Како ќе ги препознаете земските „богови“? Токму по фарисејството. Едно зборуваат, друго прават. Работат за себе, не за заедницата. Не ги одликува скромност. Дури и во храмовите очекуваат посебен третман. Не се чувствуваат заштитени, доаѓаат со телохранители. И уште нешто. Нивните свеќи побрзо горат. Од срам.
Велики Петок – ден на голема тага и молитва заради страдањето на Исус. Зад оваа празнична фраза, стои исклучително инспиративна фабула, без разлика дали е некој атеист, верник, агностик или припадник на друга религија. Не сугерирам да се посветите на празничните проповеди на свештените лица, ниту на главната медиумска „тема“ дека денеска е тежок пост, т.н. „пост на вода“, дека не се консумира никаква храна, дека верниците треба да се воздржуваат од тешки зборови и други тривијални совети. Тоа е само форма, на која суштината и бега повеќе од 2.000 години.
За жал, фабулата на оваа приказна до денес е тривијализирана во неколку чина: погубување, станување од гробот – воскреснување и појавување пред избраните. Ако се раздвојат легендите, преданијата и фалсификатите, приказната фабуларно се сведува на еден пасус што настанал по еден и пол век од распетието на Голгота (Калвариа).
Но, по големото откритие во 1945 година на гностички евангелија во египетскиот реон Наг-Хаммади (древно име Хенобоскион) кои датираат неколку децении по настанот, сликата за Исусовиот лик е поинаква од она што се проповеда во т.н. канонски евангелија, вклучувајќи и сосема поинаква слика за „предавничкиот бакнеж“ на Јуда.
Воскрснувањето и тогаш и денес има едно единствено значење, а тоа не е метафизичка слика за човек што оживува од гробот. Тоа е моќна метафора за секој човек што со силата на својата волја ќе избере да живее чесно, во слобода, љубов, еднаквост, прошка, милосредие и во разбирање со своите современици. Тоа се, всушност, преферираните цивилизациски вредности. Таквиот живот – е живот во вистинската смисла. Спротивното од тоа – нема никаква животна вредност.
Оние кои денес се уште прашуваат „како е можно некој да воскресне од мртвите“, не го разбираат изворното значење на тоа воскресение, што значи дека уште помалку ги сфатиле вредностите на животот. За тие вредности не се добива „лиценца“ во храмовите. Потребата од тие вредности треба да биде лично почувствувана, битката за нив индивидуално извојувана, за да може потоа и да биде споделена со другите.
Персоналистички збирови од тие усвоени и практикувани вредности ја даваат моќта на колективитетот за квалитет на живот во кој примарното е љубов, разбирање, духовна благосостојба.
Тоа е пораката на воскресението. Во спротивно, најпознатиот страдалник можел да се покае, да побара милост од Понтиј Пилат, да се откаже од својата мисија и учење. Со тоа сигурно ќе се спасел од распетието. Но, не го сторил тоа. Решил да остави порака дека без страдања и без жртви нема живот. Без верба, напор, посветеност и страст, нема успех.
Ако го нема тоа, секогаш ќе се појавува некоја нова Голгота, во форма на планина од проблеми, до која ќе доведе нечија алчност за 30 сребреници, кои денес се пресметуваат во поголеми сум и конкретни валути.
Кога тоа сакрално сценарио денес би го поставиле на сцената на нашата реалност, не е тешко да се идентификува кој би можел да е Понтиј Пилат, а кој Јуда, според „евангелието на Тома“ од лустрациската. Не ќе биде тешко и да се лоцира каде е нашата Гестиманска градина, а каде Маслиновата гора зафатена од морални и природни свлечишта.
Вратени во таа рамка пред 2.000 години, сите ние „при очи слепи, повеќе или помалку наликуваме на двајцата Исусови ученици, Лука и Клеопа, кои разочарани од неговото распетие, а под тежок прогон од намесникот на Тибериј, барале засолниште во галилејското село Емаус, 11 километри североисточно од Ерусалим.
Кога воскреснатиот учител им се појавил на патот, тие не го препознале иако продолжил да чекори со нив и да ги охрабрува со истите зборови со кои им се обраќал и пред тоа. Дури за време на скромната вечера, кога учителот почнал да го крши лебот, тие на неговите раце ги забележале длабоките рани од клиновите со кои бил распнат на крстот. Тогаш сфатиле дека е жив. Дека неговите пораки се живи и дека се потребни храбри и самосвени следбеници кои ќе продолжат да проповедаат вистина, разбирање и љубов кон другиот и различниот.
Патот до Емаус го нарекуваат најдолгиот пат. Краток, но тежок до спознанието. Верувам дека сме тргнати по тој пат на недежта и истрајноста. Воскрсението денес мора да се гледа токму во димензиите на човековата надеж. Човек воскреснува секој ден ако е буден за духот на вистината. Воскреснува во зборовите што ги создава. Воскрснува во делата, тогаш кога освен за себе, живее и за другите. Во тоа е смислата на животот.
Пропагирањето вистина, правда и љубов, римскиот намесник го доживувал како лудост, анархија, предавство и бунт. Го осудил учителот кој пред следбениците пропагирал дека „само со тие вредности ќе станат луѓе“. Тоа не им одговарало на оние кои освен што биле на власт, сакале да бидат и „богови“ во своето време. Имале и употребиле доволно клинови за сечие распетие.
И по 2.000 години, за жал, таквите желби не пресушуваат. Лажни „пророци“ проповедаат непосредност и блискост со народот, а практикуваат боговска дистанцираност и авторитарност. Како ќе ги препознаете? Токму по фарисејството. Едно зборуваат, друго прават. Работат исклучиво за себе, не за заедницата. Не ги одликува скромност. Дури и во храмовите очекуваат посебен третман. Не се чувствуваат заштитени, доаѓаат со телохранители. И уште нешто. Нивните свеќи побрзо горат. Од срам.