Македонија како санта мраз

А23а е името на најголемата ледена санта на светот. Ова огромно плато од мраз, долго 80 километри и високо 400 метри, распространето на површина од 3.360 квадратни километри (за споредба: Пелагонија, заедно со делот што сега е во Грција, се простира во должина од 80 километри и има површина од околу 4.000 квадратни километри), во 1986 година се одвојува од матичниот Антарктик.

По повеќедецениска заглавеност во место, во 2023 година се забележени првите движења на сантата, а тие се интензивирани кон крајот на минатата година.

Од Балканот се одвоивме во една голема санта мраз наречена Западен Балкан. Како што сега стојат работите, заедно со Србија ќе се одвоиме и од Западен Балкан и ќе добиеме некое несоодветно и неинвентивно име

Носен од силните океански струи, овој леден брег опасно се приближува кон островот Јужна Џорџија (британска територија) и во моментов е на некои 280 километри оддалеченост. Jужна Џорџија е остров со слична површина, како и сантата што му се приближува (3.528 квадратни километри).

Податоците велат дека има 32 жители преку лето, односно 16 преку зима. Но, она што го прави посебен е тоа што е дома на илјадници, што ендемски, што ретки видови животни и растенија. Јужна Џорџија, меѓу другото, е дом и место за размножување на повеќе видови фоки и пингвини.

Една помала санта мраз, наречена А38, на крајот на 2003 година веќе удрила во островот и според експертите овој судар направил прилична штета на неговиот жив свет, блокирајќи ги патиштата и изворите на храна.

Сантата А23а, во петокот (31 јануари) повторно влезе во радарот на светската јавност, кога беа објавени сателитски снимки на одвојување на голем фрагмент мраз од матичната санта. Станува збор за леден брег, со површина од околу 80 квадратни километри (речиси колку Париз, 105 квадратни километри), кој, исто така, плови кон Јужна Џорџија.

Овој процес што се одвива на досега речиси недопрената санта А23а им дава надеж на научниците дека постои можност сантата сама да се распадне и да се растопи додека да стаса до островот. Иако оваа можност останува само во рамките на претпоставките.

Македонија како метафора

Мојот интерес за огромната санта мраз не е врзан (толку) за климатските промени и последиците од глобалното загревање, туку повеќе ја гледам како моќна метафора, која буквално може да се примени на сите глобални и локални општествени и политички процеси. Особено ако станува збор за санта мраз што се одвојува од својот матичен континент и плута без компас во немирните морски струи.

Се разбира дека и Македонија не е исклучок од метафората. Напротив. Дури можеме да кажеме дека А23а е токму персонификација, да не кажам мразонификација, на Македонија. Од една страна, замрзната во времето и долг период фиксирана на пристојна оддалеченост од матичниот континент (читај: од Европската Унија), сега скита без компас по глобалното море, водена од непредвидливите струи на светската геополитика.

Упорно бегајќи од преземените обврски кон ЕУ (ставање на бугарското малцинство во Уставот), несомнено и со намера се дистанцира од сигурните (финансиски, безбедносни и други) брегови што би ѝ овозможиле мирен протек на историјата што доаѓа.

Секој што возел или одел пешки по улиците на Скопје точно знае како се негува и како доминира културата на насилство

Од Балканот се одвоивме во една голема санта мраз наречена Западен Балкан. Како што сега стојат работите, заедно со Србија ќе се одвоиме и од Западен Балкан и ќе добиеме некое несоодветно и неинвентивно име, токму во стилот на имињата на антарктичките сепаратни ледени брегови. Како што сега стојат работите, со студентското движење во Србија се појавува сериозна можност да се отцепиме и од неа. Или, ако сакаме да бидеме попрецизни, Србија да се отцепи од нас. И да останеме на слепиот морски колосек, чија позиција ќе се менува во однос на важечките геополитички урбанистички планови.

А Русија и БРИКС се далеку. Толку далеку што воопшто не можеме ниту да видиме како, всушност, изгледаат и зошто би се влечеле кон нив.

