Мерси и довиждане

Џабе ја градиме железницата со Бугарија. Уште три пруги експресно да изградиме, секоја можност и пат за комуникација меѓу граѓаните на двете земји ќе биде затрупана и минирана од политички изјави. Тие се солна киселина за ткивото на поврзување и градење иднина и пријателство меѓу граѓаните од двете земји.

Една од нив е изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев, на која македонските власти, за жал, не ѝ обрнаа ама баш никакво внимание. „Некоректна“ е најблагиот збор. Таа е политички опасна, безобразна, дрска.

Имено, во контекст на неаргументираното барање Македонија „да запре со процесот на дебугаризација“, Радев посочи дека секоја европска земја поминала низ своја катарза, а тој процес бил особено болен во земјите од постсоветскиот простор во Централна и во Источна Европа.

„Бугарското општество сѐ уште ги лечи раните нанесени од тоталитарниот режим во кампањата за насилно менување на имињата на бугарските Турци. Затоа земјите што денес се кандидираат да бидат членки на европското семејство, не можат да го игнорираат овој процес на катарза. Нема како да го одмине и РСМ“, рече Радев.

Ако е нормално во Македонија да има Бугари, зошто во Бугарија не смее да има Македонци? Европските вредности и човековите права на кои се повикува Радев треба да важат подеднакво за сите

Македонија досега помина низ многу катарзи, но нема причина за нова, особено не по слободен избор и нарачка на Бугарија, и особено не во таков, несоодветен контекст. Македонија е мултиетничко општество, во кое секој има право и слобода да ја искаже својата етничка припадност. Не се вршела никаква асимилација, за сега да има потреба од поправање грешки.

Помладите генерации, кои не разбираат за што зборува Радев во случајот со „бугарската катарза“, треба да знаат дека во декември 1984 година, тогашниот бугарски режим почна насилна асимилација на турското малцинство по основа на припадност, религија, јазик, традиција и обичаи, со присилно бугаризирање на нивните имиња. Ако дотогаш си бил Ахмет, од тој момент си морал да бидеш Румен, на пример… Сето тоа според „логиката“ дека Турците во Бугарија биле, всушност, Бугари асимилирани во времето на владеењето на Османлиската империја.

Процесот на асимилација почна во Крџали, јужна Бугарија, област со најголем дел припадници на турското малцинство. На Турците им беа издадени нови документи, па дури и за нивните починати родители им беше забрането јавно да говорат на турски јазик, им беа укинати дотогаш постоечките малцински права, а истото продолжи и во други региони со турско, но и со ромско малцинство.

Протестите против ваквата бугарска политика завршуваа со апсење на голем број демонстранти Турци, Помаци, муслимани, со кои се полнеа ќелиите во казнениот логор во Белене. Но, акцијата за бугаризирање на Турците беше прогласена за целосно успешна. Во асимилаторска кампања, наречена „преродба/повторно раѓање“, сите турски имиња беа променети, а пред меѓународната јавност тоа беше претставено како желба и доброволна одлука на турското малцинство.

По серија протести на етничките Турци, кои сакаа да си ги вратат своите имиња, Бугарија на крајот од мај 1989 година ја отвори дотогаш затворената граница со Турција. Шефот на државата, Тодор Живков им понуди на сите што сакаат – да се иселат.

„Се соочуваме со масовен егзодус, кој секако е неопходен и поволен за нас (…) Доколку не постигнеме тие 200.000 до 300.000 луѓе да си заминат, за 15 години Бугарија нема да постои. Бугарија ќе биде втор Кипар“, сметал Живков, како што неодамна открија бугарските архиви.

ТВ-снимки од тој период и денес сведочат за долгите колони на границата кон Турција во летото 1989 година, кога секој заминувал со она што може да го понесе – во камион, автомобил, рачно влечена количка… Во периодот од 3 јуни до 21 август 1989 година, околу 312.000 Турци од Бугарија пребегале во Турција.

Живков барал да не биде попречувано, туку забрзано нивното заминување, тоа да се претстави како нешто „нормално“ и да не се користи зборот „депортација“, па бугарските власти го објаснувале масовниот егзодус како „екскурзија“ – привремена посета на роднините во Турција. Во Бугарија останале само тие што немале пасош, ниту пари да заминат и да почнат нов живот во Турција.

Македонија нема ваква срамна епизода во нејзината историја. Напротив, поради егзодуси на Македонците и обиди за нивна асимилација, други земји треба да го активираат своето чистилиште на гревовите.

Кога Радев зборува за лечењето на раните од тој период, треба да биде свесен дека изјавата ја дава во време кога има повеќе од десетици пресуди на Европскиот суд за човекови права изречени против Бугарија во корист на Македонците, а кои до денес не се спроведени.  

Тоа води кон прашањето: што е променето од времето кога Тодор Живков прогласил дека македонско малцинство не постои и не може да постои во Бугарија, и од времето кога целта била обединета и чиста бугарска нација, со еден јазик и култура?

Ако е нормално во Македонија да има Бугари, зошто во Бугарија не смее да има Македонци? Европските вредности и човековите права на кои се повикува Радев треба да важат подеднакво за сите. Тоа што земјава не е членка на ЕУ и што Бугарија ни се обраќа од европски „височини“, не ја менува сликата за нејзиното неевропејство по споменатите прашања.

Aко ЕУ не може да ѝ рече остро „не“ на Бугарија, подобро е нам да ни рече категорично „не“, наместо да нè алиментира со ветувања што постојано се менуваат

Оттука и задоцнетото каење на некои земји-членки што своевремено замижале пред неподготвеноста на Софија за прием во европското семејство. Македонија не треба да се кае што низ договор сакала да ги унапреди добрососедските односи со пријателскиот бугарски народ.

Но, ќе се кае ако не се спротивстави на отпосле додадени екстензии од непринципиелни рамковни политички позиции на Бугарија, низ кои еднострано се проверува реализацијата на тој договор, низ кој се очекува мирнодопско реализирање на историски неостварени цели на Бугарија, и низ кој се водат битки за нови позиции и подебели политички биографии.

Нека си ја водат таа битка, ама не преку грбот на македонската посебност, историја, јазик и достоинство. Ако Македонците треба да бидат новите бугаризирани „Турци“ на реинкарнираната или никогаш незгасната живковистичка политика, и ако ЕУ нема механизми да ги запре таквите процеси, нам интеграција по таква цена не ни треба. И ако ЕУ не може да ѝ рече остро „не“ на Бугарија, подобро е нам да ни рече категорично „не“, наместо да нè алиментира со ветувања што постојано се менуваат.

Еднаш интеграцијата зависи исклучиво од нашиот реформски успех, друг пат и од новата методологија, трет пат и од апсорпциската моќ на ЕУ, а во меѓувреме постојано ќе зависи од неисполнетиот сон за најромантичниот дел од бугарската историја. За таквата политика има само еден релевантен одговор: мерси и довиждане, до некое време кога ќе има поправедна и повеќе Европа, а не помалку Европа.