Мајмунски работи

Ме загрижи веста дека зоолошка градина во САД вакцинирала девет мајмуни против корона вирусот. Кога и мајмуните побргу ќе дојдат на ред за имунизација, голема е неизвесноста каква инспирација ќе предизвика кај нас oваа одисеја.

Ако заради работа во ЕУ, голем број Македонци зедоа бугарски пасоши (покрај тие што така се чувствуваат), ако заради вакцинирање Македонци се подготвени со шајкача на глава да тргнат кон Врање, зошто да се надеваме дека нема да се случат и други мајмунлаци? 

Во битката со вирусот, најважна е психолошката и вакциналната предност. Зошто? САРС-коВ-2 веќе се покажа како прилично интелигентен и ефикасен вирус. Се организираа разни форми на превентива, но тој повторно изнудуваше и други. Секогаш кога се веруваше дека сите начини за негово пренесување се колку-толку пристојно затворени, тој ја менуваше брзината и тактиката преку нови мутации, од кои дел многу позаразни.

Вирусот ќе биде уште поефикасен ако сме ние неефикасни во превентивата и третманот. Ќе биде уште поумен ако ние се однесуваме глупаво во битката со него. Бидејќи ние сме средството/ начинот преку кој тој се шири, колку што ние му помагаме, тој сѐ повеќе ќе успева.

И каква „случајност“: позаразните соеви влегоа „во игра“ токму во ист период кога стартуваа и вакцините, па допрва со сигурност треба да се утврдува дали и колку имунизацијата е ефикасна против нив. Ако се утврди дека вакцините треба да се „надградуваат“ со ново оружје против новите видови, додека да заврши тој процес, ќе се појават и многу други мутации. Вирусот е секогаш чекор-два пред луѓето, пред системите, пред фармацевтските компании.  

Изминатата година се покажа дека не постои здравствен систем што не е надитрен или демаскиран од вирусот, во однос на декларираните можности. Паднаа митовите и за здравствените системи што се сметаа за најдобри, за најподготвени и најсовремено опремени, паднаа митовите за „супер нации“, за корона-фри држави, градови, острови… Сѐ е контаминирано.

Вирусот не ја изложи на виделина само кршливоста на здравствените системи, кои во почетокот не можеа да обезбедат дури ни симболично количество скафандери, заштитни ракавици и маски, а да не говориме за доволен број соодветен здравствен кадар.

Вирусот сега го изложи на јавен увид и високото ниво на вакцинален егоизам и етноцентризам, на агресивен макијавелизам во начинот на приграбување вакцини, разни подземни и надземни договори за „преку ред“, за изигрување на договорените механизми за рамноправен пристап и дистрибуција и ред други вештини (лични, државни, дипломатски), со кои снаодливоста за себе убедливо предничи пред солидарноста со другите.

Не случајно, производството на вакцините стана единица мерка за политички престиж и начин за редефинирање на позициите по прашањето „кој е кој“ на светската сцена, а навременото обезбедување на вакцините во земјите што тие не се произведуваат, стана врвна мерка за способност на националните власти. Или за неспособност.

Северна Македонија не е произведувач, туку чекач на вакцини. Календарот за нивно пристигнување секојдневно се менува од интерни и екстерни причини, а надежта расте правопропорционално со растот на заболени.

Допрва ќе се открива зошто навреме не беа направени договори со други земји, дали само заради очекувањата од Ковакс механизмот или и заради промоција на лојалност кон стратегиските партнери. Некој го барал тоа од нас, или сами сме решиле да гинеме, ама од трето место да не нарачуваме?

Не знаеме ни дали некој од партнерите им рекол на нашите власти „благодарам“ за лојалноста и какво фајде има од тоа. Но, знаеме дека никој од нив досега не помогна ни со симболичен процент на вакцини од нивниот контингент.

Третманот на ова здравствено прашање низ призмата на геополитичкото, на земјава ѝ се врати како бумеранг, како дупло голо, и тоа од пред олтарот на кој беа истурени сите интеграциски надежи.

Токму во намера да промовира политичка синхронизираност и симбиоза со семејството кон кое цели, Македонија остана со празни раце. Празни раце е побезболен израз за оставениот впечаток за неуспех токму поради слепото следење на каузата.

Кога и други би се воделе од ваквите принципи, заедно би го делеле истото дереџе. Ама не е така. Во војната за вакцини, важноста на клубовите не беше пресудна ни за членките, а камоли за аспирантите.

Третманот на ова здравствено прашање низ призмата на геополитичкото, на земјава ѝ се врати како бумеранг, како дупло голо, и тоа од пред олтарот на кој беа истурени сите интеграциски надежи

Со задоцнето барање чаре секаде каде што може, Македонија остави печат на една бавнореагирачка и зависна провинцијална позиција, каде што политичките аргументи натежнуваат, дури и во време на тешка здравствена криза. Наивност, неснаоѓање, некадарност или почетничка грешка? Од сѐ по нешто има во оваа приказна.

Кога веќе е направена грешка со вакцините, не треба да се губи дополнително време. Сега треба да се направи потег за замена или обнова на слабите алки во системот, кои се покажаа на виделина во изминатата ковид-година: од организација, преку набавки, до болнички и кадровски капацитети.

Вирусот ќе биде уште поефикасен ако сме ние неефикасни во превентивата и третманот. Ќе биде уште поумен ако ние се однесуваме глупаво во битката со него. Бидејќи ние сме средството/ начинот преку кој тој се шири, колку што ние му помагаме, тој сѐ повеќе ќе успева.

Вакцините против ковид-19 се важни, но не помалку од вакцинирањето против инфериорност, опуштеност кон тековните обврски и мајмунските работи.

Барем на тој план да ја смениме сликата.