Македонијо, колку ти чини марихуаната

Имам една лична, ама битна причина зошто ја поддржувам иницијативата на премиерот Зоран Заев и неговата влада за либерализација на употребата на канабисот за рекреативни цели (ма што и да значи тоа), иако се разбира ваквата контроверзна иницијатива отвора низа прашања со засега нејасни одговори.

Значи, се надевам дека во кафе-шоповите, кафулињата и угостителските објекти каде што ќе биде дозволено консумирање марихуана, ќе можам полесно да ги „прошверцувам“ моите цигари и да уживам во пушењето „нормален“ тутун. Белки нема да стават некакви детектори што ќе го разликуваат чадот од марихуаната од оној од тутунот. И белки нема и сега да се појават разно-разни „експерти“ што ќе докажуваат дека чадот од тутунот е штетен, за разлика од оној од марихуаната, чие вдишување е, нели, како да дишете воздух на Алпите.

Премиерот Заев, со својата најава за слободна употреба на канабисот во некои кафулиња и угостителски објекти во Македонија, ниту ја легализираше, ниту ја декриминализираше марихуаната, туку ја комерцијализираше.

За разлика од марихуаната, цигарите не се криминализирани. Тие можат да се купат на секоj чекор и нив смеат да ги купуваат дури и малолетници. За разлика од марихуаната, можете да поседувате цигари во релативно големи количества (кај мене дома секогаш има два бокса „во резерва) и да не стравувате од рации, претреси и слични непријатности што им се случуваат на уживателите на канабис. Цигарите дури можете по своја волја да ги делите на оние што во тој момент немаат или на „професионалните гребатори“, а притоа да не бидете обвинети за дилање.

Сето тоа смеете да го правите, само, ете, за разлика од марихуаната, не смеете да ги – пушите. Пушењето цигари е забрането во сите затворени простории, а како што стојат работите со актуелната пандемија и задолжителното носење маски на отворено, излегува дека е забрането и на отворен простор. Ќе признаете, не е баш упатно да се пуши со маска преку носот и устата.

Има низа истражувања за лековитите својства на марихуаната, како и низа истражувања за штетноста на никотинот. И, се разбира, станува збор за манипулација. Имено, кој вели дека и никотинот, па и опиумот, не се употребуваат во фармацевтската индустрија, односно дека и тие немаат некакви лековити својства, а сепак се штетни. Конечно, некои статистики укажуваат дека честата употреба на марихуаната може да доведе до панични напади, параноја, дереализација, деперсонализација, агорафобија, па дури и до трајна психоза.

Дури и тезата за раст на туризмот со либерализација на марихуаната може да се проблематизира. Врз која емпирија се влече ваков заклучок? Ете, на пример, некој може да тврди дека либерализацијата на пушењето цигари може да го зголеми туризмот, исто така. Во секој случај, ќе го зголеми прометот по угостителските објекти, што не е малку во ова кризно време.

Ете, да ја направиме и таа компарација со Холандија, односно со Амстердам, каде што во специјализираните кофи-шопови беше дозволено да се консумира канабис до пет грама. И покрај наведуваните ефекти за туризмот, Холандија, сепак, пред извесно време практично го забрани легалното консумирање марихуана, наложувајќи кофи-шоповите да се дислоцираат од близината на училишта, верски објекти, болници итн., па така се проценува дека сега се затворени над 80 проценти од некогашниот број на овие „оази за марихуана“.

Марихуаната, иако халуциноген, не предизвикува зависност, што значи дека нејзините консументи немаат апстиненцијални кризи. Од друга страна, тутунот влегува во категоријата на најсериозните зависности. Пушачите во таа смисла се зависници и, на некој начин, со сопствена психо-патологија. Секој страстeн пушач го знае она чувство на анксиозност кога ќе му биде забрането да ја апсорбира својата редовна никотинска доза. Со други зборови, неколку цигари во одредени моменти за овие паталци навистина деjствуваат лековито.

Ако сакате, и овдешната традиција на самотруењето е на страна на тутунот. Иако и традицијата со конопјето не е за потценување. Конопјето (во кое, првенствено спаѓа канабисот) пред неговата практична забрана во 1961 година бил еден од најголемите извозни продукти во тогашна Југославија. Југославија била трет извозник во светот на конопје и производи од него, а во Европа држела нешто повеќе од четвртина на пазарот.

Пазарот ќе биде монополизиран од оние што добиле лиценци за производство на канабис и од побогатите кафеани што можат да си платат лиценца и да ги обезбедат условите за консумирање марихуана

Погодувате, најголемиот дел од југословенското конопје (над 70 проценти) растело и се одгледувало во Македонија. Секако, не станува тука збор за марихуана, иако и таа, сакале-нејќеле, се појавува како нус-продукт. Библијата на Гутенберг е отпечатена на хартија направена од коноп. Едрата на бродовите на Колумбо се направени од коноп. Платната на кои сликале Рембрант и Ван Гог се од коноп. Бензинот што го користел фордовиот Модел Т е добиен од коноп…

Сепак, Гане Тодоровски во својата песна „Фуснота со повод“ има еден стих, кој отприлика гласи „Македонијо, колку ти чини тутунот“, и навистина тешко би можело да се замисли поетот да напишел „Македонијо, колку ти чини конопјето“. Или да кажеме Рацин вака да ја опеал Ленка: „Не беше Ленка родена за тие листови канабис сатива…“.

Но, да се вратиме ние на „нашата“ марихуана. Интересно е што сите медиуми, вклучувајќи ги и тие од регионот, ја пренесоа изјавата на премиерот Заев, дадена за Дојче веле на македонски јазик, во смисла дека Македонија се подготвува да го легализира канабисот, што, барем онака како што јас разбрав, едноставно – не е точно.

Премиерот никаде не спомна ниту декриминализација, а уште помалку легализација. Тој рече дека на одреден број угостителски објекти, главно во Скопје и во туристичките центри, ќе им биде дозволено да продаваат марихуана за рекреативна употреба. Со други зборови, тоа не е ни легализација, ни декриминализација, туку комерцијализација на марихуаната.

Со други зборови, пазарот ќе биде монополизиран од оние што добиле лиценци за производство на канабис и од побогатите кафеани што можат да си платат лиценца и да ги обезбедат условите за консумирање марихуана. А таа политика на форсирање на тие што имаат, да имаат уште повеќе предизвикува отпор дури и кај огнените приврзаници на слободната употреба на марихуаната.

Да, велам, ја поддржувам оваа иницијатива, а реков и зошто. Сепак, мислам дека многу поголем, и политички и економски, чекор би бил владата на Заев да се охрабри и навистина да ја декриминализира и легализира марихуаната.