Уште на почетокот една фуснота, колку да не бидам обвинет за некакво лицемерие: повеќето од оние што ме познаваат или повнимателно ме следат на социјалните мрежи, знаат дека во последно време имав некои несогласувања со Мирко Попов (1972-2024), кои одвреме-навреме поминуваа во полемички расправи, а некогаш (ретко) и во навредливи испади (конечно, каква е таа полемика, ако нема навреди, што би рекол Мирослав Крлежа).
Она што е битно тука да се каже е дека овие, ајде така да ги наречам, расправи, се одвиваа врз база на ставови и различни гледања на нештата во македонската култура. И мое длабоко убедување е дека, и покрај нивната повремена жестокост, се одвиваа врз основа на меѓусебно почитување.
И, ајде да не останам недоискажан, главната суштина на нашето несогласување се состоеше во неговата неприкосновена, дури и слепа верба во овдешната урбана култура, во проектите што (ќе) ги менуваат работите и во неговите неисцрпни енергија, ентузијазам и оптимизам дека и ние „ќе бидеме свет“ и ќе ги уриваме границите, од една страна. А од другата страна стоеше мојот (повремен) дефетизам, професионален цинизам и замор од удирањето во ѕид за бадијала.
Но, Мирко Попов, во ниту еден миг во својот кус живот, не се измори да удира со главата во ѕид. Покрај сите крвавења што ги доживуваше на својот пат. Покрај сите не(до)разбирања, потценувања, падови и презриви погледи.
Циглата во ѕидот
Не! Тој, длабоко сум убеден во тоа, знаеше дека нема сам да го урне ѕидот. Знаеше дека во таа нерамноправна битка меѓу неговата глава и непробојната градба побргу ќе ја скрши главата отколку што ѕидот ќе падне. Ама знаеше и една, би рекол, клучна работа: ако не се урне ѕидот, тогаш сигурно една, две, три… цигли ќе се поместат и ќе се изгуби статиката на нашиот вкоренет конзервативизам.
Затоа тој, на тој пат на уривање на ѕидот, искрено се радуваше за секој и сечиј, и мал, и голем успех на кој било овдешен артист, за кој било настап и настан… Затоа и толку несебично се беше впрегнал во промоцијата на урбаното. Тука најмалку мислам на неговата музика, каде што најмногу даде. Не мислам ни на урбаната култура во смисла на творештво, како што повеќето од нас ја подразбираат. Мислам на самата есенција на животот. А Мирко Попов беше токму тоа – подвижна, мислечка и бескомпромисна урбана култура. Како никој од нас.
Сите ние во еден момент правевме и правиме компромиси во социјалната средина за да бидеме прифатени или социјализирани. Сите ние, помалку или повеќе потклекнувавме под општествените норми, ако поради ништо друго, тогаш за да преживееме. Тој не правеше компромиси. А и ако направил некој, тоа било во функција на повисоката цел: промоција на урбаноста.
Симбол на градот
Затоа Мирко Попов беше симбол на Скопје. На урбаното Скопје. За мене, во сите овие години, децении, Скопје имаше три симболи: Камени мост, Кале и Мирко Попов! Едноствано, не можев и не можам да го замислам градот без него. Тој беше градот. Во секаква смисла на зборот.
Сега Мирко Попов го нема. А богами и Калето и Камени мост одамна не се во некоја форма. Градот го нема!
Мирко Попов нема да добие улица со негово име, нема да крстат училиште по него, нема да го учат во нашите осакатени учебници по историја, нема да добие споменик како Ќосето… И тоа ќе биде она што се нарекува вселенска правда. Затоа што сето ова од горенаведеното би било навреда за Мирко. Или барем јас тоа така го чувствувам.
Но, да не ширам и тука патетики и дефетизми. Мирко Попов го направи она што ретко кому му успева – ја обликуваше неговата генерации и многу други по него. Создаде едно урбано јадро, кое настапува во јавниот простор и на јавната сцена во форма на морски бранови. Има свои плими и свои осеки, ама секогаш е тука. Во градот. И тоа повеќе ништо не може да го промени.
Неговата музика може да ви се допаѓа или не, дека неговиот стил на живот може да го прифатите или не, дека можете да го сметате за ваков или онаков, ама она што никој не може да му го одземе е токму неговата верба, неговата упорност и, најмногу од сѐ, неговата утописка желба да нѐ култивира
Мирко Попов беше жив доказ дека работите можат да се менуваат и надвор од закоравените и партизирани институции. И дека и тие институции, наспроти вкоравеното мислење, можат да се манипулираат во полза на создавање еден повисок квалитет на живеење. На нешто што јас би го нарекол похуман и помериторен систем на вредности.
За жал, Мирко Попов не успеа да ја доврши својата мисија. А, да бидеме реални, и не можеше. Остана меѓу нас уште многу злоба и злобници, многу такви што од некои, прилично непознати, причини добиваат многу повисок третман отколку што Мирко Попов можеше кога било да очекува. Го видов тоа на социјалните мрежи. Уште при првата вест за болеста на Мирко. Го видов тој наводен цинизам, а во суштина одвратен лошотилак, отровна љубомора и недостиг од најелементарно воспитување.
Тоа е тој ѕид што се обидуваше да го урне Мирко Попов. Ама, пак велам, неговиот потфат никако не може да се нарече неуспешен. Влијаеше тој, не само на неговите генерации, туку и врз нас, сега веќе оматорени луѓе, кои мирно си го привршуваат својот пат.
Сакам да кажам дека неговата музика може да ви се допаѓа или не, дека неговиот стил на живот може да го прифатите или не, дека можете да го сметате за ваков или онаков, ама она што никој не може да му го одземе е токму неговата верба, неговата упорност и, најмногу од сѐ, неговата утописка желба да нѐ култивира.
Јас себеси се дефинирам како фундаментален атеист (претпоставувам слично како и Мирко), но во некои вакви моменти сакам да верувам. И верувам дека, ако Мирко по некоја можност можеше да го прочита овој текст, немаше да се сложи со поголемиот дел од него. И верувам дека ќе влезевме во расправа, во полемика. Јас тврдоглаво ќе ги бранев своите ставови, а тој ќе се исчудуваше во што се претворил оматорениот новинар.
И (веројатно) ќе паднеше по некоја навреда. И сето тоа ќе го правевме во рамките на она што се нарекува урбана култура. Значи, со меѓусебна почит и уважување. Ми недостасува тоа. Ми недостасуваш, Мирко.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија