Време да се крене рачна

Колку ли само пораки се разменија за Прочка и колку богоугодни поуки слушнавме со почетокот на велигденските и рамазанските пости. А повторно сме слика за едно незрело општество, во кое примитивноста ги киднапира сите шанси, сцената да ја уредиме по мерка на пристојна општествена и политичка култура.

Не само поради постот и молитвата, кои им помагаат на луѓето да го преиспитаат своето чувство за смиреност, разбирање и емпатија, да се воздржат од лоши зборови и мисли, туку и поради претстојните двојни избори, во кои граѓаните треба да ја изберат најдобрата понуда, се очекува јавната комуникација да биде на пристојно ниво. И со тоа да се надминат тридецениските оправдувања дека во наши услови е „нормално“ да летаат пердуви во (пред)изборен период, зашто таков ни бил табиетот и темпераментот, та немало да личиме на себе ако сме се однесувале како „Енглези“. Ајде де.

Никој не може да биде победник во општество што е поразено од корупција, трансмандатни ајдуци и профитери, унередено во многу гранки

И, еве, изборните кампањи уште не почнале, а веќе дивее еден незауздан речник, полн со навреди, омаловажувања, етикети, оцрнувања на опонентите. Што добиваат граѓаните од тоа? Токсични плотуни и огномет од бисери на примитивизмот.

Кога се форсира негативна, црна кампања, на избирачите им се испраќа директна порака дека не добиваат добра причина да излезат на избори. Односно, дека дистрибутерите на политички програми немаат ништо позитивно да им понудат. И дека им е поинтересен спектаклот во кој не се штеди на најтешки квалификации зашто ним им се чини дека така се поуверливи пред гласачкото тело, па со години го тренираат пред избори да ги слуша најодвратните изблици на вербална агресија.

Дури и кога во неизборен период сме сведочеле на разни инциденти (М-НАВ, удирање во „пајак“, фрлање филџани и корнење опрема во пленарната сала во Собранието) не умирала надежта дека и од тој „пепел“ може да се роди некој феникс, кој ќе ја донесе преобразбата за сосема поинаква атмосфера, во која такви дивјаштва повеќе нема да имаат тло да виреат. Но, се случува спротивното. Контамираното тло се шири, расте, добива „градежни маркици“ во секој сегмент од општеството.

Небаре се малку две војни во близина, па недостига самите однатре да се испотепаме – нешто со пресилни зборови, нешто со ладно оружје. Со почетокот на агресивната руска војна во Украина, светот научи дека живееме во период кога секоја тема, буквално секоја, мора да се третира и низ безбедносен аспект. Ние ги третираме низ насилен.

Додека бевме скандализирани од непримерната епизода, во која извршителка била крајно агресивна кон новинар, а потоа и кон полицаец, стигна вест дека е убиен лекар. Избоден со нож.

Досега лекари си заминуваа (ама живи и здрави) поради непостоење мерит систем при вработувањето, други поради ниски приходи и лоши услови за работа. Сега во каква фаза влегуваме? Кога ќе почнат убиства на оние што нѐ лечат, тоа е уште еден знак дека има нешто болно во општеството. Дека му треба лек, а не млатење празна слама за исти теми што ги дрдориме три децении, а ретко која е решена.

И дека работите не се решаваат ако зборот „победа“ се спомнува стопати на ден. Никој не може да биде победник во општество што е поразено од корупција, трансмандатни ајдуци и профитери, унередено во многу гранки, вклучително и онаа на која седат сите проповедници на демократијата, сфатена како анархија.

Се надевам дека во секоја партиска елита има квантум од одговорни луѓе, кои може да се заложат да се стави крај на „традицијата“ на плукање и обесмислување на еден политички натпревар

Се разбира, не сме исклучок, такви нешта има и во други земји, ама разликата е што високиот степен на нивниот севкупен развој им помага побргу и полесно да ги совладаат девијациите и да ги санираат штетите. И покрај сѐ, не е предоцна да се дигне „рачна“, да се смени лентата, да се стави прстот на чело, да се размисли каде одиме на ваков начин.

Се надевам дека во секоја партиска елита има квантум од одговорни луѓе, кои може да се заложат да се стави крај на „традицијата“ на плукање и обесмислување на еден натпревар, кој треба да биде фер и достоинствен натпревар во функција на предвидливо и спокојно утре, а не за инкасирање дивиденди за утрешна непредвидливост и хаос.

Први што можат да одржат лекција се кандидатите за претседател, наместо да се расправаат кој кого (не) поканил на ифтар, кој ќе оди или нема да оди на трибина или мастер дебати. Дебати се потребни, со тон и речник што ѝ прилега на функцијата за која претендираат. Но, пред сѐ, потребен е мастер план како да го деконтаминираме јавниот простор од лошотија, простотија и агресија. Секој што ќе се обиде да покаже личен пример во ставањето крај на таа негативна спирала може да се надева на поддршка. Во спротивно сите ќе изгубиме.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија