Регион

Рада Трајковиќ повторно ќе биде сослушана

Оливер Ивановиќ во Белград, во 2011 година. Фото: Медиа центар

Специјалниот обвинител на Косово, Суле Хоџа, кој работи на случајот на Оливер Ивановиќ, за БИРН изјави дека сака да ја сослуша Рада Трајковиќ, поради нејзините наводи оти ѝ била понудена снимка од убиството.

„Некои луѓе, би рекла од нетранспарентни кругови, ми понудија копија од касета (со снимка) од убиството на Оливер Ивановиќ. Ми кажаа дека една касета им е дадена на некои од власта, а втората дека ми е понудена мене“, изјави Трајковиќ, пренесува весникот „Данас“.

„Им реков дека ниту земам, ниту давам пари, и дека доказите, доколку ги има, треба да му бидат понудени на обвинителот во Приштина“, додаде таа.

Хоџа за БИРН изјави дека не може да каже ништо за наводните снимки, но истакна дека би сакал да зборува со Трајковиќ.

„Ја видовме изјавата на госпоѓа Трајковиќ. Уште предходно, таа беше сослушана како сведок. Како обвинител во овој случај, ќе се позанимавам со ова и ќе обрнам големо внимание на нејзината изјава“, нагласи тој.

„Таа (Трајковиќ) беше сведок, но сега ќе ја сослушаме во врска со овие изјави. Не можам да кажам ништо, бидејќи тоа е прашање на истрагата“, додаде Хоџа.

Ивановиќ, лидер на партијата „Слобода, демократија, правда“, беше убиен пред седиштето на неговата партија во Митровица, северно Косово, на 16 јануари 2018 година.

Во ноември 2018, косовските власти уапсија четири лица во врска со овој случај. Двe од нив сѐ уште се во притвор. Тие, исто така, го именуваа Милан Радоичиќ, потпретседател на политичката партија на Србите од Косово, Српска листа, како осомничено лице.

Радојиќ, познат бизнисмен, нашироко се смета за вистински носител на моќта  во северно Косово. Тој избега во Србија, каде се наоѓа на слобода. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави оти Радоичиќ не е виновен.

Ивановиќ, кој претходно се сметаше за тврдокорен националист, стана умерен политичар, кој се залагаше за соживот на српското малцинство и албанското мнозинство во Косово.

Тој, исто така, стана гласен критичар на Владата во Белград.

Пред да биде убиен, нему, во обновената постапка, му се судеше по обвинение дека дал наредба за убиство на Албанци во Митровица, за време на војната на Косово во 1999 година. Тој се изјасни дека не е виновен.