Но, добро, што би рекол еден мој почитуван познаник, тоа е што е. На пловидбата без мапа и компас, заскитаната санта мраз има свои цели, но и своја неминовна судбина. Без оглед на перцепцијата за сопствената големина. Целите на сантата се да го сочува својот врв. Врвот да биде импресивен и да изгледа застрашувачки и недопирливо. Во очите на набљудувачот да изгледа моќно, стабилно, колосално и недопирливо.

Но, судбината е нешто сосема друго и сосема извесно. На сантата ѝ е пишано да се удри во некој пуст гребен и на тој начин да го загрози живиот свет, одземајќи му ги патиштата и изворите на егзистенција. Или, што е уште поверојатно, од неа да се двојат делови и на крајот целата санта да се растопи до непрепознатливост во матните морски води.

Позади врвот на ледениот брег

Врвот на ледениот брег е метафора сама по себе. Таа ја означува нетранспарентноста, скриените намери и подземните дејствија. Таа вели дека, не само што не можеме да ја видиме целата слика, туку го гледаме само она што ќе ни се покаже.

Што е врвот на ледениот брег? Убиството на Фросина е врв на ледениот брег, создаден од негување на културата на насилство во сите пори на општеството. Што е култура на насилство? Тоа непочитување на правилата, немање чувство за правата и потребите на другиот, стекнување придобивки и почит преку заплашување, создавање култ на „недопирливите“…

Секој што возел или одел пешки по улиците на Скопје точно знае како се негува и како доминира културата на насилство. Младичот што ја згази Фросина, всушност, не е причина, туку е само производ на важечкото сообраќајно однесување.

Колку што знам, министерката за образование е лекар. И баш ме интересира како се изведува медицинска пракса без етика и логика. Со помош на географија?

Врв на ледениот брег се цените на прехранбените продукти во големите маркети, а бојкотот е реакција на видливото. Јас навистина не знам кој сѐ се „вградува“ во цената на некое чоколадо на пример. Низ колку „раце“ поминува тоа чоколадо додека не го испразни џебот на купувачот. Со ова никако не сакам да ги амнестирам трговците. Напротив. Тие само се поведуваат по владејачкото правило: „ми се може, бе“. И им се може. Ете.

Врв на брегот е поддршката на владата на бојкотот на големите маркети. Наместо да си ја вршат работата за која се платени од граѓаните, односно да спроведуваат економски политики што ќе доведат, ако не до благосостојба, тогаш барем до елиминирање на причините за спроведување бојкот, тие ги поддржуваат акциите на оние од чиј џеб редовно си ги зголемуваат платите.

Баш ме интересира во кои маркети пазари премиерот Христијан Мицкоски, штом онака популистички (што секогаш подразбира и лицемерие) се заложува јас да ги бојкотирам маркетите.

Во овој контекст воопшто не ми е чудна предложената реформа на гимназиското образование. Намера е тоа. Исфрлањето на изучувањето на логиката и етиката, а ставањето на филозофијата и социологијата во двегодишни изборни курсеви има една цел – создавање послушни граѓани во послушно општество.

Граѓани што нема да прашуваат зошто партискиот лидер им рекол да се качат на сантата мраз и да се судрат со некој егзотичен пуст остров. А нема да прашуваат, затоа што има кој да размислува за нив и затоа што има кој да им каже кога да не купуваат леб. Граѓани за кои ќе биде нормално да го дишат отровниот воздух околу нив. Граѓани за кои е важно „да се гради“, без оглед на последиците.

Колку што знам, министерката за образование е лекар. И баш ме интересира како се изведува медицинска пракса без етика и логика. Со помош на географија? Во ова прашање нема никаква доза на цинизам. Имено, во третата и четвртата гимназиска година е предвидено изборниот предмет географија да има двојно повеќе часови од изборниот предмет филозофија, во кој наводно се инкорпорирани и етиката и логиката.

За сантата мраз А23а ќе се најде вакво или онакво решение. Ќе се најде и за Македонија. Ама какво?

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија