досега, како суверена нација, го признаа повеќе од 100 земји”.

Но, Мароевиќ додава дека „НАТО ги свртел масите во Косово, па сега наместо српска, имаме албанска доминација”.

И покрај тоа што интервенцијата на западната воена алијанса, помогна косовските Албанци да ги остварат своите соништа за независност, ова е сѐ уште длабоко вознемирувачко прашање за Србија, каде што бомбардирањето се опишува како „агресија”.

Графити кои велат дека „Косово е Србија”, можат да се видат низ цела земја, каде што губењето на покраината останува длабоко чувствителна тема.

Црна Гора, која, исто така, беше бомбардирана во 1999 година, минатата година му се приклучи на НАТО, но членството во Алијансата сé уште е во голема мера непопуларно во Србија.

Според анкетата, која кон крајот на минатата година ја објави белградскиот Центар за слободни избори и демократија, 60 проценти од испитаниците изјавиле дека ја поддржуваат воената неутралност на Србија; само седум проценти биле за поблиски односи со САД и НАТО.

Шеј оптимистички вели дека се надева оти сега поголемиот дел на граѓаните на Србија знаат дека интервенцијата на НАТО не се однесувала на нив, туку на режимот на Милошевиќ.

„Верувам и се надевам дека, особено кај помладата генерација Срби … сфаќаат дека Милошевиќ бил нивен противник … бидејќи ги изолира од Европа и создаде многу тешка ситуација во нивната земја”, објаснува тој.

Сепак, укажува дека и покрај тоа што се случи во 1999 година, денес Србија и НАТО соработуваат заедно.

Србија е дел од програмата на НАТО, Партнерство за мир, а во март 2015 година склучи и Индивидуален партнерки акциски план со сојузот, што се смета за највисоко ниво на соработка со НАТО, на државите кои не се членки. Сепак, српските официјални лица изјавија дека Србија никогаш нема да влезе во НАТО и оти ќе остане воено неутрална.

Прашањето за влијанието на бомбардирањето врз јавното здравје останува жива проблематика во српската политика.

Властите формираа парламентарна комисија, која го испитува влијанието на употребата на муниција со осиромашен ураниум за време на воздушната кампања на НАТО, а српските медиуми објавија дека наводното зголемување на заболени од тумор, е последица на бомбардирањето, игнорирајќи го фактот дека осиромашениот ураниум речиси исклучиво се користеше во Косово.

Годишнината на бомбардирањето ќе биде одбележана на 24 март со богослужба на српската православна црква и со комеморација во спомен на жртвите на воздушните напади на НАТО, на која ќе присуствуваат високи владини претставници, под мотото „Не го заборавајте злосторството”.

Во Косово, сé уште нема официјални информации за настаните за одбележување на годишнината.