Уште, што се вели, компјутерот на Министерството за култура, на кој беше распишан Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес, чесно не се ни загреа, а веќе можеа да се слушнат редици забелешки од страна на творците и културните работници. На некој начин, незадоволството од тоа како се спроведуваат годишните конкурси, а особено како се прават, стана своевидна традиција во овдешните не толку гломазни културни кругови.
И уште еднаш се отвори прашањето на односот (антагонизмот) меѓу политиката и творештвото. Дури и на социјалните мрежи, традиционално нечувствителни за овие прашања, а во последно време главно фокусирани на локалните избори и на спорот со Бугарија, можеа да се проследат неколку издржани и интересни дебати на оваа тема.
Просто е неверојатно како Министерството не собра сили и не направи една сериозна, широка и транспарентна дебата на оваа тема, љубоморно оставајќи ги овие прашања на своите административни капацитети. Всушност, и не е толку неверојатно, ако се знае дека интересите на Министерството за култура (читај: политиката) се речиси дијаметрално различни од мотивите за создавање култура.
Автентичното уметничко творештво е единствениот сектор на човековото битие, во кој тој ги сочувал непобитните докази дека навистина е роден во слобода и за слобода што не го загрозува Другиот
Жан Жак Русо ќе го почне својот „Општествен договор“ со славната реченица: „Човекот се раѓа слободен, а секаде живее во окови“. Врз база на искуството, она по Русо, особено современото, ќе се осмелиме да тврдиме дека токму автентичното уметничко творештво е единствениот сектор на човековото битие во кој тој ги сочувал непобитните докази дека навистина е роден во слобода и за слобода што не го загрозува Другиот, туку напротив, во слободното воспоставување на индивидуалитетот на Другиот, тој ја гледа можноста за воспоставување на сопствениот идентитет.
Целиот останат развоен цивилизациски корпус, во технолошка, економска, социјално-психолошка и политичка смисла, претставува една бескрајна клацкалка меѓу слободата и неслободата. Резултатот на ова клацкање, особено по системските колективни обиди за „култивирање“ на Другиот и по големите егзистенцијални искуства, често ни разоткрива дека токму оној најнехуман дел од човековото битие, ете, останал недопрен.
Во таа смисла, политиката, најопшто кажано, е – управување, поточно влијание врз управувањето со луѓето, со нивните општествени односи, како и со материјалните услови на нивниот општествен опстанок. Затоа политичката дејност секогаш е упатена на стекнување општествена (над)моќ, односно освојување на постојните и производство на нови лостови на политичката власт во општеството.
Во така разбраната политика, секој облик на општественоста и секој облик на индивидуалното самопотврдување станува – политичко прашање!
Тоа е моментот на раздвојувањето на овие два општествени феномена, политиката и уметноста. Уметничкото дело, ако навистина се стреми да биде уметничко, односно автентично, не поднесува никакво политичко условување. Напротив, секое условување од овој тип ја потсетува дека треба да ја брани сопствената автентичност, инаку нема да биде уметност, туку пропаганда.
Апсурдот на овие општествени противречности кулминира во фактот дека уметничкото творештво, за да може воопшто да опстане како уметничко, мора да го бара својот спас на пазарот. А таму може да опстане само со сопствена „генетска модификација“, односно да не биде повеќе автентично, туку прилагодено на пазарните услови.
И тогаш, како првостепен политички фактор, се јавува државата, која на себе ја презема одговорноста за опстанокот на уметноста, но и тоа има своја цена, која најчесто се поднесува во една суптилна форма на „демократско пакување“. Затоа односот меѓу политиката и културата денес е поделикатен од кога било.
Во досегашниот петгодишен мандат на Зоран Заев, актуелната министерка Ирена Стефоска е четврто кадровско решение на ова место (претходно беа Роберт Алаѓозовски, Асаф Адеми и Хусни Исмаили)
Како изгледа тоа во нашиот случај, односно во случајот со актуелниот конкурс на Министерството за култура? Ако ги оставиме настрана сите други ограничувања со кои се среќаваат нашите уметници – ресурси, материјали, просторни услови, пандемија итн., Министерството во конкурсот наведува и други ограничувања. На пример, од можните, ако не се лажам, девет области наведени во Конкурсот, едно правно лице може да конкурира само во две и (максимално) со по два проекта по област, односно вкупно четири проекти. Едно физичко лице, исто така, смее да конкурира само во две области, но со по еден проект. Во издавачката дејност повторно се ограничува бројот на проектите на десет, додека физичко лице смее да конкурира само со еден проект.
