Кога нашите партии не знаат што да прават со себе – се подготвуваат за избори! И влегуваат во разно-разни изборни, предизборни, безизборни и безобразни кампањи, ребрендирања, измислувања неинвентивни слогани и пишувања (наводно) политички програми, преполни со флоскули, испразнети од какво било значење.
Како што стојат сега работите, се чини дека во поголемиот дел од нашата современа историја политичките партии изгледа не знаеја што да прават со себе. Па, цело време бевме во некаква политичка кампања. Кампањски живот, што би се рекло. Од избори до избори.
Ете, двете најголеми партии во македонскиот политички блок, владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, повторно тргнаа во којзнае која по ред кампања, со што повторно се отвори прашањето за реформирање на изборниот систем.
Првото прашање што се поставува е: што не чини со сегашниот изборен систем, па тој мора да се менува? Македонија има полупропорционален изборен систем. Пропорционален е по начинот на гласање и по пресметување на пропорциите. Се гласа за партиски изборни листи и се пресметува по таканареченaта донтонова формула, според белгискиот математичар Виктор Д’Онт.
Префиксот „полу“ во дефинирањето на изборниот систем е дека се гласа во шест изборни единици, што значи дека може да се случи една (помала) партија да добие повеќе гласови од некоја друга, а да не добие ниту еден пратеник, односно гласовите да ѝ бидат „погрешно“ распоредени на целата територија на земјата, наместо да бидат концентрирани во една изборна единица.
Проблемот со пропорционалниот систем е дека гласачите не можат да ги избираат најдобрите кандидати, туку мораат да се изјаснат за целата листа, а пратеничките места ги добиваат кандидатите што се на повисоко место на листата. Во таа смисла, очекувано е (а тоа се потврдува и во пракса) пратениците да бидат полојални на партиските врвови отколку на избирачите што ги избрале на тоа место.
Еден од главните аргументи во полза на мнозинскиот изборен модел е веројатноста дека со него ќе се добие „силна“ влада. Зошто тогаш да не се вратиме на социјализмот, односно на еднопартискиот систем. Постабилна влада од таа – здравје!
Втората слабост е во добивањето на таканаречените „слаби“ влади. Со други зборови, тешко може да се очекува во пропорционалниот систем, една партија да добие мнозинство во парламентот, што значи дека мора да се прават коалиции. Коалициите, од друга страна, значат правење разни отстапки и компромиси и мачни преговори, кога треба да се донесат важни политички одлуки.
Одлуката, територијата да се подели на шест изборни единици, при што секоја од нив дава по 20 пратеници, беше образложена со пропорционалната застапеност на секој регион од Републиката.
Во 2002 година, значи годината по конфликтот, во кулоарите можеше да се слушне дека ваквата поделба е направена од стравот дека македонскиот гласачки корпус е традиционално мрзлив во изборниот процес, за разлика од гласачите од албанскиот блок.
Со други зборови, при постоење една изборна единица, а при апстиненција на македонските гласачи, би можело да се случи бројот на пратениците од албанските партии да биде значително поголем од нивната реална сила.
Веројатно е некаде на оваа трага ВМРО-ДПМНЕ, која упорно заговара мнозински изборен систем. Сега веќе повозрасните се сеќаваат дека Македонија до изборите 2002 година имаше искуство и со ваквиот начин на гласање.
Добрата страна на мнозинскиот модел е во тоа што гласачите го избираат кандидатот (не мора нужно и партијата), во кого имаат најмногу доверба. Со други зборови, се претпоставува дека вака избраниот пратеник ќе има поголема одговорност кон своите избирачи, отколку кон партијата што го делегирала. Имено, ако пратеникот ги разочара избирачите (не нужно и партијата), тешко може да очекува дека ќе биде избран и во втор мандат.
Основната слабост на овој изборен модел е тоа што не е – пропорционален. На овој начин, пропаѓаат огромен број гласови, па и теориски и практично може да се случи една партија со да кажеме 20 проценти гласови да има мнозинство во парламентот и да формира влада, што ќе рече дека огромен број од гласачите ќе останат без свои претставници во законодавниот дом.
