Вести

Условна и трошок од 50 евра за дивоградбата кај „Мавровка“

Инвеститорот што се закануваше со Стразбур ја признал вината

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Полното кафуле „Фонтана“, излепените oгласи „for rent“, зеленилото пред трговскиот центар „Мавровка“ и октомвриската раздвиженост полека го фрлаат во заборав фактот дека лани на ова место имало градежна механизација што урива дивоградба.

И не само тоа, туку и сеќавањето за јавната двомесечна потрага по анонимниот инвеститор, кого го открија медиумите, наместо институциите, кои беа заглавени во дописки.

Неполни 48 часа по формирањето на новата влада во септември 2020 година, градежната механизација се истовари пред „Мавровка“ со кордони полиција.

Со тоа заврши последната епизода од серијата „необјаснети настани“, кои почнаа со сечење дрво, па пожар на таа локација, среде пандемија, па сѐ до никнување бетонски објект практично преку ноќ.  

„Споменикот на правната држава“, како што иронично го нарекуваше твитер-заедницата, беше урнат, а градежниот шут неколку дена ја чуваше меморијата дека имало уривање.

Сега слободно во кафулето „Фонтана“ може да испиете кафе, точно таму каде што лани „играа“ дупчалките на „Македонија пат“.

Наместо правда во Стразбур, признание за вина

Признание на вина, условна казна, и судски паушал од 3.000 денари | Фoто: БИРН

Колку што беше силен одекот во јавноста дека спроти судската палата, во центарот на Скопје, „непознат“ инвеститор си ѕида објект и тоа трае со месеци, толку незабележано помина пресудата, која судски го запечати овој случај.

Една година по оваа епизода, излегува дека правдата е задоволена. Едно признание на вина, условна казна, и судски паушал од 3.000 денари. Накусо ова е среќниот крај на приказната за тоа бетонско здание пред трговскиот центар.

Ако лани во септември, Мевлудин Алити заедно со неговиот адвокат пред медиумите говореше дека правдата е на нивна страна и оти потрагата по неа ќе стигне до судот во Стразбур, приказната доби сосема поинаков тек, и тоа буквално во само едно судско рочиште.

Обвинетиот инвеститор, како што е наведено во правосилната пресуда објавена по барање на БИРН,  во јуни годинава признал дека е виновен.

Тоа значи дека за овој предмет не се изведувале докази, туку судот ја прифатил неговата вина и  со пресуда од четири и пол страници го осудил на условна казна затвор од две години, кои ќе бидат активни ако во следните пет не стори ново кривично дело.

Во диспозитивот се наведува оти Алити во јуни и во јули, без одобрение за градење, градел објект со површина од 330 квадратни метри.

Неговиот адвокат пред судот, меѓу другото, го бранел клиентот дека „градел на сопствени објекти“.

Алити, пак, рекол дека „се кае за ова што го направил, не бил свесен за последиците од неговото однесување, сметал дека со тоа што градел е само обнова на неговиот објект, сметал дека со тоа не врши кривично дело…“

Ветил дека во иднина нема да го повтори делото.

Судот, пак, сметал дека условната казна е доволна и оти со неа ќе се постигнат целите на казнувањето.

И обвинителството сито и квадратите на број

Ниту Алити ниту обвинителот се жалеле на пресудата | Фото: БИРН

За делото „бесправно градење“ во ставот 1, за кое беше обвинет Алити, во Кривичниот законик е предвидена затворска казна од три до осум години.

Но, во конкретниот случај, судот во пресудата утврдил дека може да му се ублажи казната, „ако се има предвид околноста дека обвинетиот претходно не е осудуван“.

Петнаесет дена по изрекувањето на пресудата, таа станала и правосилна. Алити не се жалел на висината на казната до скопска Апелација.

Очигледно од пресудата бил задоволен и скопскиот обвинител Даниел Коцев, кој, исто така, не се жалел.

Во овој случај не беа обвинети службени лица, па целосниот товар за кривично гонење падна врз Алити.

Државата, судејќи по пресудата, не може да му до одземе објектот, кој со пресудата де факто е дивоградба.

Иако Кривичниот законик пропишува дека кога ќе се констатира бесправно градење, изградените недвижности се одземаат, во овој случај не е така, бидејќи механизацијата го урна објектот пред случајот да добие судска завршница.