Регион

Годишнина од неказнетите убиства на босанските Хрвати во Витез

Споменик на жртвите во селото Бухине Куќе. Фото: БИРН.

Во сабота, на 9 јануари, со миса на локалните гробишта и со положување на цвеќе, ќе биде  одбележана 27-годишнина од злосторството во селото Бухине Куќе, кога беа убиени 26 луѓе.

Љубица Гариќ, претседателка на Здружението на семејства на убиени и исчезнати хрватски бранители од Хрватскиот совет за одбрана (ХВО) од Среднобосанскиот кантон, вели дека меѓу жртвите имало осум деца и четири жени.

„Најмладата жртва беше Даниел Грбавац … тој немаше ниту две години. И неговата мајка загина“, вели Гариќ.

„Никој никогаш не е процесиран“, додава таа.

Звонимир Видовиќ од Канцеларијата за правна помош на бранителите при Главниот совет на Хрватското народно собрание на Босна и Херцеговина, има сознанија дека до Военото обвинителство во Витез, на 10 ноември 1994 година, била поднесена кривична пријава против припадници на Армијата на Босна и Херцеговина (АБиХ), односно против припадници на т.н. „Герилска единица“.

Од Обвинителството на БиХ, за БИРН изјавија дека имаат формирано предмет за овој случај, кој го води посебното одделение за воени злосторства.

„Предметот е во тек, активно се работи на случајот и се преземаат активности“, ни изјави портпаролот на Обвинителството на БиХ, Борис Грубешиќ.