Папата Франциск, надвор од официјалните теми за разговор, споделил три нешта со бугарскиот претседател Румен Радев. Првата е дека првпат го слушнал зборот „бугарско“ кога баба му му дала бугарско кисело млеко.
Ова и не е ново сознание, бидејќи папата истово во друга пригода му го раскажал и на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, па затоа тој во 2019 година го дочека папата во Софија со еден од вкусовите на детството: грне со бугарско кисело млеко.
Lactobacillus bulgaricus е името на една од бактериите што се користат во производството на тоа кисело млеко, а кое од поодамна си има обезбедено пласман на повеќе странски пазари, со наратив за здрав производ што гарантира долговечност.
Бидејќи ние многупати се изгоревме од млекото, сега сме во ситуација постојано да дуваме дури и на матеницата. А најмалку што сакаме е да нѐ третираат или да нѐ гледаат како „муви во маќеница“, што би рекол драгиот Горан Стефановски во „Диво месо“
Не знаеме што неофицијално споделил папата со македонскиот претседател, но ако е нешто утешно во оваа епизода, е тоа дека барем името Македонија (во најширока смисла) сигурно побргу го сретнал во Светото писмо, отколку што имал шанса канче македонско млеко да се најде како оброк на неговата маса во родната Аргентина.
Како и да е, симболиката со киселото млеко не ми изгледа како најсоодветна асоцијација во актуелниов период, не само поради тоа што лесно може да стане дел од расправата со чиј ферментиран производ се хранеле илинденците, туку што и претстојната ферментација во односите меѓу двете земји може да заврши како матеница (маќеница, маштеница).
Бидејќи ние многупати се изгоревме од млекото, сега сме во ситуација постојано да дуваме дури и на матеницата. А најмалку што сакаме е да нѐ третираат или да нѐ гледаат како „муви во маќеница“, што би рекол драгиот Горан Стефановски во „Диво месо“: „Поминуваат покрај нас зад заматени прозорци и нè гледаат како да сме муви во маќеница. Некаде брзаат. По појадок, одат на ручек. И поминуваат. Поминуваат со векови. Нè држат уплашени со фрази, со мистерии, со догми. Нè држат уплашени дека ќе ни го земат лебот, ќе ни го срушат домот, ќе ни ја скршат вилицата. И ние уплашено им правиме пат и ги поздравуваме. И сè додека се плашиме, тие ќе газат преку нас. Слободата ќе дојде кога ќе го надминеме стравот. Слобода е кога на улиците ќе се исфрлат и истресат сите сандаци од мемливите тавани, сите постели со влажен памук, кога ќе се истребат сите лебарки, подрумски стаорци и маларични комарци, кога сите куќи ќе се бојадисаат во бело, сите прозорци ќе се отворат, сите алишта ќе се извријат и исперат во изворска вода и ќе се остават на пролетно сонце да се исушат“.
Тоа треба да го направиме. Сами. Не само заради тресење на историските сандаци од таваните, не само заради обврските на Комисијата за историски прашања, не само заради добрососедските односи и не само заради ЕУ. Заради вистината и самите нас.
Да не дозволиме да бидеме искористувани во туѓи матеници. Едната од нив се обиде да ја замати хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, злоупотребувајќи изјава на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, пред сѐ, поради внатрешно-политички пресметки. Во прашање се интереси, власт и сѐ што оди рака под рака со нив.
Во таа сфера е второто нешто што папата го споделил со Радев: дека неговата баба му кажала оти „ѓаволот влегува во човекот преку џебот“. Не е јасно во кој контекст папата му го кажал тоа. Но, дури и да било кажано само како спомен од детството (во пакет со киселото млеко), бабината дефиниција е апсолутно точна.
Денес многу вредности (вклучително и европските) честопати се супституирани со позиции на моќ, интереси, политики „на ти го – дај ми го“, со повеќе слух и разбирање за аргументите на поголемиот, побогатиот и мижење пред начинот на кој среброљубието железни врати отвора. Со мижење пред такви политики се охрабрува создавањето лидери на кои преку џебот им влегува и ѓаволот и „патриотизмот“, преку кои можат да одржуваат во кондиција замрзнати конфликти што им гарантира долгорочна власт, моќ и уште потежок џеб.
Да не дозволиме да бидеме искористувани во туѓи матеници. Едната од нив се обиде да ја замати хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, злоупотребувајќи изјава на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, пред сѐ, поради внатрешно-политички пресметки
Третото нешто што папата го споделил со Радев бил ракопис во кој се спомнува историјата на Петар Богдан.
„Ова е настан од огромно значење за Бугарија – за нејзината историја. Една исклучително силна порака за слобода, за чест, за осознавањето на еден народ“, изјавил Радев.
Историјата напишана на латински јазик од Петар Богдан се смета дека е создадена околу 1667-1668 година (еден век пред „Историjа словенобугарска“ на Паисиј Хилендарски), a како што објавија бугарските медиуми, Радев изјавил дека папата ветил поддршка тој труд да се врати во Бугарија.
Мислам дека зборуваме за истиот Петар Богдан (Пјетер Богдани), чиј споменик стои во центарот на Скопје, кој нашите сограѓани го слават како основоположник на албанската книжевност. Во Албанија, неговиот лик го има на книжна банкнота и на поштенски марки. Што би било следно? Метална плочка со „поточно“ објаснување на чија историја ѝ припаѓа?