Државниот лимен покрив е веќе премногу жежок и не мора да се грее со пелети. Сега е редот да видиме како лавот што се самопретвори во маче, ќе се спушти од него. Во реалноста.
Го читам соопштението на ВМРО-ДПМНЕ по средбата Груевски – Хајндл и не можам да проценам што повеќе провоцира: смеа или плач? Партискиот лидер рекол дека стратешки интерес за државата е членството во ЕУ и НATO. Како тоа?
Па нели нивни сили и ја кроеле капата на Македонија, сакале да ја разнебитат, да ја поделат и ослабат, откако увиделе дека им се оттргнала од контрола и станала поуспешна и од најуспешните во светот? Од каде сега таква желба?
Колку што видовме на контрапротестите нарачани од власта, „народот на Груевски“ носеше пароли исклучиво против НАТО и ЕУ. Но, ова не е единствениот парадокс. Груевски истакнал дека „партијата е посветена кон изнаоѓање на решенија кои би значеле брз излез од наметната политичка криза, а за што било потребна волја, посветеност на сите субјекти за тоа, нивна активна партиципација и искрен пристап“.
Имајќи го предвид исклучиво „тоалетниот“ придонес на ДПМНЕ во разврската на сите досегашни кризни фази и епизоди, кога Груевски повикува на искреност, тоа е како уште една покана да поверувате дека баронот Минхаузен станал светски синоним за вистината. А што друго да се очекува од партиски лидер кој кризата и натаму безобразно ја дефинира како „наметната“.
Демек, ДПМНЕ нема никаков удел во неа, но ете има волја и искреност за излез од неа. Како? Со нарачана, односно наложена аболиција и со учество на избори во друштво со Бранко Јаневски и Јанко Бачев? Ако е тоа е „волјата на граѓаните и запазување на државните интереси“, задолжително нека има избори.
Нема друг начин да се демаскира овој апсурд освен да се одржат избори на 5-ти јуни. Не е важно што тие и такви избори ќе личат на партиски конгрес, посетен од гости од две пријателски партии. Нека се одржат и нека победи најдобриот.
Историјата на своите страници запишала многу авторитарни ликови кои парадоксот го востоличиле во систем. И сите завршиле неславно
Потоа ќе дојде 6-ти јуни и отрезнувањето. Сонцето веројатно пак ќе грее, а облаците што најавуваат можен дожд од меѓународни санкции, веројатно ќе се обидат да ги разбиваат со ХАРП-колумни на пери-носи патриоти, кои на идентичен начин им слугуваа на сите досегашни влади. Но, главното накиснување ќе мора да го доживеаат пред домашната публика, без оглед какви нови етикети ќе и смислат и залепат дотгаш.
Не сакам ни да знам што си мислел Хајндл, затворајќи ја варатата во белата партиска палата, како да затвора каталог во кој хронолошки се подредени сите девијации што може да се замислат во едно илиберално општество, а кое се рекламира како демократско.
Не е тешко за искусен дипломат да увиди колку во владејачкиот наратив за сегашниот македонски мрак, улогите се толкуваат обратно: жртвите се претставени како предавници делегирани од странски сили, а вистинските политички џелати како невини јагниња на кои им се заканува крволочниот странски волк.
Предупредувајќи на таква „закана“ власта најдрско не повикува да го заштитиме и поддржиме тоа што сега го имаме на сцената: индиции за мегакриминал во нејзините редови, да се согласиме дека секој шибицар, ендекџија, паликуќа, кесеџија и рушикуќа е патриот, наспроти некаква неименувана, неаргументирана и мистифицирана надворешна закана. Тренингот за борба со внатрешниот и надворешниот непријател со години е вежбан на полигоните на преродбата.
А кога ќе залепиш толку многу мети на толку многу луѓе, прашање на ден е кога некој самопогласен квазипатриот, нахранет од отпадите на пропагандата ќе реши да се пресмета со „предавниците“.
