Има некаква нелагодна симболика во шапката на грчкиoт министер Никос Коѕијас. која, претпоставувам дека ја извадил од орманот само поради метеоролошкиот извештај. Но, во контекст на причините заради кои доаѓа во Македонија, тој шешир се повеќе наликува на реквизит за маѓионичарско-политички перформанс, лишен од добра магија, и со крајно максималистички барања кои излегуваат од него како бели зајаци.
Колку и да се тоа преговарачки тактики – да се тргне од максимум за да се најдат двете страни некаде на средина, во нашиот случај се поизвесно е дека таа средина тешко ќе ја најдат двете страни – сами! Најмногу поради еден факт: различното разбирање на она што Грција го нарекува иредентизам.
Кога ние ги демантираме како нерационални таквите грчки ставови и стравови, објаснуваме дека една мала, воено и економски послаба држава не може да биде закана за Грција. Дека нашите единствени територијални претензии се сензонските „инвазии и окупации“ од македонски туристи на грчкиот брег, шопинзите во Солун, факултетите… Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Попоски, верува дека таа пречка може да се надмине ако се договориме Грција да го чува нашето небо. Наивно и погрешно.
Владата на Заев е соочена со двојно потешки позиции исцртани и подметнати токму од „патриотската“ влада на Груевски, која ги создаде наместо да го реши проблемот тогаш кога без овие антички украси тоа ќе беше многу поедноставно
Кога Грција зборува за иредентизам таа мисли на историски, културен, идентитетски. Не случајно, грчкиот претседател вели дека „кај северниот сосед и самото име Македонија рефлектира иредентизам“. За Грција иредентизам е скулптуралното и инфраструктурно ползување на ликот, делото и името на Александар Македонски, таткото Филип, мајката Олимпија, дел од релјефите на „Порта Македонија“ кои опишуваат сцени од античката грчка историја, сонцето од Вергина, употребата на името Егејска Македонија, објавувањето мапи од некогашна голема Македонија како историја на денешната РМ.
Оттука, сузбивањето на „иредентизмот“ Грција го гледа во решение кое името Македонија ќе го затскрие во сложено име, „по можност споено во еден збор, со словенски изговор, на латиница, непреведено и така заведено и во македонскиот Устав“.
Со тоа Владата на Заев е соочена со двојно потешки позиции исцртани и подметнати токму од „патриотската“ влада на Груевски, која ги создаде наместо да го реши проблемот тогаш кога без овие антички украси тоа ќе беше многу поедноставно. Сега разговорите за името навистина наликуваат на она, како што Милошоски во една прилки прилично илустративно го опиша: „Не се работи за името на ‘Кока Кола’, за да си помисли некој дали може ‘Кока Кола лајт’ да биде прифатливо име или не“.
Да така е. Ама таа аргументација не требаше да биде елиминирана со пофалба дека споменикот на Александар е нашиот начин да им „покажеме“ на Грците, пркос, дрскост или среден прст, сеедно.
И сега, многумина се чудат што грчката делегација се сместила во хотелот „Мериот“, каде Коѕијас би имал соба со поглед токму на „Воинот на коњ“. А зошто да не? Токму во тој споменик Атина гледа еден од врвните аргументи зошто во шапката може да ги смести нејзините најтврди позиции.
Таа споменична композиција е всушност тројанскиот коњ кој ним им заврши огромна работа: да ја стават во сенка пресудата на Меѓународниот суд на правдата и целиот фокус да го насочат кон крадење на грчката историја. Од тој подарок што владата на Груевски и го даде на Грција, и денес врти политичкиот „таксиметар“ во Атина.
