Мал Шенген или големо мачкање очи

Со цел ризик на капитална грешка, предизвикана од моите непознавања и од мојата неинформираност, мене овој „мал Шенген“ ми наликува на големо „замачкување очи“. Всушност, не разбирам што воопшто се добива со „малиот Шенген“, а досега сме го немале: царинска унија, слободен проток на луѓе, информации, капитал, стока…?

И зошто тројцата лидери на „малиот Шенген“ бегаат како ѓавол од крст, кога ќе им се споменат асоцијации на Југославија? Демек: „Ова не е никаква Југославија, ова е за доброто на сите жители од регионот“! Што? Во Југославија немаше слободен проток на луѓе и капитал? Или можеби имаше царини меѓу републиките? Но, ајде да не споменуваме вакви политички конотации, затоа што тоа далеку ќе нѐ однесе, а нема никаде да нѐ донесе.

Она што го знам е дека, и по распадот на бившата држава, на овие простори постоеше еден ваков „мал Шенген“, додуша малку поголем. А се чини дека сѐ уште постои, само што никој не го споменува. Името му е ЦЕФТА. ЦЕФТА (Central European Free Trade Agreement) е токму тоа: договор за слободна трговија, односно царинска унија. Само што никогаш не заживеа. Или барем не онака како што очекуваа жителите од овој регион.

За разлика од „малиот Шенген“, ЦЕФТА ја потпиша и Косово (во таа 2006 година, кога е основана ЦЕФТА, овој договор го потпишува УНМИК во името на Косово), па тоа не ги спречи стопроцентно да ги зголемат таксите на увозот на стока од Србија. Конечно, ниту еден трговски спор (а и Македонија ги имаше неколку) не беше решен на ниво на ЦЕФТА, односно мултилатерално, туку сите спорови беа решавани билатерално.

На овие простори постоеше еден ваков „мал Шенген“, додуша малку поголем. А се чини дека сѐ уште постои, само што никој не го споменува. Името му е ЦЕФТА. ЦЕФТА (Central European Free Trade Agreement) е токму тоа: договор за слободна трговија, односно царинска унија. Само што никогаш не заживеа

Колку што успеав да разберам, една од главните придобивки на планот од Охрид би требало да биде можноста границите меѓу овие три земји да можат да се поминуваат само со лична карта, а не со пасош. Колку што мене ми е познато, јас и сега ги поминувам границите со Србија и со Албанија со лична карта. А, богами и со Црна Гора. Ако не се лажам, ваква можност постои и со Босна и Херцеговина.

Но, еве, да земеме дека ова е некаков гест на добра волја за регионална соработка. Сепак, тоа не е Шенген. Шенген, имено, значи да тргнете некаде од Словенија и да стасате, на пример, до Данска, а притоа никој да не ви побара ниту лична карта, а камоли пасош. Натаму, камионите ќе биле ставени на брза лента, односно ќе се избегнеле оние илјадници часови чекање на границите, кои буквално чинат милијарди долари годишно.

А зошто веќе не се избегнати? Дали овој трилатерален договор ќе овозможи поефикасна бирократија? Или можеби ќе суспендира дел од државните прописи и процедури? Или можеби ќе биде уште едно ЦЕФТА-искуство?

Што се однесува до царините, капиталот и услугите, тие воопшто не спаѓаат во Шенген. Шенген се однесува единствено на слободното движење на луѓето. Шенгенската спогодба во Европската Унија стапи во сила 1995 година. Слободата на движење на услугите е воспоставена 2006 година, слободата на движење на капитал е овозможена нешто подоцна, а царинската унија е направена уште во 1968 година.

Се споменува, иако не толку отворено, дека ваквиот „мал Шенген“ би имал додатни бенефити од ЕУ, односно дека земјите што ќе влезат во него ќе имаат специјален или привилегиран статус во односите со Европската Унија. Останува да се види каков е тој привилегиран статус? Во овој момент, помошта што од ЕУ ја добива Србија, на пример, е еден спрема шест во однос на она што го добива Бугарија. Во просек Бугарија добива за околу милијарда долари неповратна помош повеќе од Србија.

Некои, дури и од европските фактори, го споменуваат норвешкиот модел како можно решение за земјите од Западен Балкан. Но, и тој муабет во нашиот случај не може да се оквалификува никако поинаку, освен како „мачкање очи“.

Норвешка има нафта и гас. Ние немаме. Норвешка е значајно побогата од европскиот просек, за разлика од нас, кои сме значително посиромашни. Поточно, ако сега Норвешка би била членка на ЕУ, таа би била најбогатата земја на Унијата. Норвешка учествува во единствениот пазар на Европската Унија, што значи дека уплаќа средства во буџетот на ЕУ, а притоа нема пристап до европските фондови.

Норвешка е во Шенген, но не е во еврозоната, односно има своја валута. Норвешка ги усогласува своите прописи со оние на ЕУ (се разбира, во областите што ги прифатила) токму како да е регуларна членка на Унијата, а притоа нема право на одлучување во тие процеси. Норвешка тоа може да си го дозволи. Западен Балкан тоа не може да си го дозволи.

На пример, Норвешка ги прифаќа нормативите на ЕУ за заштита на животната средина, затоа што таа може да ги финансира тие нормативи. Според некои проценки, Македонија треба до 2030 година да инвестира над десет милијарди долари во зачувување на животната средина за да го достигне европскиот стандард од 2010 година. Значи, ние тоа не можеме да го направиме без Европската Унија. И тоа како рамноправни членки. Далеку е Норвешка, што би се рекло. Заедно сосе норвешкиот модел.

Дури не е најјасно кои бенефити ќе се добијат со заедничкиот пазар на сите земји од Западен Балкан. Да, со избегнувањето на царините ќе се добијат поевтини производи од земјите од регионот, но тоа значи дека тие ќе бидат и поконкурентни во однос на домашното производство.

Европската Унија е изградена на меѓусебна доверба. Западниот Балкан живее во меѓусебна недоверба. Тука споменувањето на Косово или Република Српска е веќе непотребно

За волја на вистината, многу тешко воопшто можеме да говориме за пазар во овие земји. Во најдобар случај, станува збор за пазар од околу 20 милиони слабо ликвидни консументи, наспроти европскиот пазар, кој брои многу поликвиден купувачки потенцијал меѓу 400 и 500 милиони луѓе.

Ако навистина Европската Унија нема алтернатива, односно дека „малиот Шенген“ не е алтернатива на ЕУ, тогаш како воопшто мислиме да влегуваме во каква било царинска унија, а притоа да инсистираме на пристапни преговори со ЕУ.

Поглавјето 29 од преговорите се однесува токму на можностите како царинската служба на земјата што преговара ќе влезе во системот на европската царинска служба, односно во случај на отворање датум за преговори, како Царината на Република Северна Македонија ќе стане дел од европскиот царински систем. Не е јасно на кој начин ќе се преговара, кога државата веќе препуштила дел од своите прерогативи на некоја друга заедница. Зошто тогаш, на пример, со Евроазиската економска унија? И пак да преговараме со ЕУ!

И на крајот, ама никако најмалку важно, е политичкиот фактор. Европската Унија е изградена на меѓусебна доверба. Западниот Балкан живее во меѓусебна недоверба. Тука споменувањето на Косово или Република Српска е веќе непотребно.

Малиот Шенген ги има сите изгледи да стане голем проблем. Или да се заборави. Слично на ЦЕФТА.