Регион

Караџиќ префрлен во затвор во Велика Британија

Поранешниот политички водач на босанските Срби, Радован Караџиќ, кој беше осуден на казна доживотен затвор за геноцид и други воени злосторства, е префрлен во Велика Британија на издржување на казната, потврди неговиот адвокат, Горан Петронијевиќ.

Тој додаде дека во средата кратко разговарал со Караџиќ, по неговото слетувањето во Лондон, но дека нема дополнителни информации за тоа каде точно тој се наоѓа.
Во март 2019 година, Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ), го осуди Караџиќ на доживотен затвор, за геноцид врз Бошњаците од Сребреница, за прогон на Бошњаците и на Хрватите ширум Босна и Херцеговина, за тероризирање на населението во Сараево за време на опсадата на градот и за држење на мировници на ООН, како заложници.

Караџиќ претходно поднесе приговор на одлуката на ММКТ, казната затвор да ја издржува во Велика Британија, образложувајќи дека може да биде цел на напад со смртoносен исход, од страна на другите затвореници.

Неговиот тим за одбрана истакна дека Караџиќ (75) „таму ќе биде загрозен од муслиманските екстремисти“.

За да се заштити од нападот, изјавија адвокатите, Караџиќ ќе мора да се чува во услови еднакви на самица.

Како причина за загриженоста тие го наведоа примерот со нападот на генералот на Војската на Република Српска, Радислав Крстиќ, кого тројца затвореници, муслимани, го исекоа по лицето и вратот, во 2010 година.

Крстиќ, кој, како и Караџиќ, е осуден за геноцид врз Бошњаците од Сребреница, по инцидентот беше префрлен назад во Холандија, а потоа во затвор во Полска.

Сепак, ММКТ го отфрли приговорот на Караџиќ.