Анализи

Приватноста и информациите – жртва на корона вирусот во Европа

Како што се воведува вонредна состојба за борбата против Ковид 19 во земјите од Централна и од Југоисточна Европа, така растат и произволните апсења, следењето, прислушувањето и нарушувањето на приватноста

Од тврдења дека солената вода може да го запре корона вирусот да не се прошири до белите дробови, до лажни упатства, чудотворни лекарства и наводни вакцини – луѓето во Централна Европа и на Балканот се бомбардирани од илјадници лажни приказни и пропагандни пораки преку традиционалните медиуми, таблоидите, онлајн-порталите, социјалните мрежи и апликации за разговори, како Вајбер и Ватсап.

Нерегулираната медиумска сцена и ниското ниво на медиумска писменост придонесуваат креаторите на дезинформации да шират паника преку споделување непроверени информации. Медиумите, функционерите, дури и некои премиери носат дел од вината.

Албанскиот премиер Еди Рама, остар критичар на медиумите што тој ги смета за непријателски и поддржувач на драконски медиумски политики, викендов сподели видео за кое тврдеше дека покажува како шпанската полиција турка демонстранти за да спроведе полициски час.

Рама подоцна мораше да се извини откако се откри дека видеото било направено во Алжир. Ја префрли вината на неименуван Албанец што му ја испратил пораката од Италија.

Во полудемократиите во регионот, како што животите на луѓето се префрлија од јавната на дигиталната сцена, многу слободи беа ограничени, а товарот на одговорноста падна на граѓаните откако владите воведоа рестрикции, што во многу други случаи би биле прекршувања на човековите права.

Само во последните две недели биле уапсени 80 лица за ширење лажни вести и дезинформации, некои и притворени. Најдраконските примери се во Турција, Србија, Унгарија и во Црна Гора.

Владите во Црна Гора и во Молдавија ги објавија личните здравствени податоци за луѓето заразени со Ковид 19, а официјалните сајтови на болниците во Хрватска и во Романија беа изложени на сајбер-напади. Некои држави, како Словачка, ја разгледуваат можноста да ги укинат правата гарантирани со ЕУ регулативата за заштита на податоци, а во Србија се воведува надзор и следење телефони за да се ограничи слободата на движење.

Како одговор на пандемијата од Ковид 19, некои држави го олеснуваат следењето, ја зголемуваат цензурата и го ограничуваат слободниот проток на информации, предупредува Али Фанк, истражувач и аналитичар за Слобода на интернет, тим  на Фридом хаус што ги следи онлајн-слободите.

„Вознемирувачки е што некои власти ја искористуваат кризата за нивни политички придобивки“,вели Фанк за БИРН.

„Кина го пушти во функција својот софистициран апарат за цензура, за да ги попречува информациите што доаѓаат од независни извори, како што се активисти, новинари и обични граѓани. Други места, како Тајланд, Кина и Турција, почнаа со приведување или апсење корисници на интернет за објави на нивните профили на социјалните мрежи“.

Објавување здравствени податоци

Властите им ја нарушија приватноста на граѓаните во некои земји | Илустрација: БИРН

Владата на Црна Гора, држава со само 640.000 жители, направи драстичен чекор објавувајќи список на граѓани за кои властите наложиле дека треба да се самоизолираат, правдајќи го овој потег со тоа дека некои од нив не ги почитувале своите обврски. Владата рече дека за тоа добила одобрение од црногорската Агенција за заштита на личните податоци.

„Безбедносните служби не можат да го контролираат секој граѓанин што треба да биде во самоизолација. Со оглед на тоа дека кога некој ја напушта самоизолацијата, ја загрозува целата заедница, решивме да ги објавиме нивните имиња“, рекоа од Владата.

Опозициските партии и организациите за граѓански права беа ужаснати.

„Оваа објава звучи како повик за линч. Очекуваме да видиме правна основа за ограничувањето на уставно загарантираното право на приватност. Во спротивно, ова е нелегално“, вели Теа Горјанц Прелевиќ од „Акција за човекови права“.

Премиерот Душан Марковиќ рече дека владата проценила дека „правото на здравје и живот е над правото на безусловна заштита на личните податоци“.

Правата на приватност на здравствените податоци беа прекршени и во Молдавија, каде што претседателот Игор Додон, на 9 март го кажа името на првата жена инфицирана со Ковид 19, сместена во болница во Кишињев.

Експертот за заштита на податоци Сергиу Бозиану вели дека Додон очигледно го прекршил законот.

„Во овој случај, изјавата на Игор Додон можеше да има сериозни последици за пациентот, за децата на жената, за сите нејзини роднини и пријатели“, вели Бозиану.

Некои средноевропски земји, како Словачка, ја разгледуваат можноста да укинат некои ограничувања на пристапот до личните податоци.

