Пред 32 години со шише шампањ на скопскиот плоштад беше прославена рефрендумската волја на граѓаните за независна држава. Трепетот на пенливото вино беше мала персонификација на големата ерупција од радост и еуфорија кај граѓаните за новиот самостоен почеток на државата, по свој пат, со своја валута, со своја армија, своја дипломатија, своја репрезентација…
Што ќе отвориме денес? Кој, како. Изборот е голем – од традиционалниот асортиман до проширена понуда – шише физиолошки раствор, шише од лажна терапија или шише од лажен гел за потенција. Можеби ќе се отвори и шише со шеќерна водичка, читај -некоја нова, јалова истрага, за граѓаните да бидат уверувани дека анкерите на правосудството не попуштаат.
Некаде сигурно ќе се точи виски од галони во чест на претпразничните измени на Кривичниот законик. Ќе се подигне и нивото на Охридско Езеро од уринирањето на некои од привилегираните протагонисти на затворскиот туризам, бидејќи ним им е дадено правото сега да и се помочаат на правдата в лице. Политичка арбитрарност законски им овозможи да ги огрее ново сонце на слободата.
Батиња, кои една деценија дрмаа и со поздемјето и со надземјето, сега може да се вратат на голема врата, со старата слава и нови ангажмани за иднината на државата, посебно за европската. Сето тоа благодарение на елитата која повикуваше „ова зло никогаш да не се повтори“.
Некаде сигурно ќе се точи виски од галони во чест на претпразничните измени на Кривичниот законик. Ќе се подигне и нивото на Охридско Езеро од уринирањето на некои од привилегираните протагонисти на затворскиот туризам, бидејќи ним им е дадено правото сега да и се помочаат на правдата в лице.
Не постои соодветен термин со кој може да се опише апсурдот кој го живееме денес. Никој не е против домашното законодавство да се хармонизира со европското, ама не со мотивација тоа да се прави за други цели. Да видиме кој европски амбасадор ќе проговори за ваквата „хармонизација“ на законот – дали некој ќе потврди дека европското знаменце е соодветно употребено, или само злоупотребено за да се сокрие развеаното бело знаме – симбол за предавство на правдата. И многу брзо ќе се види кој се бил вклучен во аранжманот.
Освен оваа мала забелешка, сѐ друго е во совршен ред. Би можело да се каже дека е комплетно остварен македонскиот сон. Дури и повеќе од тоа. Можете ли да замислите друга земја каде и без одење на работа се зема плата? Каде што школството функционира без учебници, каде со пари може да се купи диплома, работно место, правда?
Можете ли да замислите земја каде што со нула денари инвестиција може да станете сопственик на деловен ценар? Предноста е што не мора воопшто да замислуваме, бидејќи живееме во таква земја, каде многу нешта сѐ одвиваат на линијата меѓу сонот и јавето, фикцијата и реалноста, меѓу врвот и бездната, ама и на линијата меѓу животот и смртта.
Колку пати сте ја слушнале реченицата „уште колку животи треба да бидат изгубени за да се преземе ова или она“? Стотици пати. Не беа доволни ни жртвите од библиските поплави во скопско, ни изгубените животи во автобусите на „Дурмо турс“ и „Беса транс“, ни во модуларната болница во Тетово (токму на овој ден), ни невините жртви на нашите сообраќајници, за да се стави ред во нередот, а мозаикот веќе забрзано се полни со морничави сведоштва од клиничките коридори.
Можете ли да замислите земја каде што со нула денари инвестиција може да станете сопственик на деловен ценар? Предноста е што не мора воопшто да замислуваме, бидејќи живееме во таква земја, каде многу нешта сѐ одвиваат на линијата меѓу сонот и јавето, фикцијата и реалноста, меѓу врвот и бездната, ама и на линијата меѓу животот и смртта.
Проблемот е што несанкционирањето на криминалот и корупцијата земјата ја носи кон терминална фаза, од каде е невозможен излез и опоравување без тектонски промени и „генералка“. Во наши услови тоа ќе биде многу тежок процес. За тие метастази е потребно многу повеќе од вообичаени дози хемотерапија или обување „железни опинци“.
А само пред пет години се фрапиравеме од една, гледано од денешен аспект, „бенигна“ случка: полицаец не смееше на локален моќник да му пише казна за непрописно паркирање. И наместо „пајакот“ да го собере возилото, полицаецот сосема „случајно“ сам се повреди, удирајќи се од „пајакот“. Кој денес би се скандализирал од ваква вест при толкава конкуренција од скандали?
Денес земјата е прекриена од пајакова мрежа во која се преплетени многу бизнис и политички интереси – сватовски, кумовски, шуро-баџанаковски, сето она против што власта ветуваше дека ќе се бори.
А денес повторно не се знае каде е границата меѓу државата и партијата. Таа се брише на разни начини, дури и со шутирање на мали голчиња во кабинетите што ние ги плаќаме. Пајакот одамна е заменет со булдожери кои везден трасираат патишта, најчесто такви што водат до приватни сметки каде издашно се излева државниот буџет. Ни санкции, ни бутур, а речиси и нема политичар што влегол во власта како голтар, да не излезе со богато натоварени камили.
Поранешниот претседател, Киро Глигоров, една од ретките светли икони на македонската политичка сцена, ни порачуваше дека „Македонија е сѐ што имаме“. Денес Македонија е сѐ што немаме во смисла на држава со здрави и функционални институции, владеење на правото и државен дигнитет.
Македонија ми наликува на птица која никогаш не полета кон височините кон кои се стремеше. Крилјата и ги испокршија најмногу оние кои во изминатите три децении даваа свечени заклетви дека ќе работат за нејзин напредок, ќе ја штитат, чуваат, бранат. А не ја одбранија ни од самите себе. Ние пак никогаш не ја одбранивме Македонија од нив. Дали ја заслуживме?
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија