За две недели, на Денот на независноста, истекуваат стоте дена на Владата. Календарски ги имаше, ефективно и оперативно ги немаше. Се стопија во „мирното лето“ одбележано со бројни блокади во парламентот, распишувањето на локалните избори и ограничувањата што ги носи Изборниот закон по тој период, што прилично ѝ го стесни просторот за дејствување.
Сето тоа во време кога Македонија е соочена со пораката дека „повеќе нема време за губење“, а од друга страна со фактот дека „брзањето е лош советник“. Стоте дена на Владата беа растегнати токму меѓу овие два екстрема. Имаше и трчање, имаше и „брзање полека“, имаше и лет во место, но и големи исчекори. Договорот со Бугарија е еден од нив.
Тие сто дена ќе бидат слика, ориентир, рефлексија на намерите, идеите и патот по кој се оди. Сигналот засега посилно зрачи на надворешен план. Офанзивата на планот на евроатлантските интеграции е во блага предност пред активностите на внатрешен план, бидејќи фокусот има јасна линија. На внатрешен, законските проекти во повеќе сфери за потребите на разни категории граѓани, сѐ уште се далеку од можноста да заокружат кохерентна слика за првите есенски плодови.
Ако е јасно дека Бугарите, мигрантите, албанскиот јазик, можноста за решавање на спорот за името, ќе бидат острите камења со кои ќе се меле националистичко брашно, крајот на стоте дена на Владата мора да заврши со целосно демаскирање на таквите обиди
Зголемувањето на минималната плата, на субвенциите, законот за стечајците, евтината струја и други тековни и најавени закони, се доживуваат како нешто што мора да биде ставено опред олтарот на очекувањата, но и на претстојните локални избори. Темелните трансформативни процеси остануваат во сенка на брзи решенија.
Во пресрет на локалните избори, претпоставувам дека на партиите не им изгледа многу конјуктурно да зборуваат какви перформанси ќе има контролата врз безбедносниот систем по две години, за разлика од брзината (но и пропустите) со кои може да се инсталира водоводна цевка во места каде што сѐ уште царуваат бунарите. По правило, грешките од брзањето се исправаат по изборите, како што ќе се исправа патот Кичево – Охрид во следната деценија.
Овој тип на фушерај не смее да стане доминантна изборна понуда. Подобро е да се потпишат т.н. транспарентни договори со граѓаните, со рокови и гаранции кога одреден проект ќе се спроведе според сите стандарди, отколку да им се подметне некоја брза верзија што ќе функционира по принципот „држи вода, додека мајсторите не одат“. Брзањето да се фрли асфалт овде-онде, на начин на кој стоката сее лепешки по патот, не е начин да се покаже почит кон гласачите, ниту искрен интерес за нивните потреби.
Но, пропагандата не доаѓа на терен со вграден детектор за лаги. Доаѓа со слаткоречив говор, се повикува на сите права и потреби, нуди сѐ што може да претпостави дека ќе го заинтригира гласачкиот интерес, создава привид за конечен спас од проблемите и со контрапонуда одговара на понудата од опонентот. Ако едните пропагираат миксофилија, другите ќе произведат илјада причини за ширење на миксофобија.
Повеќе од сигурно е дека различната етничка структура на овдешното население нема да биде доволна платформа за ширење на меѓуетнички тензии. Опозицијата која страотно се изгоре во последната таква авантура, во желба да си го обнови урнисаниот рејтинг, овојпат ќе ги одмори домашните етнички „непријатели“ и ќе се посвети на екстерен фактор – мигрантите.
Всушност, тие веќе се инволвирани со една нога во таа пропаганда, па „мирното лето“ ќе продолжи со „мирна есен“ и многу немирни приказни за гости кои наводно ќе сакаат да ни ја заспоседнат земјата, да ги користат нејзините ресурси – станбени, социјални, економски, и на крај да ѝ ја сменат демографската структура. Опозицијата ќе биде во цврста кохабитација со локалните поттикнувачи на ваква паника.
Планот 3-6-9 навистина е детерминиран со определена динамика, но во нашиот случај мора да се посвети повеќе внимание на утврдување на темелите, отколку на брзината на надградбата со лесни материјали
Ако е јасно дека Бугарите, мигрантите, албанскиот јазик, можноста за решавање на спорот за името, ќе бидат острите камења со кои ќе се меле националистичко брашно, крајот на стоте дена на Владата мора да заврши со целосно демаскирање на таквите обиди. Нема членство во НАТО и ЕУ без внатрешна стабилност и добри меѓуетнички и добрососедски односи.
Немаме Папа што ќе им ги измие и бакне нозете на мигрантите од различна вероисповед, покажувајќи дека „имаме различни култури и религии, но сме браќа и сакаме да живееме во мир“. Но, таков одговор мора јасно да дојде. Сигурно не преку фотографирање со ловци на мигранти, на случајни средби. Во политиката не смее да има случајности туку јасна стратегија.
Особено што Македонија предолго живееше како бегалец од сопствената иднина, скриена во „глува соба“, со високо подигнати ѕидови кон сите, со мостови кон никого. Сега кога таа слика почнува да се менува, активностите не смеат да запрат, ниту ставовите да бидат испрани со „омекнувач“ заради добивање изборни поени и кокетирање со одредени категории гласачи.
Вредностите за кои се залага Владата треба да фатат корен и да добијат општествена самоинтерпретација. А заложбата за тие вредности не смее да зависи од прагмата на моментот – изборен или неизборен период, ниту да бидат во дефанзива пред обидот на опонентите да ги стават во манипулативни контексти.
И на крајот, без оглед какви мотиви крие последниот геџованско – дипломатски потег на Белград (џокер за регионалните интереси на Москва, очекувања по прашањето за Косово во УНЕСКО или нервоза за непречен живаљевски пристап во македонските безбедносни служби) едно е јасно – претходната власт негувала срамен вазаласки однос кон Белград. Нејзиното ликување на дипломатскиот потег на Србија е крунски доказ за чии интереси била позагрижена.
Таквиот однос ја демаскира не само како поткапацитетна да зборува за македонските национални интереси туку и како очајно беден и несоодветен партнер за каков било разговор на таа тема. Партијата која се надеваше на политички ќар од овој дипломатски зијан е изведена на бришан простoр. Преку штитот на разни живаљевиќи на крајот – заврши на него.
Мора јасно да се демаскираат демагозите кои многу ги љубат европските пари, но не и европските вредности. На крајот, политички одговорен концепт значи градење демократско општество во една целина, а не на збир од фрагментирани зони. Во таа смисла, стоте дена се само почеток. Пред да истечат, мора да се направи еден „технички преглед“ за да се да има јасна слика – дали се превенирани сите опасности од потенцијални пиротехнички проблеми. Бидејќи, добро знаеме што значи кога ги има.