Минатата недела, новоизбраниот словачки премиер Игор Матович го критикуваше постапувањето на владата во заминување, во врска со пандемијата и даде предлог да им се дозволи на телекомуникациските оператори да им праќаат потсетници за карантин на луѓето што се враќаат од високоризични подрачја.

Тој рече дека е потребна посебна дозвола за да се отстранат некои ограничувања што постојат поради заштитата на личните податоци.

„Во ситуација како оваа, мислиме дека кризната комуникација на државата со овие луѓе е прифатлива“, рече тој.

Томас Кришак, експерт за дезинформации и политички аналитичар од Фондацијата Отворено општество, вели дека новата влада на Матович треба да биде внимателна.

„Овој предлог на новата влада дефинитивно треба прво да биде разгледан од експерти во оваа област. Нема ништо полошо од тоа да се воведат недоследни и непроверени мерки во оваа област“, вели тој.

На 19 март, Хјуман рајтс воч издаде публикација за човековите права во справувањето со Ковид 19, потенцирајќи дека „здравствените податоци се особено чувствителни и објавувањето информации на интернет може да предизвика значителен ризик за засегнатите лица, особено за луѓето што веќе се во ранлива или во маргинализирана положба во општеството“.

Според ХРВ, правните механизми базирани на заштитата на човековите права треба да ја одредат соодветната употреба и ракувањето со личните здравствени податоци.

Овие податоци беа и цел на онлајн-напади. Романската компанија за сајбер-сигурност Битдефендер, во петокот објави дека онлајн-нападите поврзани со Ковид 19 „се зголемиле за 475 проценти во март, во споредба со претходниот месец“ и дека бројките се очекува да продолжат да растат до крајот на месецов.

„Речиси една третина од нападите поврзани со Ковид 19 целат кон јавните установи и кон здравствените институции“, објави Битдефендер во соопштение.

Еден од нападнатите медицински центри беше болница во Чешка што се користи за тестирање за корона вирус.

Следење „на движењето, не на зборувањето“

Теориите на заговор се меѓу почестите дезинформации | Илустрација: Џоан Вонг за Форин Полиси

Кина и Иран беа првите држави што почнаа да користат масовно следење за време на кризата, а по нив следеше Израел, каде што премиерот Бенјамин Нетанјаху ја овласти државната агенција за безбедност да собира податоци од мобилни телефони за да го открие движењето на луѓето што биле заразени од корона вирусот и да ги идентификува другите што треба да бидат во карантин затоа што им се вкрстиле патиштата.

Србија ја презеде палката, иако размерот на прислушување и следење е тајна и единствениот што зборува за тоа е претседателот Александар Вучиќ.

„Ги следиме телефонските броеви, пред сè италијанските. Не прислушуваме, следиме дали се движат, дали има луѓе со италијански броеви во роаминг, и да – има“, им рече Вучиќ на новинарите на 19 март.

Тој додаде дека полицијата ќе посвети посебно внимание на областите каде што има „голем прилив на луѓе од странство“ и каде што „гледаме дека тие се движат“.

„Не обидувајте се да нѐ измамите со тоа што ќе го оставите телефонот на едно место, бидејќи ќе најдеме друг начин да следиме кој ги прекршува правилата пропишани од државата, каде и како“, рекол Вучиќ.

Но, Данило Кривокапиќ, директор на Шер фондацијата, вели дека согласно српскиот Устав, правото на заштита на личните податоци е човеково право и е гарантирано дури и во ваква вонредна состојба каква што е во сила во Србија.

Според Законот за електронски комуникации (член 128), пристапувањето кон мобилни податоци (вклучувајќи го и геолоцирањето) е дозволено само со судска наредба.

„Ова значи дека какво било пристапување до овие податоци во моментов е нелегално. Вонредната состојба не ѝ дозволува на владата произволно да ги крши законите, има посебна процедура ако некои права треба да бидат ограничени“, вели Кривокапиќ за БИРН.

Апсења за „објавување“ паника

Од Ватсап до Фејсбук, лажните вести и пропагандата ги преплавија социјалните мрежи од Турција до Словачка.

Во многу случаи, и традиционалните и онлајн-медиумите биле дел од дезинформациската машина.

Турција, Србија, Унгарија и Црна Гора воведоа строги казни и спроведуваа апсења за објави на социјалните мрежи, кои, според властите, предизвикувале паника и го загрозувале општеството.

Бидејќи повеќето од овие земји имаат воведено вонредна состојба, многу од случаите завршија со драконски казни или со притвори без правна основа.

Според податоците до кои дојде БИРН, само во последните две недели, повеќе од 80 луѓе беа уапсени и најмалку 260 беа казнети за ширење дезинформации.

Унгарската полициска единица за борба против сајбер-криминалот уапсила неколку луѓе за ширење лажни вести, почнувајќи од првите денови на февруари, кога беше направена рација кај операторите на сајтови за лажни вести.

Сајтовите работеа подолго време, но беа угасени од полицијата откако почнаа да објавуваат за корона вирусот во Унгарија, уште пред властите да потврдат дека вирусот е присутен.

Полицијата потоа почна да ги следи унгарските онлајн-медиуми за лажни вести поврзани со корона вирусот. Во средината на март, еден јутјубер беше уапсен поради ширење лажни вести за карантин во главниот град Будимпешта.

Независните медиуми, исто така, беа под напад на владата и на нејзините медиумски приврзаници откако објавија приказни за здравствената заштита во Унгарија. Многу од нив се плашат дека предложената легислатива ќе ги зголеми нападите врз независните медиуми и ќе ги легализира драконските казни за сѐ што властите ќе проценат дека е ширење лажни вести или предизвикување страв и паника.

Законот, кој треба да биде усвоен во парламентот следната година, прецизира дека секој што за време на посебен правен поредок јавно ќе шири невистинити тврдења или извртени вистинити тврдења за да ги ограничи или за да ги дестабилизира мерките за заштита може да добие затворска казна од една до пет години.

Според унгарската полиција, има тековни постапки против 14 луѓе за ширење гласини и против 12 за загрозување на јавноста.

Во соседна Србија, каде што вонредните мерки се веќе во сила, минатата недела, под сомнение дека ширеле паника и неред, беа уапсени четири лица.

Во четвртокот, еден маж беше уапсен во Белград, откако споделил лажна информација во вибер-група дека бензинските пумпи ќе престанат да продаваат на поединци. Истиот ден полицијата во Крушевац, во централна Србија, уапсила друг маж за објавување информација дека некој веќе се заразил со Ковид 19. Трет беше уапсен во градот Пожаревац, исто така, поради споделување лажни информации за продавниците и за бензинските станици.

Во Црна Гора, маж беше ставен во 30-дневен притвор откако на Фејсбук тврдел дека властите ја кријат вистинската бројка на случаи со корона вирус во земјата.

Во Турција, според Министерството за внатрешни работи, 242 лица што објавиле лажни или провокативни вести поврзани со корона вирусот на социјалните медиуми се сметаат за осомничени, а 64 од нив биле приведени. Меѓу нив, седуммина биле новинари.

Владата на Република Српска, српскиот ентитет во Босна и Херцеговина, во четвртокот, исто така, издаде уредба со која се забранува предизвикување „паника и неред“ за време на вонредната состојба. Владината одлука се однесува на објавувањето и ширењето лажни вести од медиумите и на социјалните мрежи.

„Прекршителите нема да можат да се сокријат, дури и на социјалните мрежи. Ќе ги најдеме“, рече министерот за внатрешни работи, Драган Лукац.

Оние за кои ќе се утврди дека предизвикувале паника или ширеле лажни вести ќе бидат казнети со 1.000 до 3.000 босански марки (меѓу 500 и 1.500 евра), а фирмите меѓу 3.000 и 9.000 марки (1.500 до 4.500 евра). Досега една жена е казнета поради објава на Инстаграм.

Адвокатката Татјана Савиќ вели дека не е фер од секого да се очекува да утврди дали една информација на интернет е точна.

„Не може граѓаните да бидат тие што ќе ги проверуваат вестите. Спречувањето на ширењето паника е легитимна цел на владата, но со ваква легислатива товарот паѓа на граѓаните, кои треба да знаат дали секоја информација што ја споделуваат на социјалните мрежи е точна“, вели Савиќ за БИРН.

„Се плашам дека многу објави што луѓето ќе ги постават како нивни лични мислења ќе се сметаат за прекршување на овој закон“, додава таа.

Слабо новинарство, ниска доверба

Има голем наплив на лажни информации во медиумите по почетокот на кризата | Фото: БИРН

Измамите и пропагандата се присутни во традиционалните медиуми, но, исто така, и на социјалните мрежи – од Фејсбук, Инстаграм и Твитер до апликации за пораки како Ватсап и Вајбер.

Марија Вучиќ, новинарка која е дел од Раскринкавање (порталот за проверка на факти на истражувачката мрежа за криминал и корупција КРИК) вели дека се преплавени со работа со лажни вести во Србија.

„Има сѐ повеќе лажни вести, особено на социјалните мрежи, но исто така и во таблоидите. Само што ќе отворам сајт на таблоид, за половина минута можам да најдам лажна вест за корона вирусот “, вели Вучиќ за БИРН.

Ивана Живковиќ од хрватскиот портал за проверка на факти Фактограф, исто така, изрази загриженост за големите количества лажни информации.

„Многу поголем проблем се групите на Ватсап и на други слични комуникациски платформи, преку кои исто така се шират многу дезинформации, вели Живковиќ за БИРН, предупредувајќи дека во таквите затворени групи е многу потешко да се сузбијат дезинформациите.

„Оние што ги шират овие информации го прават тоа најчесто за профит, бидејќи од лажните содржини што ќе предизвикаат паника, тие генерираат онлајн-сообраќај и тоа го наплатуваат. Има, исто така, и пропагандисти и ширачи на теории на заговор“, додава таа.

Во повеќето случаи, дезинформацијата не се создава за намерно да предизвика штета, туку е резултат на слабиот квалитет на новинарството, вели  тренерот за дигитален ангажман Дејвид Бејли, кој работи на Балканот.

„Луѓето не проверуваат факти, не прават ниту едноставни пребарувања на фотографиите за да најдат разумни извори“, вели Бејли.

„Кога нешто е објавено со провокативен наслов, обичните читатели само го споделуваат без да размислат. Резултатот е очигледен. Исто е неверојатно колку новинари, и онлајн и во традиционалните медиуми сѐ уште не се приклучиле (или не сакаат да се приклучат) на сајтот на Светската здравствена организација, која обезбедува сигурни информации“, додава Бејли.

Индексот за медиумска писменост во 2018 на Институтот Отворено општество во Софија покажува дека балканските држави се најподложни на лажни вести во Европа, поради контролираните медиуми, ниското ниво на образование и ниското ниво на доверба во општеството.

Истражување од институтот Ројтерс покажало дека медиумите во Југоисточна Европа се многу разновидни, но страдаат од поларизација, финансиска зависност од олигарси и од високо ниво на недоверба од јавноста.

Слична е и приказната во Централна Европа.

Експертите велат дека словачката јавност е особено наклонета кон верување во теории на заговор.

Во последните години, повеќето алатки и иницијативи против пропагандата доаѓаа од активисти во невладиниот сектор, кои се обидуваат да ги следат заговорничките интернет-портали, лажните вести или дезинформациските кампањи на социјалните мрежи. Државната инфраструктура во оваа област е ограничена, а официјалните пораки во врска со измамите или со лажните вести се често хаотични.

Кришак од Фондацијата Отворено општество вели дека напорите на државата одвај ја загребуваат површината.

„Денес државата треба што побргу да ги изгради капацитетите што ѝ недостасуваат за нејзината стратешка комуникација кон граѓаните и да бара поголема контрола на содржината од Фејсбук и од Гугл, кои продолжуваат да се однесуваат кон ова клучно безбедносно прашање со исклучителна неодговорност и инертност“, рече тој.

Во Северна Македонија, новинарката и активистка Теодора Цветковска вели дека медиумската писменост е исто така слаба.

„Ова е многу опасен период, има раст на бројот на случаи на корона вирус, а преплавени сме со вести како – еве како да го лекувате корона вирусот, 10 начини на пренесување на вирусот итн. Исто така, нема никакви цитати во тие написи, ниту извори што може да ги докажат тврдењата “, вели Цветковска.

„Луѓето тука можат многу лесно да паднат на такви информации, особено што и ние сме нација што чита само наслови наместо цели текстови“, додава Цветковска.

Ахмед Ерди Озтурк, професор по меѓународни односи на Метрополитен универзитетот во Лондон, вели дека во лажните вести полесно веруваат луѓето во земји каде што државите често манипулираат со податоците.

Турските граѓани, вели тој, ја загубиле довербата во владата затоа што неколку дезинформациски кампањи биле водени токму од власта на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

„Турската влада манипулира со фактите и многу често со медиумите во нејзина корист“, вели Озтурк.

Според Фанк од Фридом хаус, луѓето треба да бидат внимателни во правењето разлика меѓу активности на владата што се прават легитимно заради јавното здравје, активности што ги поткопуваат напорите за справување со пандемијата и моменти кога политичките лидери се обидуваат да ја искористат ситуацијата.

„Обичните корисници на интернет, исто така, треба да внимаваат да се осигурат дека не примаат и не шират дезинформации. Треба да ги земаат информациите од веродостојни избори, како меѓународните и домашните здравствени организации и независните медиуми“, вели Фанк за БИРН.

 

За подетален преглед на произволни апсења, следење, прислушување, нарушување на приватноста и други прекршувања на правата во дигиталната сфера во земјите од Централна и Југоисточна Европа, проверете ја платформата за следење податоци на БИРН.

Марија Ристиќ, Милица Стојановиќ, Мирослава Герман Сиротникова, Акос Келер-Алант, Хамди Фират Бујук, Ања Владисављевиќ, Марсел Гаскоњ Барбера и Мадалин Нексуту | Белград, Берлин, Братислава, Букурешт, Будимпешта, Кишињев, Сараево, Загреб