Не случајно, по формирањето на новата влада и најавите за подготвеност за разговори за спорот, „Катимерини“ излезе со следниов коментар: „До почетокот на летото (2017-н.з.) моравме да се бориме со Груевски и неговиот националистички занес. Тој нѐ радуваше и со неговата политика на иредентизам и ни даде аргументи да ја блокираме евроатлантската перспектива на земјата, без разлика што го искористи тоа за да шири антигрчки отров во домашната јавност. Што ќе правиме сега без неговото плашило? Заев нема да нѐ удостои со нови статуи и нема да ги толерира неговите највисоки функционери да мавтаат со знамиња на врвот на Олимп, како што беше случајот со поранешниот министер за надворешни работи Милошоски“, коментираше „Катимерини“.
Сега македонската позиција е обременета со сите препреки создадени од „античкиот труд“ на Груевски, со националистички отпор за решавање на спорот од истите протагонисти и поддржувачи на тој труд, од лежерниот став на Брисел и Вашингтон дека двете страни сами треба да најдат решение и од грчки очекувања дека меѓународен притисок треба да биде извршен врз Скопје.
Во последните два става лежи најголемата опасност по прашањето дали ќе се реши спорот и за нус-ефектите од начинот на кој би можел да се решава. Тука мислам на принципот на меѓусебна солидарност во ЕУ, со кој Грција би била повластената и непритисната страна за отстапување од некои ирационални позиции.
Ако ЕУ не се вмеша подеднакво во помагање на процесот заради „непристрасност“, токму со тоа ќе стане пристрасна, оставајќи ја Грција и натаму да биде разгаленото дете
Ако ЕУ не се вмеша подеднакво во помагање на процесот заради „непристрасност“, токму со тоа ќе стане пристрасна, оставајќи ја Грција и натаму да биде разгаленото дете со капиталот од синтагмата „лулка на демократијата и западната цивилизација“, која беше идентитетската карта и за нејзин прием во ЕУ, наспроти критериумите низ кои беше филтриран приемот на други земји.
Решавањето на овој проблем со евентуалнио чинење (притисок само врз послабиот) или нечинење (заради солидарност кон своја членка), ќе резултира со зголемување на проблемот и со влошување на регионалната стабилност.
Имајќи го македонското искуство, ќе доведе до демотивирање на која било влада во регионот во иднина да направи каков било храбар исчекор во решавање на проблемите, доколку тие не се поддржани од Брисел на принципиелен, туку на клубски начин, низ призмата – дали си или не си членка на ЕУ. Таквиот приод најдиректно ќе ги оживее и врати на голема сцена националистичките, ретроградни и други сили кои се противат на европските вредности заради обидот да си овозможат авторитарани оази и своја неказнивост за уривање на демократските стандарди.
Накусо, пораката што ќе ја прочита фрагилниот Западен Балкан од таков развој или лоши епилози, ќе биде дека „не вреди“ да се борите за демократија, додбрососедство и решавање на проблемите, ако асиметричната моќ на едната странка е пресудна за процесот. Грубо ќе биде девалвирана волјата на секоја проевропска демократска влада која ќе се обиде да направи чекор напред на европскиот пат, но и искористена за поентирање на оние кои не се заинтересирани за мир во регионот. Москва веќе предупреди на тоа.
Така што, решавањето на спорот за името не е само билатерален, туку регионален и европски проблем, и така треба да биде третиран, воден и поддржуван во обидите за решавање.
Ако не се реши, губитник во прва линија ќе биде Македонија. Но, заради претходно наведените ризици, таа линија по принцип на домино-ефект брзо ќе се помести од регионов се до портите на Брисел. Отсуството на европски алатки за постигнување стабилност, и на ефикасни „стентови“ за отпушување на европскиот крвоток, во најголема мера ќе и пресуди на стабилноста и иднината на Унијата, токму заради ингнирирање на оние кои денес се на нејзините маргини.
Затоа, искрените обиди од македонска страна да се направи разумна и достоинствена дистинкција меѓу грчкиот регион Македонија и државата Македонија, не смеат да завршат во некаква искривоколчена лингвистичка и правописна грешка, понудена како решение во стилот „Македонија лајт“. Бидејќи тоа „лајт“ нема да биде огледало за РМ, туку за стандардите кои ги промовира ЕУ.