Со висок степен на стомачни киселини и мачнина во желудникот се обидував да ги проследам медиумските извештаи од таканаречената Меѓународна конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани, организирана по повод првата годишнина од најголемата македонска колективна траума од независноста до денес (а системот, богами, ни овозможил да преживееме дузина, што колективни, што индивидуални трауми).
Не знам кој го осмислил овој собир, ама лошо го осмислил. Дури и самото именување на Конференцијата ми е проблематично, па дури и цинично. Акцентот, имено, е ставен на она „по пожарот во Кочани.“ Не знам кому воопшто му значат овие „тапани после свадба“? На жртвите?
Не се рекло бадијала дека после фудбалскиот натпревар сите тренери се паметни. Требаше, значи, драги браќа од власта да ги апсолвирате овие „институционални и клинички аспекти и решенија“ пред пожарот во Кочани, а не отпосле. Вака тие немаат никаква вредност ниту за жртвите, во чија чест наводно ја правите Конференцијата, ниту за нивните семејства или нивните најблиски.
Цинизмот на власта
А, да бидам искрен, немаат ни за мене. Не затоа што се небитни (напротив), туку затоа што доброто функционирање на системот се подразбира, лошото не. Не гледам зошто би се удирале таламбаси и би се свиреле фанфари затоа што некој се сетил дека системот треба да функционира и по тој повод.
Кога споменувам „фанфари и таламбаси“, најмногу мислам на фактот дека целиот овој собир, заедно со неговата медиумска покриеност, не беше ништо друго, туку своевиден маркетинг, можност власта да се пофали самата себе колку добро „одговорила на предизвиците“ и колку „ефикасни биле институциите.“
Дури, во предвечерието на оваа конференциска фарса, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека неговата влада повеќекратно подобро се справила со трагедијата во Кочани од Швајцарија по пожарот во Кран Монтана. Каква утеха! Треба ли да ми биде полесно од оваа констатација и зошто не?
Просто човек да помисли дека ако трагедијата во Кочани не постоеше, требаше да се измисли. Само за да може владата да се фали колку е ефикасна
Просто човек да помисли дека ако трагедијата во Кочани не постоеше, требаше да се измисли. Само за да може владата да се фали колку е ефикасна. Цинично е, велам, по 63 жртви и преку 200 повредени, сите млади луѓе, и сите живи изгорени од никој друг, туку токму од коруптивниот систем, да зборуваш за ефикасноста на тој ист систем. Каква ефикасност? Првин ќе ги запалиме, па потоа ќе се фалиме што сме презеле за „никогаш да не се повтори.“ Каква е таа ефикасност? Освен во убивањето млади луѓе.
Чинам дека беше Сашо Клековски, директорот на Фондот за здравствено осигурување, кој рече дека во Кочани се случила втората најголема трагедија во поновата историја на Македонија, веднаш по катастрофалниот земјотрес во Скопје. Интересно ми е ова мешање баби и жаби.
Небаре корупцијата или лошата политика или човечкиот фактор го предизвикаа скопскиот земјотрес. Што се однесува до мене, можеше слободно да каже дека Кочани е веднаш зад погромот на Евреите од Македонија во 1943 година. Штом може да спореди една природна катастрофа со трагедија предизвикана од човечки фактор, од немар и корупција, тогаш може да спореди и со нацистичко злосторство.
Сепак, она што најмногу ми боде очи е речиси целосното отсуство на таканаречената институционална култура на сеќавањето. Култура на сеќавањето е колективно сеќавање на жртвите на еден колектив. Во случајов, на една држава.
Културно е да се сеќаваме на своите жртви. Оние што настрадале од наше или од туѓо злосторство, од природни катастрофи или од виша сила. Културно е да им ги споменеме имињата. Да им ги видиме ликовите. Да се потсетиме што работеле. Да се потсетиме каква иднина би ги очекувала да не настрадале. Културно е, велам, да не ги заборавиме.
На комеморацијата во Собранието и на централниот настан, дури и изразите на сочувство изгледаа механички и протоколарно. Неуверливо. Дури и полните усти со повикување на правдата и принципите на правната држава изгледаа како неуверливи фрази.
Што ни е нам Кочани?
А како поинаку и да дејствуваат? За случајот во Кочани се обвинети 60 физички и три правни лица против кои се води постапка дури во четири одвоени судски процеси. Три одвоени процеси се водат против вкупно 25 полициски службеници, а еден против 35 физички и три правни лица. (За споредба, на главниот Нирнбершки процес за нацистичките злосторства беа судени 24 лица).
Во теоријата постои еден термин: „разлеана одговорност.“ Во превод тоа значи дека правдата се остварува обратнопропорционално од бројот на осомничените. Колку повеќе осомничени – толку помалку правда. Или, со други зборови: ако сите се виновни, тогаш никој не е виновен. Ваквите робусни процеси се реална можност за разводнување на правдата.
Најпрвин преку бескрајните одложувања на рочиштата, а потоа и преку сите други правни механизми – барања за изземање на обвинителите, судиите, откажувања на адвокатите, потоа жалби и поплаки итн.
Правдата се остварува обратнопропорционално од бројот на осомничените. Колку повеќе осомничени – толку помалку правда. Или, со други зборови: ако сите се виновни, тогаш никој не е виновен
Само да напоменеме дека обвинетите не се товарат за злосторничко здружување, што значи дека секој од нив е практично посебен случај, што, исто така, претставува индикатор, кој навестува прилично растегнување на целиот случај во недоглед.
Вака „разлеаната“ правда претставува моќна алатка во идејата, кочанскиот случај полека да потоне во колективен заборав. Се чини дека таквата идеја, ако воопшто постои, веќе се реализира. Наместо културата на сеќавањето, ја инсталираме културата на заборавот. А културата на заборавот, всушност, е некултура од најдолен вид.
Мантрата „Животот мора да продолжи“ се споменува речиси секогаш кога ќе се спомене кочанскиот пожар. Но, не… животот, не само што не мора да продолжи, туку мора да застане сѐ додека реално не разбереме што навистина ни се случи во Кочани и зошто ни се случи.
Не ја преживеавме катарзата, а без нејзино преживување, ќе останеме вечно заглибени во овдешното мочуриште на корупција, немарност и неодговорност. За да ја преживееме таа катарза, во најмала рака мораше да се понесе политичка, морална и секаква друга одговорност. Моравме да бидеме гласни и да го бараме тоа. Затоа велам дека е цинично и безобразно на годишнината од оваа трагедија да се фалиме колку сме успешни и ефикасни.
Еве, денес е годишнината од големата трагедија, а ние уште не одговоривме на круцијалното прашање: Што ни е нам Кочани? И, за жал, мислам дека никогаш нема да одговориме.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија











