Владата на Република Северна Македонија можеби уште не знае или нема став за тоа кого сака да види во фотелјата на државниот јавен обвинител, ама секако знае кого не сака да види. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека владата ќе го донесе конечниот став откога ќе ги разгледа официјалните документи и додава: „Не можам да изнесувам лични ставови без увид во записникот.“
Но, тоа секако не му пречи да каже дека од четирите предложени кандидати и кандидатки за оваа функција, обвинителката Ленче Ристоска не е „во игра.“
Дилемата врз основа на што премиерот донел одлука да ја исклучи Ристоска од процедурата за избор на државен обвинител, кога веќе не ги разгледал „официјалните документи“ и немал „увид во записникот“, веројатно ќе останеше на нивото на оние никогаш не разрешени цивилизациски тајни, од типот: како Мојсие го пресекол Црвено Море или што значи насловот на песната „Lucy in the Sky of Diamonds“ на „Битлси“, да не беше личната војна што веќе подолго време ја водат токму Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ токму со Ристоска.
Жртви и херои
Ленче Ристоска, имено, ги води обвиненијата во процесите „Талир 1“ и „Талир 2“, кои се однесуваат на наводното незаконско финансирање на „најбогатата партија во Европа“, како и на наводното незаконско финансирање на зградата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, фамозната Бела палата.
Како аргумент плус се додава и фактот дека обвинителката Ристоска беше еден од симболите на Специјалното јавно обвинителство, тој „канцер во македонскиот правосуден систем“, како што милуваат да го нарекуваат премиерот и неговите следбеници. Всушност, без оглед на фактот дека и самото падна на една прилично наивна коруптивна афера, факт е дека СЈО длабоко навлезе во коруптивните дејствија на тогашната власт.
Со пропаста на СЈО пропаднаа и нејзините идеали, а со демонизирањето на специјалните обвинители се демонизираа и учесниците на тие процеси
Резултатот е познат, имаме експремиер што живее како бегалец од правдата во Унгарија, некои министри беа во затвор, некои политички сосема се пасивизираа, други се амнестираа, на трети им „застареа“ злоделата… Како и да е, на крајот СЈО никому од носителите на политичката моќ не му беше по мерак, особено на оние што беа на власт. И, што би рекол Пауло Коелјо, СЈО мораше да умре.
Во таа смисла, јасно е зошто најголемото воодушевување од оваа одлука на премиерот по медиумите и социјалните мрежи го изразија токму истакнатите членови на ВМРО-ДПМНЕ, партиските ботови и партиските поддржувачи. Мој впечаток, сепак, е дека оваа одлука најегзалтирано ја поздравија осудените и амнестираните учесници во настаните од 27 април 2017 година.
Во заднината на демонизирањето на СЈО и уништувањето на целото негово насилство се одигрува тивка, ама моќна рехабилитација на насилниците, кои тогаш се обидоа насилно да ја спречат волјата на парламентарното мнозинство. На упадот во Собранието од 27 април сега безмалку се гледа како на Илинденското востание, а учесниците во упадот се „херои“, „жртви на олтарот на татковината“, „патриоти“, „маченици“… Од друга страна, односот кон таканаречената „Шарена револуција“ и нејзините учесници е сосема спротивен. Тие се „странски платеници“, „предавници“, „изроди“…
Се заборава, на пример, дека иницијалната каписла за тогашните демонстрации беше амнестијата од тогашниот претседател Ѓорге Иванов, која се однесуваше на високи функционери од власта за злосторства за кои во тој момент не беа поднесени обвиненија, а најчесто ни истрагата не беше ниту почната. Слоганот на „шарените“ беше „Нема правда, нема мир“, што прилично јасно го издефинира дефицитот на праведност во македонското општество.
