Според моето ограничено сеќавање на уште поограниченото мое изучување на „мртвиот“ јазик, мудрите, стари и изумрени Латини би рекле: „Nihil nuovi sub sole“ (Ништо ново под сонцето), а ние во хор ќе го повториме. Значи, се ближат избори.
Добро, до април има уште доста време, односно околу една третина од периодот во кој владееше актуелната влада, ама уште сега е јасно дека предизборната кампања е веќе пуштена на јаките нивоа и дека изборите ќе бидат главната тема и неколку месеци по нивното одржување.
Затоа тука ќе се обидам да бидам малку дисонантен, а, сепак, да не скршнам од наводно главната тема. Освен сите други работи што ќе го „красат“ претстојниот период, секако повторно зборот „култура“ ќе биде анатемисан или, во најдобар случај, ќе се спомене како некоја варијанта на „орнамент“ на некаква партиска програма – демек, мислиме ние и на култура!
И ова не се должи само или првенствено на непостоење никаква партиска културна стратегија. Дури ни Никола Груевски и неговото ВМРО-ДПМНЕ не го ставаа проектот „Скопје 2014“, кој главно се реализираше преку Министерството за култура и чинеше купишта пари, во ниту една своја дебела книга, што ја претставуваше нивната предизборна политичка програма.
Отсуството на културата во периодот што е пред нас (е резултат на погрешната процена дека „народот е некултурен“, односно дека повеќе го интересира полниот стомак и асфалтирани сто метри од некој селски пат, отколку нечие уметничко дело
Некако, веројатно со право, се мисли дека културата не е „тиражна“ за избирачите или барем целната група не е квантитативно квалитетна за нејзе да ѝ се обрати некое минимално внимание. На крајот на краиштата, може и да се згреши, а „културните“ се преосетливи на такви грешки како што беше споменатиот проект.
Лично мислам дека отсуството на културата во периодот што е пред нас (а веројатно и долго потоа) е резултат на погрешната процена дека „народот е некултурен“, односно дека повеќе го интересира полниот стомак и асфалтирани сто метри од некој селски пат, отколку нечие уметничко дело.
Процената, секако, е погрешна, но не затоа што некој своите последни пари би ги дал за некоја театарска претстава наместо да купи леб и млеко, туку затоа што е неверојатно поразително дека, всушност, и денес, во овој нов век, уште не сме сигурни во значењето на овој поим.
Колоквијалното значење на зборот „култура“, она како што се користи и во министерската номенклатура на владата, всушност, е уметност (творештво) и споменици на културата. Деновиве, преку актуелните протести, се потсетивме, на пример, дека постојат и земјоделски култури. Прашање на време е кога ќе сфатиме дека во медицината, на пример, постои и уринарна култура.
Со цел ризик на предизвикување здодевност ќе се навратам повторно на моите Римјани. Освен што зборуваат за повторувањето како мајка на знаењата, тие имаат и еден израз со кој веројатно најдобро се дефинира поимот „култура“: „Repetitia iuvant“, што отприлика би значело „повторувањето е од полза“.
Културата, имено, се базира на функционалното, односно полезното. Она што е полезно е добро, а она што не е полезно, не е добро. Со други зборови, она што е полезно е „културно“, а она што не е полезно е „некултурно“. Во таа смисла, материјалниот свет и тоа како влегува во духовниот и ја детерминира нашата „култура“. И обратно, се разбира.
Или, ајде да кажеме вака, изборите се повторуваат и секогаш се работи за некое општо или општествено добро, односно општествена полза. Во таа смисла, изборите се непосреден израз на политичката култура.
Значи, во моето опкружување, меѓу пријателите и соседите, познатите и непознатите, сѐ повеќе слушам муабети дека нема никаква цел да се излегува на избори, дека сите се исти, дека изборниот модел треба радикално да се промени итн. Се разбира дека ја разбирам разочараноста и апатијата. На некој начин и јас ѝ припаѓам на таа група.
Конечно, и апстиненцијата, па и незаинтересираноста за политичките процеси е некаков политички став, признаен во повеќето демократии. Само што апстиненцијата не влегува во категоријата „политичка култура“. Едноставно, не е полезна
Конечно, и апстиненцијата, па и незаинтересираноста за политичките процеси е некаков политички став, признаен во повеќето демократии. Само што апстиненцијата не влегува во категоријата „политичка култура“. Едноставно, не е полезна.
И според дефиниција и според пракса, политичките избори се право, но многу повеќе човекова и граѓанска должност за одговорно учествување во унапредувањето на доброто за заедницата. Не смееме да заборавиме дека нашата политичка, социјална и економска состојба е директна последица на дејствувањето на тие што ние сме ги делегирале да ја спроведуваат власта во наше име.
Со други зборови, одговорното заземање за општото добро на заедницата (вклучувајќи го тука и материјалното добро) е дел на културата, која во себе ја содржи и политичката култура. Изборите се само една алка во верижниот процес на политичкото созревање, но затоа нивниот квалитет и тоа како зависи од политичката култура на избирачот.
Одговорното гласање значи и посериозно учество во политичките процеси, а со самото тоа и поголема одговорност на избраните политички елити. Одговорното учество на изборите значи одговорно учество во создавањето подобро општество за сите негови членови. А тоа не е само темелно човеково право, туку, пред сѐ, должност на секој полноправен член на заедницата, кој природно тежнее кон подобар и посреќен живот.
Не знам каков ќе биде резултатот на претстојните избори. Знам каква е политичката култура на политичките елити и зошто културата е речиси прохибиран чин во нивните предизборни програми.