Лажната дилема

Настрана од прашањето за целисходноста на потенцијален референдум, никако не може да се тврди дека во овој момент единственото релевантно прашање би било – дали сакате Македонија да биде членка на ЕУ?

Иако не е исклучено дека расположението за ЕУ е драматично стопено, сепак, највисокиот процент од граѓаните сигурно би одговориле – ДА. Но, ако ги прашате дали сакаат ЕУ-интегративниот процес да тече под понудените услови, одговорот во најголем процент би бил НЕ.

Прашањата и проблемите не треба да се релативизираат, туку да се дискутираат и да се решаваат, макар и тој процес да трае подолго бидејќи многупати сме се увериле дека пократкиот пат секогаш излегува најдолг

Воопштувањето „за“ или „против“ ЕУ е лажна дилема, одамна решена, одамна институционално вградена во надворешните приоритети на земјата и на статутите на политичките партии и такво прашање нема никаква допирна точка со суштината на актуелниот момент.

Тоа е исто како да ги прашувате граѓаните – дали сакаат правда и правна држава. Секако – ДА. Но, каква би била поентата на тоа прашање, ако ниту во изминатите години, ниту сега, не се прават искрени институционални заложби таа да заживее. Или, ако нема никакви лимити што можат да спречат и санкционираат една јавна сапуница по прашањето – кој прави криминал, а кој го брани – наместо тоа да се докажува ефикасно, неселективно и непристрасно во надлежните институции.

Тоа е исто како да ги прашувате граѓаните – дали сакаат да се вработат, а да го игнорирате фактот дека ништо не е направено процесот на вработување да се деконтаминира од инсталиран пристап до работа според партиски налози и партиска припадност.

Тоа е исто како да ги прашате граѓаните дали сакаат да бидат успешни, а да го пренебрегнете фактот дека во нашите околности „моделот за успешност“ во најголем број случаи е резултат на незаконски дејства (нагалено име за најгрубо пљачкање на државата).

Воопштувањето и генерализирањето се обид од фокусот на нашите проблеми да бидат оттргнати есенцијалните прашања и сите да се занимаваме со формата, со површности, без знаци на подготвеност да разговараме за она што се крие под површината на ледениот брег.

За тешките прашања не постои лесен начин, а најмалку се решаваат со замижување пред проблемите или со „терај сега, утре ќе му ја мислиме“…

Властите постојано потенцираат дека тие имаат улога и одговорност плус: да бидат визионери и да носат тешки одлуки и тогаш кога општеството можеби не е подготвено или созреано за тоа.  

Да, тоа е точно. Властите треба да носат храбри и тешки одлуки, без да калкулираат дали таквите одлуки најбргу ќе ги однесат кон паѓање од власт.

Но, што значи храбра одлука? Дали тоа по дефиниција значи и правилна, корисна одлука?

За илустрација ќе посочам неутрален пример. Врховниот суд на САД донесе одлука да го укине општото право на абортус, со што отвори можност државите сами да го забранат абортусот. И тоа беше оценето како „храбра“ одлука, но дали и правилна? Доминантно – не.

Во земјава досега беа донесени многу храбри одлуки, исправноста на некои ја потврди времето, но за некои – не. Во однос на вториве, се покажа дека секоја почетна грешка потоа води кон друга, кон трета и на крајот влегуваме во еден маѓепсан круг од кој не се гледа излез.

И наместо навреме да се запре таква спирала, во која било сфера, тоа не се прави, па не е чудно што денес се соочуваме со поразителни сознанија: каде и да чепнеш, нешто е гнило – по прашањето за правда, за инфраструктура, здравство, образование… Списокот е отворен, и за жал, со силна конкуренција.   

Затоа прашањата и проблемите не треба да се релативизираат, туку да се дискутираат и да се решаваат, макар и тој процес да трае подолго бидејќи многупати сме се увериле дека пократкиот пат секогаш излегува најдолг.

Ако пред неколку месеци граѓаните беа прашани (во анкета) – дали деблокада на бугарското вето за време на француското претседателство со ЕУ може да ги зајакне позициите на власта – одговорот ќе беше ДА. Затоа што одговорот тогаш би се темелел на паушална претпоставка, во која однапред не се познати условите за паѓање на ветото.

Ако сега се постави истото прашање – одговорот доминантно ќе биде НЕ. Затоа што условите се познати. Ама во случајов воопшто не е битна власта, ни оваа, ни која било друга. Битна е државата и нејзините позиции, кои со условите во преговарачкиот пакет се дополнително еродирани.

За тешките прашања не постои лесен начин, а најмалку се решаваат со замижување пред проблемите или со „терај сега, утре ќе му ја мислиме“.

Ако ги прашате граѓаните – дали се за реципроцитет во обврските од преговарачкиот процес, одговорот ќе биде ДА. Ако ги прашате властите, ќе речат дека реципроцитетот веќе е гарантиран, бидејќи во документите секаде се обврзани „двете страни“, а со тоа и обврската за промена на спорни содржини во учебници, во двете земји.

Но, дали ќе може да се реализира промена на содржини во кои македонскиот јазик историски се смета за јазична норма на бугарскиот, ако условот на Бугарија е „ништо во пристапниот процес да не биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик“?

Или за тоа нема да се разговара? И како ќе се разговара, кога на пример, „Картата на бугарските дијалекти“ објавена од Институтот за бугарски јазик во Софија, во декември 2014 година, според која бугарските дијалекти се зборуваат во цела Македонија, е финансирана токму со пари европски фондови?

Како треба да гласи прашањето во ваков случај?

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија