Кога ги гледа сликите од протестите за одбрана на Македонија од душманите, не може на човека да не му дојде топло околу срцето, особено кога ќе заблескаат меѓу факелите и жолто-црвените чадни бомби оние прекрасни карти на обединета Македонија, со краците во Белото Море, со драми, водени, кукуши, пирин-планини и само со наша земја опколени бисери езерски…
Сепак, доволно е и малку работа со дигитронот за човек да дојде до поразителниот заклучок дека обединета Македонија ќе остане само сон: ние не може да си ја дозволиме, прескапа е за одржување.
Еве, замислете си колку ќе треба да издвоиме за патни трошоци само за пратеникот што ќе ни дојде од некое погранично село таму близу Тракија ако само од март до ноември еден Алија Камберовски од Струга, или една Мира Стојчевска од Битола, нѐ чинеле 12.847, односно 11.736 евра. Па до Кавала има колку два и пол пати до Битола. Ко ќе то да плати, браќо и сестре.
Македонија обединета? Не, фала, не сум нешто при пари.
Некако ова со патниве трошоци се сведува на оној вицот за единствената разлика помеѓу телефонска говорница и пратеник: кога телефонираш од говорница прво плаќаш, па бираш, а со пратенициве е обратно – прво ги бираш, па плаќаш.
Вака како што сега стојат работите (то ест не стојат, туку се возат), поевтино ни се фаќа да изградиме по еден парламент во секој град, отколку да им плаќаме да се собираат сите во еден
И до каде е тој проектот со е-Влада? Дај нека го завршуваат побрзо, па да стартуваме кон уште поекономичниот проект – е-Собрание. Па секој пратеник да може да ги бранува политички води и да сурфа по нив од дома. Ем поевтино за патни трошоци, ем ќе заштедиме на собраниското гравче што го јадат по набавна цена. Двојна заштеда, што би рекол Рашковски.
Со оперативен систем „doors“ наместо „windows“ за пратениците од опозицијата што досега сме ги виделе само на безбедносни камери како отвораат врати. И со специјална апликација за амандмани за оние повредните и потрудољубивите, кои имаат иницијативи да ги подобруваат законите повеќекратно, односно повеќеилјади кратно.
Стискаш сенд и стасува кај Талат во инбокс, и тоа преведен. Нема арчење пари за хартија и тонери. Е-собрание, наместо оваа општа, сепартиска е-банка со парите на граѓаните.
Само, колку се снаодливи овие нашиве, се плашам дека тогаш ќе се претплатат на некој специјален сателитски интернет, евро за килобајт, и пак ќе ни го исцицаат буџетот ко мушмула преку сообраќај, само не патнички туку интернет.
Мислам, фино ова промениве што дојдоа во државава, ама дајте кажете ни од каде дојдоа, да си пресметаме одма колку сме им должни за патни трошоци.
Толку ли многу бараме, не сфаќам. Еве, не мора како легендарниот скромен уругвајски претседател Хозе Мухика да донираат 90 отсто од својата плата и да волонтираат на функцијата. За Македонија, нели се работи. Ајде, тоа не мора. Ама може белким да се договориме да останат на тие 100 отсто бруто плата, без никакви дополнителни милионски трошоци за бензини, патарини, пешарини, хранарини, ѓубретарини, пичкесиматерини и други ини.
Сакаме груевизмот да го поразиме во македонсково општество, а ние не сме ја поминале ни првата патарина од тој долг и мачен реформски пат – не можеме да го победиме силванобоневизмот во нас. За какви реформи 369 ќе зборуваме, ако во законодавниот дом на носителите на новите закони паметот им е цело време како да завртат 369 километри дневно.
Сакаме груевизмот да го поразиме во македонсково општество, а ние не сме ја поминале ни првата патарина од тој долг и мачен реформски пат – не можеме да го победиме силванобоневизмот во нас
Башка, ако „Пиволенд“ беше преименуван во „Пивски фестивал“, „Вино-скоп“ во „Вински фестивал“, а „Баскерфест“ во „Организирање манифестации со улични изведувачи во главниот град на поранешната југословенски република Македонија, односно со изведувачи од различни возраст, род, верско и етничко потекло и со изведување различни нешта, од жонглирање, акробации, танцувања, магионички трикови, кловновски изведби, илузионички и музички настапи и слично – фестивал“, тогаш дајте да бидеме доследни до крај во ваквиот буквалистички правец и Собранието да го нарекуваме со вистинското име, односно официјално да го преименуваме во Министерство за транспорт и врски, според примарната дејност што ја обавува.
Свететесе луѓе111, или ќе си ги прибереме нозете колку што ни е долга чергата или никогаш нема Македонија да е цела и притоа небанкротирана!
Што, додуша, не значи дека и ваква, нецела, Македонија не може да биде банкротирана од своите пратеници. Дајте им малку време, сепак се на почетокот на мандатот.
П.С. Македонија нема проблем само со интензивниот сообраќај на пратеници и други функционери по нашите локални патишта и магистрали. Имаме и тука во Скопје. Трафик џем, човече, не се вози. И сега на шпицовите во сообраќајот на главниот град сабајле и попладне ни ги додадоа и рамковните вработени. Кај плата земаат луѓето, сега ќе мора да одат и на работа и да прават гужва во сообраќај. Нема смисла, стварно.