Неодамна, руската информативна агенција „Новости“ лиферуваше една анкета, а (некои од) овдешните медиуми ја пренесоа, за структурата на семејната потрошувачка во 40 европски земји. Според оваа анкета, македонските граѓани трошат 37 проценти од своите приходи на храна (најмногу во регионот и на четврто место меѓу анкетираните земји), додека за културните потреби издвојуваат само 1,8 проценти од примањата (помалку за култура трошат само граѓаните на Казахстан).
Човек би рекол: ништо ново и ништо необично. Првиот и најчестиот одговор за овој феномен се врзува за нискиот стандард и за ортодоксната теорија за базата и надградбата, при што базата во овој случај е храната, облеката, комуналните трошоци, греењето…, а за културата ако нешто преостане. Впрочем, и таканаречените експерти, што медиумите ги консултираа по повод оваа анкета, даваат образложенија што одат во оваа насока.
Ние, се разбира, немаме намера да противречиме на стручните мислења, само што, сепак, ќе си дозволиме малку да ја продлабочиме темата, затоа што и најочигледните одговори некогаш не мора да бидат точни или барем не целосно точни. Авторот на овие редови е склон да тврди дека ако наведениот процент на анкетата на „Новости“ е точен или приближно точен, тогаш во Македонија, на култура се троши повеќе од очекуваното и дека културните производи се всушност исплатлива стопанска гранка.
Ваквиот заклучок го носиме од неколку причини: прво (1), македонскиот граѓанин троши значително повеќе на културните производи отколку што во нив вложува државата. Според податоците што ги изнесе министерката за култура, Ирена Стефковска, претставувајќи го предлог-буџетот на Министерството за култура за 2021 година, државата од својата каса ќе издвои 1,2 проценти за потребите на ова Министерство, односно за културата.
На оваа прес-конференција, министерката Стефковска искажа едно симптоматично тврдење (цитирам): „Грижата за секој буџетски денар е иста како и грижата за секој денар во семејната каса.“ Според тоа, произлегува дека државата повеќе се грижи за државниот буџет од граѓаните што го полнат тој буџет. Како поинаку да се објасни фактот дека, според овие статистики, македонското семејство троши дури 50 отсто повеќе за култура од државата.
Но, ако сакаме да бидеме реални, тој процент е многу поголем од наведените 50 отсто. Имено, од севкупниот годишен буџет на Министерството за култура, кој изнесува нешто помалку од 53 милиони евра, делот наменет за финансирање проекти (читај: културни производи) е помал од една третина и изнесува околу 15 и пол милиони евра (во официјалната презентација на предлог-буџетот, оваа ставка е наведена како „разни трансфери“, ма што и да значи тоа).
И овие пари што ги дава државата за културниот производ се – премногу! Имено, зошто воопшто некој би „фрлал“ пари, ако притоа не му е грижа за пласманот на неговиот производ. Или, ако сакате поинаку, како ќе го процените производот, ако тој нема пристап до потрошувачот?
Останатите пари одат за нивелирање на платите на вработените во културниот сектор (според Колективниот договор), на директорите на културните институции, на донации за исти цели на локалната самоуправа, за исплаќање пренесени трошоци, за заштита на културното наследство, за санација на објекти и други проекти од градежната оператива, за компјутеризација на Министерството, за прилагодување кон европските програми, за сервисирање на Министерството, за стоки и услуги итн.
За жал, немаме спроведено попис, па не можеме да кажеме колку пари по жител се вложува во таканаречениот културен производ. Ако ги земеме како референца резултатите од последниот попис, оној од 2002 година (попишани се 2.022.547 жители), тогаш државата на годишно ниво одвојува нешто над седум и пол евра по жител. Па, дури и ако Македонија, како што некои претпоставуваат, има околу еден и пол милион жители, повторно вложувањето во културниот производ е помало од едно евро месечно по жител. Од друга страна, според Сојузот на синдикатите на Македонија, од минималната месечна потрошувачка кошничка, пресметана на 33.742 денари, 3,2 проценти (би требало) да одат на задоволување на културните потреби.
Ова нè носи до втората теза (2) за проблематизирањето на стандардот како главна причина за малата потрошувачка на македонскиот граѓанин во културните добра. Имено, секоја потрошувачка е врзана со понудата (квалитетот, квантитетот и достапноста). Во овој случај нема да зборуваме за квалитетот и квантитетот (иако и тука има многу да се зборува), туку за достапноста и стратегиската грижа на државата, културните вредности да стасаат до потрошувачот.
Имено, државата може годинава, на пример, да помогне снимање на десет играни филмови. И сите да бидат со врвен квалитет. Што со тоа, кога во цела држава нема десет киносали каде што тие филмови можат да се прикажат. Или државата може да поддржи илјада книжевни наслови, а во Македонија нема десет градови што имаат книжарници. Каде потрошувачот да ги потроши парите на сопствените културни потреби?
Со други зборови, и овие пари што ги дава државата за културниот производ се – премногу! Имено, зошто воопшто некој би „фрлал“ пари, ако притоа не му е грижа за пласманот на неговиот производ. Или, ако сакате поинаку, како ќе го процените производот, ако тој нема пристап до потрошувачот?
Да не зборуваме дека културниот простор е дефинитивно стеснет, не само како продажна квадратура, туку и во онаа духовна и физичка смисла. Ако од државниот буџет се одвојуваат 1,2 проценти за културата, во медиумите, просечно земено, тој процент е драстично намален, па така, не само што отсуствува релевантна критичка содржина што ќе го насочи просечниот консумент кон одреден културен производ, туку најчесто отсуствува и основната информација за него. Како тогаш човек да знае што најмногу одговара за неговите потреби?
Своевремено, по домовите на културата низ Републикава вежбаа десетици и десетици музички бендови и аматерски театарски групи. Денес, дури и да се случи некој ваков „културен бум“, не постојат никакви шанси да се „освои“ просторот, без притоа да не се поминат илјадници, главно непробојни, административни пречки.
И кога сме веќе кај понудата, нужно е да адресираме уште една забелешка до Министерството за култура, односно до нивните дестимулирачки критериуми на конкурсите за годишни проекти. Во издавачката дејност, на пример, Министерството не финансира реизданија на веќе објавени книги, без оглед дали тиражите се исцрпени или не. На тој начин, новите генерации не можат во своите библиотеки да ги имаат книгите на доајените на македонската литература, на Ацо Шопов, на Владо Малески, на Димитар Солев, на Слободан Мицковиќ, на Мето Јовановски, на Ката Мисиркова-Руменова итн. Еве, годинава се одбележуваат сто години од раѓањето на Блаже Конески, а ниту една негова книга не може повеќе да се најде по скопските книжарници.
Натаму, ако учествувате на тој конкурс за објавување книга, тогаш треба да ви биде веќе напишана. Секаде во регионот каде што државата ги помага културните проекти, писателите практично добиваат стипендија за да ја напишат книгата, односно средствата ги добиваат однапред. Кај нас, што би се рекло, ако ги добијат, ги добиваат одназад и за труд од некој шест месеци, стипендијата е едномесечна.
Во таа смисла, ако проценката од анкетата на РИА „Новости“ е точна, тогаш можеме да заклучиме дека македонскиот граѓанин и премногу троши на културни добра. А нискиот стандард? Па, тој ќе биде таков, сè додека и ние вака се однесуваме.