Секое општество се труди да се справи со Ковид 19 без да предизвика поголема паника кај населението, но состојбите налагаат на граѓаните, отворено и јасно, да им се предочат сите димензии што може да ги достигне оваа криза. Пред фактите паниката мора да замолчи, а јавноста да биде подготвена за сѐ со што ќе се соочи во следните, најмалку два месеца.
Примарна и натаму останува битка за здравјето, по која ќе следи тешка економска битка, чии последици се поврзани и условени од билансите на здравствениот фронт. Колку поздрав ќе остане социјалниот капитал на една држава – населението, толку побргу земјата ќе може да се справи и со економските последици, бидејќи луѓето ќе можат да се вратат на работните процеси.
За економските последици да бидат што помали, битно е сега да се инвестира во здравствената превентива, макар и со најригорозни мерки за ограничување на движењето и социјалните контакти.
Досега беа спроведени повеќе мерки од тој вид, вклучително и ограничувања на движењето за време на викендот. Но, за поефикасно да се пресече кругот за пренесување на вирусот, можеби е најнеопходна мерка слична на онаа во Русија – прогласување неработна седмица, се разбира, освен за здравствениот и за другите ресори ангажирани во справување со вирусот.
Вака, има шанса, голем дел од работното население да се сочува од вирусот, имајќи предвид дека она што нѐ очекува по епидемијата, најкусо кажано, ќе се сведе на „крв, солзи и пот“ во санација на економските последици.
Пред фактите паниката мора да замолчи, а јавноста да биде подготвена за сѐ со што ќе се соочи во следните, најмалку два месеца
Звучи многу грубо, но состојбата мора да се предочи со вистинските зборови. Тие што мислат дека ова ќе помине без никого да го засегне, дека малку ќе се досадуваме затворени дома гледајќи филмови, и дека после сѐ ќе си биде исто, живее во тотална илузија.
Има и такви кои или не ја разбираат состојбата или свесно сакаат да ја злоупотребат за ситен партиски профит, па во целиот хаос се занимаваат со „зголемена опасност од авторитарен популизам во вонредни околности“ или со прашањето – како да им објасните на кучињата дека е полициски час?
Да, битно прашање, но ми се чини дека е многу побитно како на претставници на видот хомо сапиенс да им се објасни што е полициски час, што е одговорност кон сопственото и кон здравјето на заедницата.
За да биде потешко, а не полесно, тука е и опозицијата, која, и покрај првите сигнали на конструктивност, побрза да се врати на најлошите можни позиции – критизерство на сѐ што прават властите.
Гледам и Вучиќ се соочува со истите проблеми. Таму опозицијата ја анализира хуманоста на условите што ја нудат креветите поставени во белградското сајмиште, небаре се работи за нормална ситуација, а не за вонредна состојба, во која секое легло во изолација (дури и супстандардно) значи помала шанса за ширење на кругот на заразата.
Да потсетам, кај нас со хуманитарни летови од странство од денес ќе почнат да се враќаат над две илјади Македонци. Карантинските услови во хотелите што изразија подготвеност да ги понудат своите капацитети за таа намена, бргу ќе се исполнат. Ќе мора да се бараат и други капацитети.
Ќе треба да се размисли за искористување изолациски можности во спортски објекти и во спортски сали во училишта. Се плашам дека ќе дојде ден кога и оние кревети во касарната во Пепелиште некому ќе му изгледаат како луксуз, кога веќе ќе нема каде. И тоа треба јасно да се каже.
Тие што мислат дека ова ќе помине без никого да го засегне, дека малку ќе се досадуваме затворени дома гледајќи филмови, и дека после сѐ ќе си биде исто, живее во тотална илузија
Треба да се каже и дека „алтернативата“ за ненамалување на платите е – да нема плати. Или, не дај Боже, дека може да дојдеме до моменти во кои епидемијата ќе добие такви размери, што прашањето за плата ќе биде во длабока сенка на најсуровата битка за животи. Сите овие аспекти мора што поскоро да ѝ се објаснат на јавноста.
Потребно е, зашто само до вчера имавме граѓани што ронеа крокодилски солзи откако беше скратено работното време во кафулињата и во рестораните. Потоа се бунеа за нивното затворање. Се бунеа за ограничувањето на движењето. Се бунеа против изолацијата. Сега, тие што молеа да бидат вратени во земјава, наоѓаат мани на карантинот во хотелските објекти.
Сево ова говори дека сите луѓе не се свесни за состојбата, штом сметаат дека во вакво невреме државата е должна да ги сместува во хотели со пет ѕвезди. Заради нив, и други што прашуваат дали летово ќе може да се оди на одмор, јасно мора да се соопштат фактите за состојбата и да се предочи она што нѐ чека.
Се разбира, зборуваме за најакутниот период до претпоставениот пик на епидемијата. Дали потоа ќе биде полесно? Не. Едни ќе заболат, но многумина што ќе куртулат од вирусот, може да бидат засегнати и од секундарните проблеми на пандемијата: анксиозности, паники, длабоки депресии… Заболените може да се соочат со ментални трауми заради стигматизација.
Тие што се на првата линија од фронтот – здравствените работници, полицајците, војниците, вклучително и оние во трговијата и во производството на основните продукти, ќе се соочат со прегореност од работа (burnout) и со посттрауматски стрес. Некои и по завршувањето на епидемијата може да развијат страв од напуштање на домовите (агорафобија).
Тоа се реални постепидемиски последици. Паралелно со нив доаѓа време кога реално ќе бидеме на леб и сол. Нема да умреме од глад. Може да нѐ снема само ако ја изгубиме вербата и солидарноста во заедничкото споделување на товарот.