Таа сцена на деструкција, таа подземна република гладна за узурпација на целата надземна власт, е теренот на кој ќе се мерат силите, на кој власта ќе решава дали кандидатските листи ќе завршат само како фингерај или ќе бидат употребени, колку да се направи политичко дефиле пред народот, за потоа да бидат прогласени за генерална проба на лажно надуените партиски мускули.
И потоа се од почеток, само што ќе се потрошат „малку“ пари. Неколку милиончиња. Се надевам дека во таа партија, која веќе е длабоко загазаена во сферите на ирационалното, сепак останал некој прагматичен кој ќе ги предупреди дека единствено глупоста и натаму останува неограничена. За да има разлика меѓу глупоста и власта, вторава мора да биде ограничена со законскиот инструментариум на правната држава, а не да биде колективно аболирана.
Се надевам дека во таа партија, која веќе е длабоко загазаена во сферите на ирационалното, сепак останал некој прагматичен кој ќе ги предупреди дека единствено глупоста и натаму останува неограничена
Историјата на своите страници запишала многу авторитарни ликови кои парадоксот го востоличиле во систем. И сите завршиле неславно.
Добра поука за таквите практики нуди кинескиот збор за парадокс, кој во буквален превод значи „копје-штит“. Етимологијата кажува дека зборот настанал од приказната која во третиот век п.н.е. ја запишал филозофот Хан Феј. Во неа се раскажува за трговец кој пред потенцијалните купувачи го фалел копјето што го продавал, како најмоќно оружје кое може да го пробие и најцврстиот штит. Но, на неговата тезга истовремено продавал и штит, за кој тврдел дека е толку цврст што не постои копје кое може да го пробие.
Тогаш, се нашол некој (веројатно поттикнат од странски служби со цел да го уништи домашното производство) кој го прашал трговецот како тогаш најмоќното копје ќе го пробие најмоќниот штит. Трговецот се нашол во небрано. Бидејќи немал одговор на таквиот парадокс, неговата пропаганда била осудена да падне во вода пред локалната публика. Примерот „најмоќно копје-непробоен штит“ станал суштина на кинескиот збор кој до ден денес означува парадокс.
Во таков парадокс живееме денес. Се поднесуваат листи за да нема избори, а криминалот се правда со негово инсценирање од наводни надворешни сили и туѓи игри. Оние што заработиле на незаконски начин се претставени како „успешни“, чесните за неуспешни, а оние што ја бараат вистината и се борат за еднаквост, слобода и граѓански права се прогласуваат за непријатели, предавници, хулигани…
Се мерат и вештачат штетите на народната канцеларија на претседателот, (скршени прозорци, столчиња, бироа) а не се вештачат и санкционираат огромните и реално непроценливи штети што неговата одлука ги предизвика врз владеењето на правото.
Ако таа канцеларија е наменета за претставки од граѓаните, по скандалозната одлука за аболиција, секое скршено стакло мора да се третира како резултат на колективна граѓанска претставка против таквата одлука донесена без консулатација со „народот“.
Впрочем, претседателот Иванов, и самиот рече дека ја презема одговорноста за одлуката, за реакциите што ќе следат и „ е подготвен да се справи со тоа“. Па сега нека се справи. Нека ја плати цената во секаква смисла – парично, но и преку политичка и кривична одговорност.
Кога одлуките и маските ќе паднат, потоа не ќе мора да се трошат ни „ситни“ 15 милиони евра од ЕЛЕМ за да ни создадат слика дека живееме во рајска градина, во која патем слободно ќе шетале мајмуни (тоа пречесто го гледавме), ни да набавуваат пелети за греење преку нивни блиски фирми.
Државниот лимен покрив е веќе премногу жежок и не мора да се грее со пелети. Сега е редот да видиме како лавот што се самопретвори во маче, ќе се спушти од него. Во реалноста.