Анализи

Пријавите за лажни вести меѓу правдата и цензурата

Коронавирусот и непроцесираните пријави за дезинформации

Во време кога светската пандемија со корона вирусот почна да ја обиколува државата, полицијата „улови“ неколку портали и корисници на социјални мрежи кои кај нас ширеа лажни вести.

Јавноста ова го дозна кога министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, на прес-конференција обелодени дека МВР поднело 15 поднесоци до обвинителството. Образложи дека лоцирале објавувачи на дезинформации при прогласена вонредна состојба.

„Постапено е со поднесување соодветни поднесоци до ОЈО, кое ќе треба да одлучи дали има елементи за кривично дело“, рече Чулев.

Лажните вести при вонредна состојба може лесно да предизвикаат паника

Ширењето паника во 2016 година предизвика повлекување на пари од банките| Фото: БИРН / В. Маглешов

Но, не биле 15 туку, 10 дописи испратени до обвинителствата за ширење лажни вести преку веб-портали и социјални медиуми за време на вонредната состојба со корона вирусот, потврдија за БИРН од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика.

Поднесоците се за лажни вести, чие ширење, особено во вакви услови, може да предизвика паника кај населението. Погрешните или злонамерни информации, за време на вонредната состојба, во која, веќе втора недела се наоѓа земјава, би можеле да предизвикаат значителна штета, ако се земе предвид не така далечното минато.

Јавноста памети кога во април и во мај 2016 година, домашниот банкарски систем беше под силно влијание на нестабилната политичка состојба во земјата, придружена со шпекулации за девалвација на курсот на денарот и за стабилноста на домашните банки и депозитите.

Тогаш шпекулативните притисоци ја разнишаа довербата на граѓаните во банкарскиот систем, што предизвика ефект на снежна топка и повлекување на депозитите.

Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми, за БИРН вели дека главниот проблем е токму тоа, што лажните вести „докажано ја поткопуваат демократијата и пазарната економија, два столба без кои не можеме да живееме во слободни општества на граѓани чии права и слободи се гарантирани уште од нивното раѓање“.

Обвинителства со врзани раце

МВР поднесува пријави за лажни вести кои не може да се процесираат | Фото: БИРН / В. Маглешов

Сепак, извесно е дека овие полициски известувања ќе завршат само како информација, бидејќи на обвинителите им се врзани рацете. Овие дописи до обвинителствата не можат понатаму да се ефектуираат, а причината е едноставна: пријавите се за правни и физички лица, кои ги прекршиле членовите 205 и 206 од Кривичниот законик.

Тие членови се однесуваат на кривични дела против здравјето на луѓето, поточно за пренесување заразна болест и за непочитување на здравствените препораки и владините мерки.

Правниот советник Андреј Божиновски смета дека македонското прекршочно и казнено законодавство е сиромашно за да се справи со предизвиците од ширење дезинформации.

Тој за БИРН вели дека од правен аспект МВР прави „правна гимнастика“ во примената на членот 205 во ставот 5, кој предвидува санкција за пренесување заразна болест преку ширење невистинити тврдења за постоење неизлечлива заразна болест.

„Ставот 5 е порестриктивен и упатува на фактот болеста да биде неизлечива“, вели Божиновски, алудирајќи на тоа дека условот болеста да биде неизлечива го прави овој член неприменлив.

Неколкумина обвинители со кои разговараше БИРН потврдија дека членовите од Законот на кои се повикала полицијата кога ги поднела известувањата до Обвинителството се неприменливи за натамошно процесирање.

Токму затоа, од сите стигнати десет известувања досега, скопското Обвинителство донело наредба за собирање дополнителни податоци само за еден случај, кој најверојатно содржи елементи на други кривични дела.

Обвинителката Лидија Раичевиќ од скопското Обвинителство вели дека за ова на нејзините колеги кои постапуваат по начелото на легалитет им се врзани рацете.

„За вакви известувања јавен обвинител не би можел да постапува, затоа што нема кривично дело“, вели Раичевиќ за БИРН.

Сепак, Раичевиќ смета дека Обвинителството може да дејствува превентивно и да ги обесхрабри тие што шират дезинформации и поттикнување паника, затоа што ширењето дезинформации може да влијае врз предизвикување други кривични дела.

„Во ситуација каде што тоа го бара јавниот интерес, јавниот обвинител може да излезе и да каже какви штетни последици и какви кривични дела може да произлезат, затоа што ширењето лажни вести може да биде поврзано како преддејствие за настанување одредени други кривични дела“, вели обвинителката. 

На некои од порталите досега беа објавени информации дека камиони полни со македонска пченица извезуваат во Косово за време на вонредната состојба, или дека директорот на очната клиника одел на работа, и покрај тоа што неговата сопруга добила препораки да биде во самоизолација. Информациите веднаш добија демант.

Несомнено, споделувањата на овие дезинформации на социјалните мрежи го потврдија впечатокот дека лошите вести се шират побргу од вирус.

Ограничувања на тенка линија со слободата на говорот

Секоја лажна вест не мора да содржи елементи на говор на омраза | Фото: БИРН / В. Маглешов

„Содржината на објавите (н.з.) се лажни вести, со цел ширење паника и говор на омраза. Доаѓаат од повеќе центри“, велат од полицијата за БИРН, појаснувајќи ја содржината на поднесоците.

Со измените на Кривичниот законик се казнува говорот на омраза и за тоа е предвидена казна затвор од една до пет години. Затворски казни се предвидени и за ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем.

Сепак, законодавецот најверојатно намерно не одлучил за санкции за тие што шират лажни вести, бидејќи тоа е на многу тенка линија со ограничувањето на слободата на говорот, а со тоа и на слободата на јавното информирање.

Секоја дезинформација нужно не мора да содржи во себе говор на омраза, или ширење расистички и ксенофобичен материјал, па произлегува дека ако тие елементи ги нема во поднесоците на МВР, тие ќе завршат без постапка.

Владина уредба како можна опција ако зачестат лажните вести

Владата би можела со уредба да ги санкционира објавувачите на лажни вести | Фото: БИРН / В. Маглешов

Иако обвинителите се со врзани раце поради неможноста кривично да се гонат тие што со намера шират дезинформации, академик Владо Камбовски, за БИРН потврди дека веќе има работна група што расправа за измени на Кривичниот законик, во повеќе делови, а еден од нив се однесува и на ова прашање.

„Размислувањата одат во правец да се превиди едно дело за вакви ситуации. Но, не мора да бидат здравствени кризи, може да бидат и економски, кои засегаат поширок круг луѓе или жртви, да се казнува намерното ширење злонамерни информации преку медиуми и средства за јавно информирање, со кои се предизвикува паника или се блокира функционирањето на државните институции“, вели Камбовски.

Камбовски тврди дека ако зачестат дезинформациите што шират паника меѓу населението, владата, во услови на вонредна состојба, би можела да донесе уредба со која ќе предвиди прекршочна глоба или, пак, кривично дело.

„Не е исклучено ако тоа земе поширок замав да почнат луѓето да трчаат по болници, да се направи притисок врз целото здравство, да се донесе уредба со законска сила која ќе предвиди прекршок, па ако се работи за тешки случаи и кривично дело“, тврди Камбовски.

Божиновски, пак, појасни дека во дискусиите на работната група за измените во Кривичниот законик, прашањето свесно било ставено настрана, поради „опасноста од колизија со одредбите од Уставот за забрана за цензура“.

„Оваа област беше оставена на самите медиуми и здруженијата на новинари, преку методот на саморегулација и посебните органи за спроведување на кодексот за етика за новинари“, вели Божиновски.

Од Министерството за правда, кое може на Владата да ѝ предложи ваква уредба, за БИРН велат дека ги следат состојбите, и доколку во иднина се појави потреба, ќе ги разгледаат опциите што им стојат на располагање во вакви состојби.

Како е во регионот?

Земјите во региониот имаат законски одредби за ширење паника | Фото: БИРН / В. Маглешов

Регионалната пракса за ова прашање е различна. Министерот за внатрешни работи на Република Српска објави дека за време на вонредната состојба поради корона вирусот се забранува ширење лажни вести, кои имаат цел да предизвикаат паника и да ги нарушат јавниот ред и мир. За ова се предвидени парични казни.

Примерот со Србија е порестриктивен. Таму има законски одредби што санкционираат ширење паника, кои беа користени и за време на поплавите во земјата.

Српската влада, на веб-страницата објави дека полицијата уапсила 54-годишник бидејќи на неговиот профил на Фејсбук објавил лажна информација дека не работат поштите и банките, како и дека на жителите им се делат бонови за леб, со што предизвикал страв и паника.

Во друг случај, жител на Зајачар, при посета на продавница ѝ рекол на продавачката дека е инфициран со корона вирусот и дека ќе ги зарази сите, по што му е определен 30-дневен притвор како осомничен за предизвикување паника и неред.

БИРН разговараше и со професорот Александар Маршавелски, кој предава на Правниот факултет на Универзитетот во Загреб. Маршавелски вели дека законските прописи во Хрватска предвидуваат прекршочни и кривични санкции за ваквите дела.

„Во Хрватска сега е предвидена само прекршочна одговорност за ширење лажни и вознемирувачки вести, освен ако делото е сторено против јавна служба, која бара нејзино итно дејствување, во кој случај, е пропишана кривична одговорност“, вели тој за БИРН.

Oстанува впечатокот дека редовното информирање и двонасочната комуникација, како и користењето на дигиталните алатки, овозможија брзо да се детектираат лажните вести за корона вирусот во Македонија, што во услови на не докрај дефинирана легислатива е единствениот начин за борба со дезинформациите.