Како пример за лошата дистрибуција на гласачката волја во ФПТП моделот се наведуваат изборите во Лесото од 1993 година. На овие избори, Конгресната партија Лесото ги освојува сите 65 места во нивниот парламент, со освоени 75 проценти од гласовите. Една четвртина од гласачите останале без свој претставник во парламентот, а парламентот владеел без никаква опозиција.
За разлика од Лесото, на првите демократски избори во Јужноафриканската Република, одржани една година подоцна, според класичниот пропорционален систем, Африканскиот национален конгрес (АНЦ) освоил 63 проценти од пратеничките места, со добиени 62,65 проценти од гласовите. Процентот на пропаднати гласови (гласови за оние партии што не избориле место во парламентот) изнесувал само 0,8 проценти.
Со други зборови, ФПТП системот на малите партии речиси не им дава никакви шанси, а големите партии ќе бидат незаинтересирани за предизборни коалиции, бидејќи е претпоставка дека нивните кандидати и онака ќе добијат повеќе гласови од кандидатите на малите партии. Значи, двопартискиот систем (во македонскиот политички блок) практично ќе биде забетониран.
Во таа смисла, еден од главните аргументи што се користат во полза на овој изборен модел е веројатноста дека со него ќе се добие „силна“ влада, која не мора да прави отстапки на своите коалициони партнери и не мора да води мачни преговори при носењето важни одлуки.
Предвремени или навремени избори секако ни следат. Останува да видиме што ќе избереме како модел за избори, а потоа што ќе избереме како модел на владеење. Во меѓувреме, партиите повторно нема да знаат што да прават со себе
Во прилог на овој аргумент оди и фактот дека одговорноста не е поделена, односно веќе однапред е лоцирана и адресирана кон партијата што ја води државата.
Од друга страна, силната влада не мора да значи и стабилна држава. Напротив. Токму незадоволството на големото малцинство незастапени избирачи може да води до латентна и постојана напнатост во општествениот живот.
На крајот на краиштата, зошто тогаш да не се вратиме на социјализмот, односно на еднопартискиот систем. Постабилна влада од таа – здравје!
Моделот што најчесто се слуша во јавноста е чистиот пропорционален систем со отворени избирачки листи. Чистиот пропорционален систем ја подразбира државата како една изборна единица, што секако е најдемократскиот начин за искажување на избирачката волја.
Она што недостасува во оваа солуција е – пописот! Со оглед на фактот дека никој веќе нема никакви податоци од кои региони колку и од кои профили луѓе се иселиле, навистина може да се случи цели региони, па и цели сталежи да останат без свои парламентарни претставници.
Има забуни и со таканаречените „отворени листи“ или таканаречено преференцијално гласање. Отворените листи се всушност затворени и партијата повторно ги избира своите 120 кандидати.
Гласачот во овој случај, освен што ја избира партијата, има право да заокружи еден или повеќе кандидати (во зависност од политичкиот договор на партиите, односно од договорениот модел), што значи дека на имињата што се наоѓаат на „добитните места“ не им е загарантирано парламентарното столче.
Отворените листи не значат дека можат да се допишуваат имиња или дека гласачот може да избира кои кандидати сака да влезат во парламентот, а кои не.
Во секој случај, од неидеалните изборни модели, се чини дека пропорционалниот секако е најдемократски, барем во однос на македонската политичка состојба и идеите за нејзин политички развиток. Најлош, од истите причини, е токму ФПТП моделот.
На крајот на краиштата, од 33 земји, членки и кандидатки за членки во Европската Унија, 25 користат пропорционален изборен систем, шест користат мешан изборен модел (комбинација на мнозинскиот и пропорционалниот модел), Франција има класичен двокружен мнозински модел, додека изборите по ФПТП системот ги спроведува единствено Велика Британија.
Предвремени или навремени избори секако ни следат. Останува да видиме што ќе избереме како модел за избори, а потоа што ќе избереме како модел на владеење. Во меѓувреме, партиите повторно нема да знаат што да прават со себе.