Регион

Меморијален центар, за најтажниот ден во Тузла

Меморијалниот центар „Капија“ ја чува вистината за гранатирањето на Тузла, во мај 1995 година, во кое беше убиено 71 лице

Пред 26 години, граната истрелана од позициите на ВРС, падна на местото наречено Капија во Тузла, град во централна Босна и Херцеговина, при што загина 71 лице, а над 200 беа ранети.

Повеќето од жртвите на нападот извршен на 25 мај 1995 година, беа млади луѓе; најмладата жртва беше две и пол годишниот Сандро Калесиќ.

По нападот, некои босански Срби се обидоа нa јавноста да ѝ претстават лажни тврдења, според кои нивните сили не ја испукале гранатата, туку дека експлозијата била предизвикана од експлозив поставен од неименувани „терористи“, со цел да ги дискредитираат Србите.

Меморијалниот центар „Капија“, кој беше отворен пред една година, на 25-годишнината од нападот, го чува споменот на убиените и истовремено се спротивставува на ваквите лажни тврдења за нападот, вели Ирена Мујачиќ, мајката на Сандро Калесиќ.

„Овој меморијален центар е вечен сведок на сè што се случи на 25 мај 1995 година на Капија“, вели Мујачиќ за БИРН.

„На најдобар можен начин, сите заинтересирани, при посетата на ова место, можат да ја видат вистината за тоа што се случи на тој трагичен ден“, додава таа.

Таткото на Сандра, Дино Калесиќ, вели дека би сакал учениците од цела земја, да го посетат музејот и помладите генерации да дознаат за овој настан, за никогаш повеќе никому да не се случи такво нешто.

„Меморијалниот центар ‘Капија’, е одлична приказна, која го чува од заборав она што се случи во кобната ноќ на 25.05.1995 година во Тузла. Кога веќе самиот датум не влезе во учебниците, ова е фантастична можност новите генерации да се потсетат на злото што го направи ВРС“, нагласува Калесиќ за БИРН.

Осудениот генерал бега од правдата

Новак Ѓукиќ, генерал на ВРС, во судница. Фото: Суд на БиХ

Единствениот кој досега е осуден за злосторството во Тузла, е Новак Ѓукиќ, генерал на ВРС, кој, откако избега во Србија, се наоѓа на слобода.

Тој, пред Судот на БиХ, во 2014 година беше прогласен за виновен за давање наредба за гранатирање на Тузла и беше осуден на 25 години затвор, но набргу потоа беше ослободен од затвор, бидејќи Уставниот суд на БиХ ја поништи пресудата поради неправилна примена на законот.

Потоа, Судот на БиХ, го осуди на 20 години затвор, но неговиот бранител, неколку дена подоцна, го извести судот, дека осудениот заминал во Србија на лекување.

Во октомври 2014 година беше распишана потерница по Ѓукиќ, бидејќи тој не се појави на издржување на казната, по што од Србија беше побарано да го преземе извршувањето на пресудата.

Србија се согласи, но судските постапки оттогаш се во застој, поради здравствените проблеми на Ѓукиќ. Минатата година, во медицински извештај на српски лекари, беше нагласено дека поради психолошки проблеми, тој не ќе може да се појави пред судот во Белград најрано до септември 2021 година.

И неговите адвокати се обидоа да ја ‘истуркаат’ теоријата дека експлозијата била дело на непознати терористи, при што се повикаа на сопствена приватна реконструкција на инцидентот, извршена на полигон на Војската на Србија, иако невладината организација, Фонд за хуманитарно  право, го критикуваше ова како „непроверливо“.

Однесувањето на Србија во случајот Ѓукиќ наиде на критики кај Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) и неговиот главен обвинител, Серж Брамерц.

Во 2019 година, српското Министерство за одбрана, во Белград беше дури и домаќин на промоција на книга, во која се тврди дека силите на босанските Срби не се одговорни за масакрот на Тузланска капија. Автор на книгата, со наслов „Тузланска капија – режирана трагедија“, е Илија Бранковиќ, поранешен генерал на Југословенската народна армија, кој е вклучен во одбраната на Ѓукиќ.

Дино Калесиќ смета дека со одложување на извршувањето на казната на Ѓукиќ, Србија ги навредува жртвите и нивните семејства, и дека целата постапка е „фарса“.

„Тој е осуден за мене. Без разлика дали се 20 или 25 години, тоа е целосно ирелевантно. Грдо е сознанието дека тој не одлежа ниту еден ден за 71-то убиено дете“, вели Калесиќ.

„Вистината е позната, докажана е и би било добро тој да ја издржи заслужената казна. А тоа што тој побегна во Србија, нека им служи на чест на нашето обвинителство и на Судот на БиХ, како и на самата Србија, која на овој начин ги навредува сите жртви и нивните семејства“, додава тој.

„Да дојдат и да ја видат вистината“

Комеморација за жртвите на местото на нападот во Тузла, мај 2020 година. Фото: Меморијален центар „Капија“.

Ариф Ахметашевиќ, татко на убиената 20-годишна Едина, вели дека смета оти српските лекари никогаш нема да заклучат дека Ѓукиќ е способен да се појави на суд.

„Не верувам во почетокот на неговото судење“, вели тој.

Зборувајќи за Меморијалниот центар „Капија“, Ахметашевиќ забележува дека ова место е најдобриот доказ за тоа колку градот и неговите граѓани, го чуваат споменот на едно од најголемите злосторства во БиХ, извршени во изминатата војна.

„Сите оние кои се заинтересирани за вистината за 25 мај, сега можат да дојдат и да го видат документарниот филм, материјалите од судењето, предметите на убиените деца и сè што потсетува на најтажниот ден во историјата на Тузла“, вели Ахметашевиќ.

БИРН БиХ, на Меморијалниот центар „Капија“, му предаде документарен филм и архива на текстови за страдањата на цивилите, како и извештаи од судењето на Новак Ѓукиќ.

Сенад Беговиќ, автор на изложбата во Меморијалниот центар, информира дека повеќе материјали можат да се видат на веб-страницата на центарот.

„Таа содржи написи од весници кои пишуваа за 25 мај, од самиот масакр, па наваму. Постојат и оригинални судски документи од судењето на Ѓукиќ, како и извештаи на странски медиуми на англиски, германски и француски јазик“, објаснува Беговиќ.

Виртуелниот приказ на Меморијалниот центар и на местото на нападот, можете да ги видите тука.