Македонија е сѐ што имаат… за ограбување!

Многу е важно оваа афера со поткупот да почне искрено и темелно да се расплетува во институциите, бидејќи ако тие не профункционираат, таа ќе почне да се решава на улиците. Ќе остане обврската тој политички бордел да го урнат граѓаните.

Демантираат, се закануваат со тужби, наводно вчудоневидени од „невистините“ искажани од заштитениот сведок пред Њујоршкиот суд, за аферата „Телеком“. И натаму упорно веруваат дека овде може сѐ да помине. Со право, затоа што ние, граѓаните, тоа им го дозволуваме.

Да речам дека досега не сме знаеле. Но, кога има докази за милионски поткуп, a граѓаните биле оптоварени со повисоки цени заради штитење на монопол и намерно спречување влез на конкуренција, Oбвинителството мора да се фати за работа.

Зарем мислите дека случајно е објавен исказот на заштитениот сведок? Тоа е шлаканица и за нашиот правосуден систем, но и превенирање на можноста дека сведокот случајно може самоиницијативно да влета под тркала на автомобил, да се удави во кофа со вода или да биде подложен на други инспиративни методи од ризницата на репресивниот апарат.

Милион евра, два, пет, седум… Сите овие суми сведочат колку тежел „патриотизмот“, приказните за државните приоритети, за иднината, за европскиот колосек. Но, да не се залажуваат актерите на оваа афера, дека нешто ќе остане тајна. Сѐ се знае. На тест е нивната искреност. Ставени се на еден вид јавен „полиграф“.

Фактот дека сознанијата се направени достапни во т.н. транзициски период за излез по политичката криза, во кој е евидентен недостигот од волја да се постигнат решенија за спрововедување на Договорот од 2 јуни/15 јули, не е ништо друго, освен „пријателско потсетување“ клучните актери да не глумат чесни патриоти, бидејќи има докази за каква суми ги продавале и изигрувале интересите на граѓаните.

Второ, да немаат дилема – дека ако кај нас нема истрага, ќе нема и никаде на друго место. Се знае каде завршиле парите, во кои банки и во какви недвижности во земјава и во странство. Тоа што некој од инволвираните дури и формално се развел и целиот имот го препишал на членови на семејството, нема да биде олеснителна околност кога ќе дојде ред да одговара за делото. Парите мора да се вратат, бидејќи најдрско се украдени од граѓаните на Македонија.

Овојпат, не знам како дел од актерите ќе се повикуваат на Охридскиот договор кој им служи како алиби за сѐ, особено што тој не предвидува ама баш ништо по прашањето за правична застапеност во распределба на митото. Или можеби и тоа произлегува „од духот“ на договорот?

skopje-2014

Во држава во која 30 отсто од населението е заведено во графата „сиромаштија“, уште толку како „невработени“, а просечна плата под 400 евра, ќе биде малку тешко да ја објаснат сопствената финансиска кондиција. Одговорот – „Не прашувајте ме како го стекнав првиот милион“, нема да помине.

Да имавме малку повеќе достоинство и самопочит како граѓани, тоа криминогено друштво одамна изборно ќе беше дигнато на клоци и ќе немаше пристап на јавната сцена, а камоли во политиката.

По четврт век самостојност на државата, граѓаните мора да бидат свесни дека поради долгогодишното игнорирање на криминалот и корупцијата, политичките партии сѐ помалку се разликуваат меѓу себе и се преобразуваат во монолитен политички естаблишмент кој не се грижи ја јавното добро.

Политичката методологија со години е иста. Оние кои ја градат и унапредуваат Македонија врз измами и полувистини, само навидум се партиски хетерогени структури. Тие се, всушност, една политички хомогена класа, во која се вгнездени врвовите на разни партии, мрежи на бивши и сегашни неконтролирани служби, институционализирани моќници, тајкуни поштедени од каква било одговорност за криминогениот начин на работа заради широката рака кон партиските каси и куп подопашници.

Целиот тој „пробисвет“ со години доминира на јавната сцена во нашиот, намерно неконтролиран простор, за да можат врхушките што повеќе да бидат „дил ориентед“, не во корист на државата туку за сопствениот џеб.

За нивна жал, досега не е измислена политичка технологија што би ја победила масовната побарувачка на вистина и правда, без оглед колку квази-медиуми и „приватни“ судии и обвинители можат да бидат инсталирани од една таква политичка класа.

Впрочем, ни поголеми држави не би можеле да го издржат товарот на една ваква поткуп-политичка практика и политичари кои се длабоко зафатени од морална ерозија.

Со нив никогаш нема да има излез од кризата, а за жал, дел од нив седат на зелената маса. Затоа и не е случаен големиот отпор за пошироко кадровско екипирање на специјалниот обвинител. Само оние што се заглавени во криминали, имаат интерес да се востанови обична обвинителска „кукла“ со ингеренции на хартија и оперативна немоќ во практиката.

На испит сега ќе биде и редовното Обвинителство. Многу е важно оваа афера со поткупот да почне искрено и темелно да се расплетува во институциите, бидејќи ако тие не профункционираат, таа ќе почне да се решава на улиците. Ќе остане обврската тој политички бордел да го урнат граѓаните.