Се разбира, нема никакво објаснување зошто се мисли дека една издавачка куќа не може да објави повеќе од десет квалитетни наслови (вклучувајќи ги тука и преводите). Или зошто извесен поет не може во истата година да објави и препев и своја стихозбирка? Или зошто некоја од бројните невладини организации што се занимаваат со култура, не смее да направи драмска програма, да одржи некоја манифестација и да објави некоја книга?
По логиката на работите, можни се само две причини за наметнатото ограничување на бројот на проектите. Првата е онаа стандардната: „Да има за сите по малку“, што на крајот завршува со тоа дека нема за никого доволно. И втората е врзана за минатогодишните скандали, врзани токму за овој конкурс, односно да се избегнат озборувањата за можна корупција, од типот „Зошто овој доби толку, а оној онолку“.
Како што може да се забележи, ниту една од овие причини не влегува во творечката, туку во политичката сфера. Како што веќе констатиравме, секој општествен ангажман од овој тип, како и секое индивидуално самопотврдување, низ призмата на Министерството првенствено станува политичко прашање, од кое полза не може да има уметничкото творештво, туку само – политиката!
Од овие примери може да се види дека годинава (како и во изминатите години) нема да се форсира автентичност, туку она што може да се оправда. Оваа порака е веќе јасно сфатена од засегнатите страни, кои сега ги прилагодуваат своите програми токму според политичката максима: „Уметност на можното“. Без обиди за промени и без обиди за проширување на творечките граници.
Не е безначајно да се каже дека овие промени во конкурсните услови се воведени без никакви претходни известувања, што сериозно ги нарушува развојните планови на културните институции.
Најзначајниот глобален документ од областа на културата, „Агенда 21 за култура“, усвоен во Шпанија 2004 година, веќе е потпишан од околу 400 светски градови и локални самоуправи
Неконзистентноста на македонските културни политики е веќе општо место во македонската творечка култура. Доволно е само да се спомене фактот дека во 30 години независност во Македонија се смениле 15 министри за култура, од кои двајца (Елизабета Канческа Милевска и Благоја Стефановски) заедно имале 13 години мандат. Другите 13 министри поделиле 17 години мандат. Во досегашниот петгодишен мандат на Зоран Заев, актуелната министерка Ирена Стефоска е четврто кадровско решение на ова место (претходно беа Роберт Алаѓозовски, Асаф Адеми и Хусни Исмаили).
Во екот на предизборната кампања за претстојните локални избори, можеби не е лошо да се потсетиме на некоја изјава од некој кандидат за градоначалник, врзана за културата. Освен (ретки) ветувања за градење некакви сали, културата никако не е присутна во овдешната политичка борба. А и не може да биде. Од едноставна причина, македонската културна политика е (пре)централизирана. Во Скопје знаат какви манифестации му се потребни на Свети Николе или на Куманово и кој треба да биде директор во Струмица.
Ова го споменуваме, не само затоа што чести приговори во спроведувањето на културните политики се однесуваат токму на таканаречениот „национален клуч“, туку затоа што европскиот, а и светскиот тренд е токму третирањето на културата како фактор во регионалниот развој.
Најзначајниот глобален документ од областа на културата, „Агенда 21 за култура“, усвоен во Шпанија 2004 година, веќе е потпишан од околу 400 светски градови и локални самоуправи. Во овој документ, меѓу другото, стои дека локалната култура е заедничка одговорност на граѓаните, на цивилното општество и на властите, што ќе каже дека заеднички ја управуваат.
Тоа е важно, затоа што културното творештво, според својата суштина, е проективно, а тоа значи дека е насочено кон развојни промени. Тоа стои зад секоја промена, предизвикана од човековиот целно дефиниран акт.
Творештвото е промена самото по себе.