… Немаме шанси со културата, ви велам, немаме шанси. Желни копнееме по неа, ноќе ја сонуваме, ја бараме крај себе штом ќе се разбудиме. А таа, ако нѐ задоволила барем за миг, навидум нѐ исполнила, веќе сега е некаде далеку и предавнички подмирува други што копнеат по неа, за нас туѓинци, можеби дури и душмани…
Вака некако полскиот автор Анджеј Стасјук ја опишува културата во својот есеј „Во кафезот на културата“, посветен на книгата „Дневникот на нилскиот коњ“ (2020) од полскиот писател Кшиштоф Варга.
Се разбира дека текстот е главно наменет за Полска и за полската култура. И воопшто не е благонаклон кон неа, кон полската книжевност, полскиот филм, полскиот театар, полското сѐ… „Јалова земја. Никаков гром, само цивкање.“ И се разбира дека слободно можете да го префрлите текстот на македонска почва и да сфатите дека станува збор за нас.
„Олеснување носат само странските култури. Главно, се разбира, преку Нетфликс“, вели авторот на едно место. Сепак, основната специфика што ја разликува овдешната од полската култура е фактот дека ваков текст кај нас не можете да прочитате. Едноставно, не е можен, ниту, пак, има каде да се објави.
Деновиве, поточно на 29 октомври, се одбележа Денот на „Нова Македонија“. На овој ден, во 1944 година, во Горно Врановци излезе првиот број на овој весник. „Нова Македонија“, да потсетиме, не беше само информативно гласило, туку многу повеќе медиум за ширење на културата и писменоста во девастираната земја.
И токму на овој ден, низ годините, беа прогласувани наградите на традиционалниот конкурс за краток расказ што со децении го организираше токму „Нова Македонија“. Низ овој конкурс помина буквално целата македонска книжевна плејада. Голем дел од наградените раскази и денес се сметаат за антологиски и ненадминати во македонската раскажувачка традиција.
Јубилејот на Јаневски едноставно беше прескокнат од државата Северна Македонија, од Собранието, од Владата и нејзиното Министерство за култура, од Македонската академија на науките и уметностите, од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“….
Годинава не беа прогласени наградените раскази. Ниту, пак, ќе бидат врачени наградите. Конкурсот, едноставно, не беше распишан! Тешко и напорно се создава традиција, а лесно и бесцелно се уништува.
Низ „Нова Македонија“ дефилираа делата на Блаже Конески, Славко Јаневски, Петре. М. Андреевски, Живко Чинго… и сите оние великани што ги изнедри овој народ за да го водат преку јаловата земја, преку пустината, од извор до извор, од еден до друг бунар, за да не умрат од жед. Но, ние, не само што ги пресушуваме бунарите, туку ги полниме со жолч и чемер.
Каков вкус човек може да има во устата, ако се потсетиме дека уште на 15 јануари, градот Скопје ја прогласи годинава за година на Славко Јаневски, по повод стогодишнината од неговото раѓање. Беше најавуван мурал во негова чест, именување една улица и именување на една од градските библиотеки со неговото име.
Еве, да го пренебрегнеме фактот дека станува збор за формализирање на името на Славко Јаневски (но, не и на делото), бидејќи именувањето улици и библиотеки тешко може да се подведе во категоријата „културни вредности“, односно без оглед на тоа, ете, и на крајот на годината, Јаневски не доби ниту улица, ниту библиотека, а мурал уште помалку. Организирање трибини, читања, симпозиуми, преобјавување, критичко размислување за делото, препрочитување на клучните дела… сето тоа влегува во доменот на мисловните именки.
Јаневски едноставно беше прескокнат од државата Северна Македонија, од Собранието (кое годинава не ја ни усвои Програмата за обележување важни датуми), од Владата и од нејзиното Министерство за култура, од Македонската академија на науките и уметностите, од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“… Се чини дека лустрацијата што врз Јаневски ја спроведе поранешниот режим сѐ уште трае.
Не е на одмет на ова место да се потсетиме на оригиналното значење на зборот „култура“. Коренот е латински (colere) и значи обработување, одгледување, засадување, негување… Културата во антрополошка смисла се врзува исклучиво за човекот. Тој е во состојба да ја одгледува, сади и негува земјата. Што одгледуваме и негуваме ние на оваа кутра јалова земја?
Прашањето, се разбира, е реторичко, ама следното не е: со каква политичка премиса за заштита на идентитетот ќе излеземе во спорот со Бугарија? Во целото ова истурање гнев по повод националното определување на Гоце Делчев, можевме барем еднаш да се сетиме на неговата најпозната мисла за полето за културен натпревар.
Ама, се чини, немаме повеќе со што и зошто да се натпреваруваме. Ксенофобични во своето незнаење и неумеење ја чуваме културата во кафез, не знаејќи дека на тој начин самите се затвораме во најтемните зандани.
Немаме шанси со културата, ви велам, немаме шанси…