Пред некој ден, косовскиот премиер Албин Курти потврди дека Косово почнало да ги прима мигрантите од трети земји што ги депортираат од САД. Според договорот меѓу САД и Косово уште од јуни годинава, станува збор за транша од 50 мигранти што треба да бидат депортирани во Косово, иако според Курти засега се депортирани само еден или двајца мигранти.
Косово инаку се обврза од 2027 година да ѝ ги изнајми своите затворски капацитети на Данска на период од десет години. Според овој договор, предвидено е во косовските затвори да се депортираат 300 починители на кривични дела, главно од редовите на мигрантите во Данска. Според достапните податоци, за оваа услуга, Косово би требало да добие 210 милиони евра.
Она што е за нас интересно е изјавата на Курти дека Косово е отворено за разговори со Велика Британија околу изградба на бегалски, односно азилантски центри за потребите на Обединетото Кралство.
Албанија, иако формално ја одби Велика Британија за прием на нивните мигранти (шпекулациите велат дека некои преговори, сепак, се водат), веќе изгради два азилантски центри со капацитет од три илјади души за прием на мигрантите од Италија. Во план е изградба на уште два центри. Практично, станува збор за своевидна екстериторија со италијанска управа.
Постоечките центри, сепак, не проработеа, барем не во полн капацитет, поради правни пречки во италијанскиот правосуден систем, но правната битка на италијанската влада да го легализира и оствари овој договор тек е почната.
Европска солидарност
Миграциските политики, се разбира, не се само во фокусот на земјите-кандидатки за членство во Европската Унија. Напротив. Уште повеќе се во центарот на интересот на самата ЕУ. Некаде во ноември, ЕУ го донесе првиот Годишен циклус за управување со миграциите, како прв чекор во реализирањето на Пактот за миграции и азил, кој треба во целост да почне да се применува кон средината на следната година.
Иако е напишан во стилот „бирократи се обраќаат на бирократи“, сепак од него може да се разбере дека, освен усогласувањата на критериумите за прием на азиланти на целата територија на Европската Унија, солидарноста ќе биде основата за соработка на ова поле. Во таканаречениот Годишен солидарен пул (дел од Годишниот циклус) предвидено е следната година во земјите на ЕУ да влезат околу 21.000 мигранти.
Не, не е ова Европа на Гете, на Волтер, на Шилер, на Кундера… Ова е Европа на Орбан, на Фицо, на Ердоган…
Европската комисија ќе поднесе предлог за распределба на мигрантите по држави, и тоа според неколку критериуми: големината на земјата, висината на бруто домашниот производ, миграцискиот притисок и расположливите капацитети. Секоја земја има алтернатива да прими помал број мигранти или воопшто да не ги прими, но во тој случај ќе одвои финансиски придонес (зборот „казна“ стриктно се избегнува во документот) за земјите што ќе ги примат мигрантите. Засега оваа сума е определена на 20.000 евра по човек. Дури и финансиските средства можат да се заменат со опрема и персонал, но само ако за тоа постои вистинска потреба.
Овој пристап на Европската Унија кон мигрантските политики, без оглед колку се претставува како нов, не носи ништо што веќе не го знаевме во односот кон мигрантите. Тенденцијата е да се воспостави некаков ред и сите држави пропорционално да „страдаат“ од можните мигрантски кризи, односно товарот солидарно да се поднесе. Со други зборови, сосема се напушта оној принцип што Британците го нарекуваат „human centric approach“, односно човекот е истиснат од неговото средишно, централно место од државата и нејзината претпоставена функционалност.
Во случајов, оваа забелешка се однесува на мигрантските политики во кои мигрантите, без оглед на нивниот социјален и општествен статус, без оглед на нивното образование, па и без оглед на нивното потекло, се сведуваат на една подеднакво непожелна компактна група. Архетипски идентитетски непријател, некој што ги загрозува „европските вредности“, егзистенцијалниот опстанок, политичкиот ред и културниот шаблон.
Тоа, се разбира, не значи дека овој принцип нема натаму да се примени и на други групации луѓе. На некои што изгледаат поразлично од нас, некои што имаат други сексуални или религиски сфаќања или на некои, кои, ете, можеби само размислуваат поинаку.
Не, не е ова Европа на Гете, на Волтер, на Шилер, на Кундера… Ова е Европа на Орбан, на Фицо, на Ердоган…
Македонската фарса
Во Македонија, пак, се води беспоштедна политичка борба околу тоа кој повеќе ги мрази мигрантите. Или, подобро кажано, кој повеќе се плаши. Не знае човек кој е позгрозен од „миграцискиот бауч“, дали позицијата или опозицијата? Се расфрламе со некакви бројки, од илјадници до стотици илјади мигранти, како да не зборуваме за луѓе, туку за компири.
Премиерот се колне дека додека тој е на функција во државата, нема да влезе ниту еден мигрант! Зошто? Дека ќе му го затруе воздухот што го дише? Дека ќе направи хаос во сообраќајот? Дека ќе го наруши беспрекорното функционирање на државата?
Лидерот на опозицијата предлага собраниски резолуции за забрана на влез на мигранти. И се заканува дека ќе организира протести, ако нивната резолуција не биде прифатена од владејачката партија. Претпоставувам дека тоа е во моментов единствениот или најгорливиот проблем што државата го има, па мора да се решава преку протести.
Во Македонија, пак, се води беспоштедна политичка борба околу тоа кој повеќе ги мрази мигрантите. Или, подобро кажано, кој повеќе се плаши
Човековите права се на високо ниво, слободата на печатот цвета, здравството функционира беспрекорно, образованието ни е на ниво на Данска… Остана уште мигрантите да ги решиме и кој е како нас. Тоа е веројатно новата мантра на македонската социјалдемократија – стоп за мигрантите!
Во тој случај, навистина ми е трагична улогата на СДСМ. Ако можам политичкиот терен да го споредам со фудбалско игралиште, тогаш на теренот гледам два тима во кои играат само десни крила и десни бекови. Левата половина на теренот е сосема празна и од неа се бега како ѓавол од крст. А колку што можам да забележам и центарот некако се избегнува. Стриктно десно.
Според интензитетот на искажаната пизма кон мигрантите, нема да се изненадам ако разберам дека дома и родителите ги плашат децата со чудовишните мигранти. Нешто во стилот: „Ако не бидеш добар, дома ќе ни дојдат 150.000 мигранти.“
Патем речено, еве една новост за нашите политички корифеи: во Македонија работат државјани на Конго, на Непал, на Шри Ланка, на Кина, на Филипини… Ние, едноставно, увезуваме работна сила. И, како што сега стојат работите, ќе продолжуваме да увезуваме.
И не стои тука аргументот дека едните се една работа, а другите друга. Демек, овие со кои нам ни се закануваат се луѓе што не добиле азил во Велика Британија. Ако биле добри, ќе ги примеле и таму. Но, ајде малку да се засериозиме, што би се рекло. Зар навистина мислите дека луѓето од егзотичните земји што работат кај нас, би останале во Македонија, ако само можат да добијат азил во некоја западна земја?
Ветената земја
За крај, една вистинска приказна. Пред неколку години читав за некој мигрантски брод што настрадал во Средоземно Море. Меѓу удавените било и едно 14-годишно момче. Од Чад. Спасувачите забележале дека момчето има нешто сошиено во поставата од неговата јакна. Со право претпоставиле дека станува збор за нешто што му највредно, нешто што не смее да го изгуби, нешто што лесно ќе може да го размени кога за тоа ќе дојде време.
Кога ја распарале јакната, внатре нашле – ученичка книшка! Со сите одлични оценки! Детето тргнало од Чад. Ја поминало цела Сахара. Стасало до Либија. Се качило на тие илегални бродови. И цело време ја чувало ученичката книшка! Неговото непроценливо богатство, неговиот пасош за влез во Европа и во цивилизираниот свет!
Мислело, ете, дека секаде радо ќе го примат кога ќе видат колку е добар. Не знаело, ете, дека Мицкоски тоа нема да го дозволи додека е премиер. Не знаело дека Филипче ќе организира протести, ако тоа се случи. Не знаело дека Европа ќе го „трампа“ за 20.000 евра. Толку за политиката, луѓето, емпатијата, европската солидарност и македонската ксенофобија.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија












