Боже, колку вознемирени и навредени луѓе од неколкумина мажи во фустани на отворањето на Олимписките игри во Париз деновиве. Нивото на стрес и бес истурено по социјалните мрежи е толкаво, што човек ќе помисли дека оваа церемонија оштетила илјадници живи суштества. А, всушност, тоа и се случува.
И не само оваа година, туку речиси без исклучок на секое отворање на игрите. Единствено што оваа штета нема врска со навредените нежни души на самопрогласените чувари на „добриот вкус и морал“, туку со животот и телата на голем број мигранти, бездомници, флората и фауната од просторите во кои се одвиваат игрите и отворањето. Но, добро, овие тела и животи секако никогаш и не биле поважни од „чувствата на верните љубители на спектакли од домаќински тип“.
Критиките за неморалноста на церемонијата немаат никаква врска со изборот, видот и формата на перформансот. Тие, во својата суштина, се само видлива манифестација на широката општествена нелагодност кон родовите диверзитети и така треба да бидат третирани.
Еден од сегментите на церемонијалното отворање на Олимписките игри се однесуваше на славењето на различноста, како дел од животните искуства, не само на Французите, туку на целиот свет. Преку визуелна референца на сцена од Гозба, или во очите на навредените верници, референца на Последната вечера, светот имаше можност да види најразлични тела и идентитети, вклучувајќи лица со хендикеп, различни раси, мажи, жени, но и дрег-кралици, транс и небинарни луѓе. Па, каков грев! Замислете, Французите нѐ натераа да видиме дека постојат и различни луѓе. Тоа никогаш нема да им го простиме.
Погодени од оваа „очна мигрена“, пациентите почнаа расплакан отпор, повикувајќи на мобилизација против очигледноста. А очигледноста е токму таа, овие луѓе постојат паралелно со вас, само доволно добро сте го устроиле системот за да не можат да бидат видени на друго место, освен на екраните. Контроверзната сцена не е ништо друго, освен мала провокација на реалноста, која упорно одбивате да ја прифатите.
Критиките за неморалноста на церемонијата немаат никаква врска со изборот, видот и формата на перформансот. Тие, во својата суштина, се само видлива манифестација на широката општествена нелагодност кон родовите диверзитети и така треба да бидат третирани. Па, на таа линија имам една лоша вест за „погодените“, а тоа е дека нелагодноста од другиот и различниот е неминовно искуство на секој човек што живее во каква и да е заедница.
Припадниците на малцински групи рано ја запознаваат таа нелагодност и учат да се приспособат, односно да ја прифатат како неминовен дел од нивниот живот. Припадниците на мнозинските групи тоа го доживуваат ретко и го прифаќаат со хистерија и драма. Е па добредојдовте во нашиот клуб.
За да ја надминете оваа нелагодност, ќе мора искрено да позборуваме за неа. Па така, секогаш кога ќе изговорите дека вклучувањето на дрег-кралици во масовни јавни манифестации е „дегутантно, навредливо, грдо, без вкус и мера“, сетете се дека тоа е ваш крик за зачувување на културата на невидливост и маргинализација на овие луѓе што не се како вас. Кога ви пречи валоризацијата на овие идентитети, вие не се борите за „добриот вкус“, туку против симболичните обиди за промоција на чувство на припадност и прифаќање против легитимизирањето и хуманизирањето на овие луѓе што не се како вас.
Тоа е еден, можеби длабоко несвесен, страв од предизвикување на хегемонијата, преиспитување на доминантните норми, страв од новото и промените, кои би биле позитивни за маргинализираните групи, но и би ја намалиле вашата привилегија. Со други зборови, вашата критика не е уметничка критика, туку повик за бришење, чистење на јавниот простор од оние што ве вознемируваат само затоа што не се како вас.
Жени со деца, болни луѓе, исцрпени и сиромашни работници, напикани во полициски комбиња, однесени на за нив непознати терени, без храна и чиста вода. Зошто? За да не ја нарушат спектакуларноста на церемонијата, за да не го навредат и нашето око, за да не ја извалкаат сликата за Париз.
Па, заслужуваат ли тогаш критика Олимписките игри? Секако дека да. Критиката водена од добра намера, критиката чија цел е заштита на животите, правата, достоинството, слободата и добросостојбата на сите луѓе е обврска. Церемонијата на отворањето, но и самите Олимписки игри, како во минатото, така и годинава, носат со себе голем број штетни и проблематични иницијативи.
Овој спектакл за стотици мигранти, бездомни лица, сексуални работници и сиромашни луѓе, кои ги населуваат улиците на Париз и другите градови, значи присилно иселување, полициска бруталност, стрес, страв и губење пристап до основните ресурси за живот. Доволно беше да се изгледаат неколку интервјуа со овие луѓе за да го доживеете нивниот страв и болка.
Жени со деца, болни луѓе, исцрпени и сиромашни работници, напикани во полициски комбиња, однесени на за нив непознати терени, без храна и чиста вода. Зошто? За да не ја нарушат спектакуларноста на церемонијата, за да не го навредат и нашето око, за да не ја извалкаат сликата за Париз. Со други зборови, за да ги заштитат и нашите очи од реалноста, која е сѐ, освен спектакуларна.
Од тие причини, присуството на „мажи во фустани“ за мене не е воопшто револуционерно. Еден не толку мал дел од бездомниците на париските улици се токму транс луѓе што се избркани од своите домови поради тоа што се. Реалноста е тешка и мрачна, дотолку што, немајќи стомак да ја свариме, бараме да ја укинеме. Светот на илузии може да трае неколку часа, неколку, дена, неколку месеци, ама треба да се живее и потоа.