Во таа смисла, СЈО беше оној зрак надеж од кого се очекуваше дека ќе ја овозможи таа праведност. Затоа и стана еден од важните симболи на „Шарената револуција.“ Со пропаста на СЈО пропаднаа и нејзините идеали, а со демонизирањето на специјалните обвинители се демонизираа и учесниците на тие процеси. Улогите сега, едноставно, се сменија. Учесниците во организираната државна корупција го добија ореолот на „жртви“, а оние што бараа правда, етикетата на „предавници.“
Правда и демократија
Сепак, во целиот овој сет на објаснувања зошто Ристоска не смее да биде јавна државна обвинителка, најсимптоматично ми е објаснувањето на Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. Тој смета не само дека Ленче Ристоска не треба да биде државна јавна обвинителка, туку дека сите што биле вклучени во работата на СЈО не би смееле воопшто да бидат дел од македонскиот правосуден систем.
Како образложение наведува дека лично сведочел дека СЈО се служело со уцени кон неговите колеги пратеници и кон бизнисмените за остварување лични финансиски и политички цели. Во таа смисла, вели дека многу од неговите колеги биле директно уценувани да гласаат за промена на името на државата во замена СЈО да не подигне обвинение против нив.
Oдносот кон обвинителката Ленче Ристоска, поточно кон СЈО, и односот кон настаните од 27 април, всушност го покажува односот на власта кон двата фундамента на праведното општество: демократијата и правдата
Ако е тврдењето на Димовски точно (а немаме причина да не му веруваме), тоа повлекува неколку консеквенции. Прво, зошто пратениците не пријавиле дека се уценувани? Или барем не свикале некаква прес-конференција или на некој начин не ја алармирале јавноста? Одговорот на овие прашања лежи во народната мудрост: „мува на капата.“ Имале некоја мува на капата, кога веќе биле подложни на уцени, односно биле свесни дека нечесно дејствувале за остварување „лични финансиски и политички цели“, што би рекол Димовски.
Потоа, консеквентната анализа на тезата на Димовски нѐ води до заклучокот дека откога ќе се исклучат обвинителите од СЈО од македонскиот правосуден систем, на нивно место би дошле луѓе без „лични политички и финансиски цели“, односно луѓе што имаат компатибилни сфаќања за правдата, како партијата на власт. И, се разбира, нема да им ги ишкаат мувите од капите.
Oдносот кон обвинителката Ленче Ристоска, поточно кон СЈО, и односот кон настаните од 27 април, всушност го покажува односот на власта кон двата фундамента на праведното општество: демократијата и правдата.
Правдата се замислува како одмазда. Тркалање глави по улиците! Ставање на јавниот столб на срамот! Ритуално плукање! Лустрација за политичките противници! Екскомуницирање на сите оние што не ми се по ќеф!
Всушност, така правдата ја замислуваат слабите, оние што мислат дека за сите нивни (не)способности е виновен некој друг и целата своја енергија ја насочуваат во барање виновници и „виновници“, а не кон создавање нови идеи. Тоа се оние кои своите постапки ги кријат зад позициите на моќ и во дебелата заштитна сенка на манипулираните институции. Друг израз за оваа правда е – селективна правда. Познато е, таму каде што има селективна правда, таму неправдата е нормализирана.
А демократијата? Таа во вакви услови се претвора во форма без суштина. Како кафе без кофеин, како цигари без никотин, како џин-тоник без џин… Избори поради избори! Дебата поради дебата! Институции поради институции! Закони поради закони! Без смисла и содржина. Само форма.
Во таа демократија, на пример, се толерира, па дури и поттикнува политичкото насилство (да се вратиме повторно на 27 април). Се ограничуваат човековите права. Се ограничува слободата на медиумите. Се негира легитимитетот на политичките ривали…
Тоа е демократија што се базира на простата аритметика. Диктатура на мнозинството. Или, што би се рекло по „нашки“: „Ми се може, бе!“ И им се може! И тука нема никаква демократија, а правичност уште помалку.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија









