Машка вода

Македонските спортисти на Олимпијадата ги исполнија сите мои очекувања. Имено, не очекував ништо од нив и тоа и се оствари. Зошто тогаш да не бидам задоволен?

Малку делува патетичен, па и трогателен, тажен, дури и јаден отпорот што го пружаат храбрите граѓани на Карпош во одбрана на паркчето во Тавталиџе. Убаво рече градоначалникот Стевчо Јакимовски дека само Господ Бог може да го промени ДУП-от. Со оглед на фактот дека не постојат сериозни сознанија дека граѓаните што се борат за зачувавње на паркот имаат некаква конекција со господинот Бог, тогаш навистина е залудна нивната борба.

Не знам, можеби треба да пробаат со некој медиум, некаква гатачка или слично? Или со владиците од МПЦ? Или, можеби најдобро, со самиот градоначалник, кој секако има директна комуникација со Бог („Јачи смо од судбинееее…“). На крајот на краиштата, божја работа беа и полавите.

Знаат и гатачките, и владиците, а богами знае и Стевчо Јакимовски  кој е надлежниот бог за ДУП-овите, а и за гумените чизми, за оброците на поплавените, за сѐ и сешто, а особено за парковите (во ДУП-овите). Оној кому му се обраќаат со „Претседателе“, оној што отвора од шишиња пиво до фабрики во индустриски зони, оној во кого се колнат и кого го колнат, оној од кого зависат нашите судбини. Па, по ѓаволите, не сме сите Стевчо Јакимовски, па, со божја помош, да бидеме појаки од судбината. Значи, пријатели од Карпош, со Господ напред и сѐ ќе се реши. Онака како што Господ сака.

Знаат и гатачките, и владиците, а богами знае и Стевчо Јакимовски  кој е надлежниот бог за ДУП-овите, а и за гумените чизми, за оброците на поплавените, за сѐ и сешто, а особено за парковите (во ДУП-овите).

За волја на вистината, и парковите се преценети или, барем, редефинирани во нашите поимања на светот. Неодамна поминав крај Паркот на толеранцијата. Помните, тоа е оној парк, крај некогашната Воена болница, а сега Градска болница „8 септември“, оној каде што во име на коегзистенцијата на цивилизациите дипломатите и високите гости требаа да садат дрвца (а некои и садеа)… Убаво, на плоча, си стои името на паркот. А и паркот е тука, само што нема ниту едно дрво. Потоа отворија некаков парк во Аеродром. Со канделабри, клупи и – без ниту едно дрвце. Претпоставувам дека и на жителите на Тавталиџе ќе им се направат куп паркови. На толеранцијата. Само што тие нема да го знаат тоа.

Не сум од оние што се „палат“ (се радуваат или пцујат) на успесите и неуспесите на спортистите од земјите од регионот (да не кажам од бившата ни држава) на Олимписките игри во Бразил, без оглед какви биле тие. Впрочем, колку медали освоија тие: девет, седум, пет…? Знам дека и Косово зеде еден златен медал. Ама, погледајте ја листата на земји што освоиле олимписки одличја. Едвај ќе го најдете Косово, а богами ќе ви треба упорност да ги најдете и другите држави во регионот. А потоа погледајте ја листата на земји што не освоиле ниту еден медал. И Македонија веднаш ќе ви падне во очи. Тоа е таа спортска тактика, вистински пи-ар. Конечно, македонските спортисти ги исполнија сите мои очекувања. Имено, не очекував ништо од нив и тоа и се оствари. Зошто тогаш да не бидам задоволен?

Во меѓувреме привршуваат барокизацијата и споминицизацијата на центарот на Скопје. Појавата на вода во Археолошкиот музеј најдобро го покажува тоа. Не е тоа било каква вода. Тоа е машка вода. Онаа што досега бесполезно (речиси без програма) се испушташе во Вардар. Не е далеку денот кога целиот центар на метрополата ќе стане една огромна фонтана. Со барокна машка вода.

Не е далеку денот кога целиот центар на метрополата ќе стане една огромна фонтана. Со барокна машка вода

Но, има тука уште работа. И гулабите што го испуштаат изметот на главата на споменикот на воинот на коњ знаат дека барокот е коренот на македонската и светската цивилизација, па ќе мора навистина уште многу да се работи на ова поле. Еве, литературата, на пример. Зошто и нејзе да не ѝ се удри една барокна фасада.

Замислете колку убаво би изгледал еден „Крпен живот“ на Стале Попов во барокно руво. Или една барокна преработка на „Бегалка“ на Васил Иљовски. За „Парите се отепувачка“ или „Пиреј“ ич муабет да не правиме.

Хероите на романите и драмите ќе бидат соодветно облечени, во традиционално македонско руво, кринолини, светкави костуми, бели перики на главите, напудрени по лицата, ладала…, како што одговара на амбиентот на овие дела и воопшто на македонскиот амбиент, чии, нели, типични примери се токму барокното Мариово и барокното Куманово. Можете ли да замислите колкав квалитет ќе добие Итар Пејо, ако само малку се преуреди во барокен јунак?

Има, има работа… Сликарството просто плаче за едно барокно премачкување. „Циганките“ или „Свадбите“ на Никола Мартиноски, на пример, или муралите на Борко Лазевски. Па делата на Мазев, Кондовски, Чемерски… Иконите, фреските… Потоа може да се помине на филмот. „Мис Стон“ во барок, „Фросина“, „Мирно лето“… „Викенд на мртовци“ и онака потсеќа на барок. И така натаму. Сѐ по ред. Ма, има цела уметност, цела историја, цела иднина да ни биде една огромна барокна фонтана со машка вода.

metro12

Ми кажуваат дека лондонски „Метро“ (оној градски весник што се дели бесплатно) објавил информација дека охриѓани ги дискриминирале британските и германските туристи во поглед на користењето лежалки на плажа. Демек, лежалките биле резервирани исклучиво за гости од Холандија и Белгија.

Кој лаицизам! Прво, охриѓани (не само во поглед на лежалките) најмногу ги дискриминираат македонските туристи. Второ, охриѓани ги дискриминираат сите гости кои не се субвенционирани од Владата на Република Македонија. Трето и најважно, при толкав прилив на туристи и толку успеси во туризмот, зарем Британците и Германците очекуваат дека ќе имаат некакви привилегии? Да не бараат и парапетче околу Езерото?